Свет
64-годишен маж од Флорида ќе биде погубен со смртоносна инјекција
64-годишниот Џејмс Денис Форд од Флорида, осуден за убиство на маж и жена додека ловеле риба, вечерва ќе биде погубен со смртоносна инјекција во првата егзекуција во американската сојузна држава оваа година, пишуваат медиумите во регионот.
Убиството се случило во присуство на детето на убиените, кое сето тоа го гледало.
Форд беше осуден на смрт за убиство на Грегори и Кимберли Малнори во 1997 година на оддалечената фарма на југозападна Флорида каде ловеле риба. Форд и Грегори Малнори работеле заедно на фарма во округот Шарлот. Врховниот суд на САД во средата ја отфрли конечната жалба на Форд без образложение.
Судот утврдил дека Форд го нападнал Грегори Малнори, прво пукајќи во главата со пушка, а потоа го претепал со тап предмет и на крајот му го пресекол гркланот. Кимберли Малнори била претепана, силувана и потоа застрелана со истиот пиштол.
Нивната 22-месечна ќерка Маранда, била сведок на убиствата додека била врзана за седиштето на отворениот пикап на семејството. Таа преживеала 18 часа пред работниците да го откријат местото на злосторството. Инспекторите рекоа дека таа била пронајдена покриена со крвта на нејзината мајка и преплавена со каснувања од комарци и други инсекти.
Маранда Малнори неодамна изјави дека не се сеќава што се случило и дека на своите родители се сеќава само преку фотографии и спомени на другите.
Форд првично и рекол на полицијата дека Малнори биле живи кога ги оставил да одат на лов, сугерирајќи дека некој друг ги убил. Пушката подоцна беше пронајдена во ров во близина на местото каде што камионот на Форд остана без бензин, а обвинителите на неговото судење презентираа докази за ДНК кои го поврзуваат со двете убиства. Поротата гласаше за смртна казна, која судијата ја прифати.
Адвокатите на Форд поднесоа бројни жалби по неговата казна, од кои ниту една не беше успешна. Неодамна, Врховниот суд на Флорида ги отфрли тврдењата дека неговиот коефициент на интелигенција од околу 65 во времето на убиствата го ставил во категоријата на интелектуално неспособен, па затоа не е подобен за егзекуција.
Судот посочи дека само обвинетите кои биле помлади од 18 години за време на кривичното дело можат да бидат неподобни за смртна казна, „и бидејќи Форд имал 36 години за време на убиствата, невозможно е тој да покаже дека е под возраста на изземање“.
Од судските списи не е јасно зошто се случило убиството. Дел од одбраната на Форд беше тоа што тој претрпел малтретирање како дете и станал алкохоличар како неговиот татко, пиејќи околу една кутија пиво дневно заедно со друг алкохол. Тој, исто така, страдал од нетретиран дијабетес, што понекогаш доведувало до губење на свеста и непредвидливо однесување, стои во написите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина демантира вмешаност во атентатот врз рускиот генерал
Украина не стои зад обидот за атентат врз генерал-полковник Владимир Алексеев, прв заменик-шеф на руската воена разузнавачка служба (ГРУ), изјави заменикот на украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, за „Ројтерс“.
„Не знаеме што точно се случи со тој генерал, можно е да станува збор за внатрешен конфликт во Русија“, изјави Сибиха.
Изјавата уследи откако руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) објави дека Украина стои зад нарачката за обидот за убиство. Според ФСБ, осомничениот напаѓач, кој пукал во генералот во Москва, бил уапсен во Дубаи и идентификуван како Љубомир Корба – руски државјанин роден во украинскиот регион Тернопил. Наводно, тој делувал по налог на украинската служба за безбедност и веќе бил екстрадиран во Москва.
ФСБ тврди и дека идентификувала двајца соучесници – руски државјани. Едниот, Виктор Васин, бил уапсен во Москва, а другата, Зинаида Серебрицкаја, побегнала во Украина.
Истражувачкиот новинар од „Инсајдер“, Христо Грозев, објави дека Васин работел за фирма поврзана со ФСБ, која произведува надзорни алатки. Според него, станува збор за компанијата „НТЦ Атлас“, подружница на државниот воено-индустриски гигант Ростех.
Алексеев, роден во 1961 година во тогашна советска Украина, е прв заменик-шеф на ГРУ од 2011 година. На 6 февруари Кремљ потврди дека бил нападнат со огнено оружје, а ден подоцна државните медиуми објавија дека преживеал операција и е во свест.
САД му воведоа санкции во 2016 година за организирање на сајбер напади за време на претседателските избори во кои победи Доналд Трамп. Бил и одликуван со титулата Херој на Руската Федерација.
Алексеев го обвинуваа и Велика Британија и ЕУ за организирање на нападот со хемиско оружје врз двојниот агент Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка во Солсбери, 2018 година.
Свет
Захарова: Неуспесите на бојното поле Киев ги заменува со терористички напади врз Русите
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека, свесен за сопствената неспособност да постигне резултати на фронтот, „киевскиот режим“ ги надоместува неуспесите со терористички напади врз цивили во Русија.
„Онаму каде што сфаќаат – а секако сфаќаат – дека не можат да постигнат резултати на бојното поле, тие неуспеси ги компензираат со терористички напади врз цивили и цивилна инфраструктура“, изјави Захарова за телевизијата „Русија 1“, пренесе ТАСС.
Таа нагласи дека Русија отсекогаш ги гледала таквите напади како дел од хибридната војна што, според неа, ја води Киев.
Свет
Оставка во кабинетот на британскиот премиер поради поврзаност со Епстин
Шефот на кабинетот на британскиот премиер Кир Стармер, Морган Максвини, денеска соопшти дека поднел оставка, откако признал дека дал совет за назначување на Питер Менделсон за амбасадор во САД — лице што било во комуникација со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.
Според „Ројтерс“, Менделсон бил именуван во 2024 година, но објавените досиеја на американското Министерство за правда откриваат обемна комуникација меѓу него и Епстин. Тоа предизвика најголема политичка криза за Стармер од неговото доаѓање на власт.
Максвини, еден од најблиските соработници на премиерот, призна дека бил директно вклучен во процесот и изјави:
„Одлуката за именување на Питер Менделсон беше погрешна. Тој ѝ нанесе штета на нашата партија, на земјата и на довербата во политиката. Преземам целосна одговорност за тој совет.“

