Свет
(Видео) Кит проголта кајакар и го исплука кај брегот на Чиле: „Мислев дека тоа е крајот“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/1227ab5d-9c07-4abb-82d7-03f67259b72b.jpg)
Грбав кит накратко проголта кајакар крај брегот на чилеанска Патагонија пред брзо да го ослободи неповреден, а сето тоа беше снимено на камера.
Минатата сабота, Адриан Симанкас веслал кајак со својот татко Дел во Баја Ел Агила, во близина на светилникот Сан Исидро во теснецот Магелан, кога од водата одеднаш се појавил кит и неколку секунди го проголтал Адриан заедно со неговиот жолт кајак. Потоа го „плукна“
Дел, кој бил на само неколку метри, успеал да го сними неверојатниот момент на камерата.
„Остани мирен, остани смирен“, се слуша како вели тој откако неговиот син излегол од устата на китот. „Мислев дека тоа е крајот“, изјави Адријан за Асошиетед прес. „Бев убеден дека ме изеде, дека ме проголта“.
Тој додаде дека вистинскиот ужас го зафатил дури откако излегол на површина, плашејќи се дека огромниот кит може да му наштети на неговиот татко или тој да загине во ледената вода.
Неколку моменти подоцна успеал да доплива до кајакот на неговиот татко. И покрај шокот, и двајцата се вратиле безбедно на брегот, неповредени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Свет
Се прават подготвки за средбата помеѓу Путин и Трамп, вечерва остварен важен телефонски разговор
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/tramp-putin4.jpg)
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио оствариле телефонски разговор и договориле редовни контакти за подготовка на средбата меѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп, соопшти руското Министерство за надворешни работи. Телефонскиот разговор се одржал на иницијатива на американската страна, се додава.
„Двете страни изразија взаемна подготвеност за интеракција за итните меѓународни прашања, вклучувајќи го и решението за Украина, ситуацијата во врска со Палестина и воопшто на Блискиот Исток и други регионални правци“, се вели во соопштението на Министерството.
Сергеј Лавров и Марко Рубио ја потврдија својата подготвеност да работат заедно за да се врати меѓудржавниот дијалог со заемна почит во согласност со тонот што го поставија претседателите.
Трамп и Путин разговараа повеќе од еден час во средата.
Свет
Сириец (23) бодеше луѓе на улица во Австрија и уби 14-годишно дете
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/01/195563.jpg)
Дваесет и тригодишен Сириец по случаен избор избол петмина минувачи во Вилах, град во јужна Австрија, извести полицијата. Во нападот загина 14-годишно момче, а четири лица се повредени. Полицијата го привела осомничениот. Мажот е сириски државјанин со легален престој во Австрија, соопшти полицијата.
„Ова е исклучителен и шокантен настан“, изјави Рајнер Дионисио, шеф на одделот за односи со јавноста на полицијата во Каринтија.
„Позадината на овој напад сè уште не е позната, а во моментов е во тек темелна истрага за целиот случај“, додаде тој.
Нападот се случил околу 16 часот на штанд за колбаси во центарот на Вилах, а 23-годишен Сириец ненадејно ги нападнал минувачите со нож, пишува „Кроне цајтунг“. Сите жртви се мажи. Две лица се полесно повредени, а две се тешко повредени.
Според пишувањата друг Сириец спречил да се случи уште поголема катастрофа. Четириесет и двегодишен доставувач на храна, исто така сириски државјанин, бил сведок на нападот. Без размислување се упатил со своето возило кон напаѓачот.
„Сакаше да оди кон центарот на градот, имаше деца на улица. Не можев да го дозволам тоа. И јас имам деца!“, рекол доставувачот.
Истрагата треба да утврди дали има можна терористичка позадина за нападот.
„Можете јасно да го видите како се смее на снимката од апсењето“, рече Дионисио.
Напаѓачот, кој претходно не и бил познат на полицијата, имал картичка за барател на азил на себе и наводно престојувал во прифатниот центар Лангауен. Сведоците исто така велат дека тој извикал Алаху Акбар.
„Ова страшно злосторство мора да има најтешки последици! Јас секогаш сум го кажувал тоа јасно. Секој кој живее во Австрија, мора да ги почитува законите и да се приспособи на нашите правила и вредности“, рече гувернерот на Корушка, Петер Кајзер.
„Секој што нема да го стори тоа мора да се соочи со најстрогите последици – да биде изведен пред суд, затворен и депортиран!“, рече тој.
И гувернерот изрази сочувство до семејството и жртвите: „Моето најдлабоко сочувство, како гувернер и пред се како татко, одам до семејството на убиениот млад човек“.
Лидерот на Партијата на слободата (FPÖ) Ервин Ангерер беше меѓу првите кои го коментираа нападот. Тој изјави дека е „длабоко шокиран од бруталниот напад со нож“ и ја критикуваше владејачката ОВП:
„Ние во Партијата на слободата со години предупредуваме за вакви ситуации, кои се резултат на катастрофалната политика за азил на владејачката партија предводена од ОВП“.
Полицијата соопшти дека се уште не е јасно дали осомничениот делувал сам, па затоа продолжува со потрагата по евентуални дополнителни осомничени.
Претходно денеска беше објавено дека 37-годишна жена и нејзината двегодишна ќерка починале од повредите здобиени откако авганистански државјанин влета неделава со својот автомобил во толпата во Минхен.
(Дополнето)
Свет
Мајка и ќерка починаа во болница по нападот со автомобил во Минхен
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/nadap-minhen-EPA.jpg)
37-годишна жена и нејзината двегодишна ќерка починаа во болница во Минхен од повредите со кои се здобија откако авганистански државјанин влета со автомобил во толпа луѓе во Минхен во четвртокот, соопшти германската полиција, потврдувајќи дека мајката и ќерката се првите жртви на нападот.
Полицијата соопшти дека најмалку 39 лица биле повредени во четвртокот кога 24-годишник од Авганистан влетал со автомобил на протестен митинг организиран од синдикатот Верди.
Возачот е уапсен на местото на настанот, а следниот петок треба да се појави на суд.
„За жал, денеска треба да ја потврдиме смртта на двегодишно дете и 37-годишна мајка“, изјавил за новинската агенција АФП портпаролот на полицијата Лудвиг Валдингер.
Нападот со автомобил врз демонстрантите во Минхен се случи десет дена пред федералните избори во Германија. Според првичната истрага мотивот е радикален исламизам.