Македонија
Вработените во Филхармонијата со писмо до Мицкоски: Директор се избира легитимно на конкурс и треба да биде со најдобра програма и професионални квалификации
Вработените во Македонската филхармонија преку писмо се обратија до премиерот Христијан Мицкоски и министерот за култура Зоран Љутков, по повод конкурсот за избор на директор на оваа институција кој е во тек. Тие како што велат се со надеж дека надлежните ќе го имаат во предвид значењето на институцијата, при носењето на финалната одлука за назначување на нов директор.
„Би сакале однапред да укажеме, за да не се повтори погубната практика на кадровски грешки кои беа составен дел од водењето политика во минатото.
Уште во јуни, пред формирањето на новата Влада, во еден медиум, г-дин Изет Меџити јавно објави дека ВЛЕН ја “добил” Филхармонија и дека Мустафа Имери ќе биде првиот Албанец, кој ќе раководи со институцијата. Оваа скандалозна објава ја руши легитимноста на конкурсот кој се уште е во тек, бидејќи името на г-дин Имери се уште фигурира низ кулоарите како сигурна и договорена опција за директорското место на нашата институција.
Во вашата програма и пред изборите, освен богатата програма со проекти за напредок на Македонија во сите сфери, се нагласуваше и кадровскиот потенцијал на идната владина коалиција со нагласена решителност за справување со корупцијата и примената на т.н. мерит систем, односно поставување на кадри и напредување врз основа на компетентност, способност и професионални заслуги. Токму на тој начин, треба да се избере и директор на нашата институција, според законски утврдена процедура со вградени критериуми од страна на ресорното Министерство. Секој друг начин за избор на директор со кој се прескокнуваат највисоките скалила на одлучување е голема храброст (или дрскост). Лицитацијата на функции без спроведување на законска процедура со јасно утврдени критериуми е навреда за дејците во културата, а во таа насока и за нас, вработените во Македонската филхармонија.
Директор на Филхармонија легитимно се избира на конкурс, и треба да се избере кандидатот со најдобра програма и професионални квалификации и референци“, му порачуваат вработените во Филхармонија на Мицкоски и Љутков.
Македонска филхармонија, како што додаваат, е единствен државен симфониски оркестар во земјата, кој осум децении освен што ја промовира класичната музика на највисоко ниво е главен промотор и на македонската музичка мисла и на домашните композитори и изведувачи од нејзиното основање до денес.
„Оркестарот во изминатите осумдесет децении имаше подеми и падови, се соочуваше со многубројни проблеми, пред се, со недостаток на сопствен концертен простор. Со изградбата на новата концертна сала, музичарите од Македонската филхармонија ги добија сите неопходни услови за работа, а Македонија може да се пофали дека е единствена земја во регионот, чиј државен симфониски оркестар има свој дом. Сонот на нашите претходници, на низа генерации музичари конечно стана реалност, нивниот сон го живееме ние денеска, одржувајќи ја во живот богатата македонска музичка традиција. Онаа која композиторот Тодор Скаловски во далечната 1944 година, визионерски ја преточи во камен -темелник на македонската музичка култура.
Другите земји во светот имаат по неколку државни симфониски оркестри, Македонија има само еден – тоа е Македонската филхармонија. Таа е национален симбол, таа е столб на македонската култура, наш најголем амбасадор во светот.
Токму поради тоа, за нас е исклучително важно кој ќе застане на чело на нашата институција, бидејќи тоа ја одредува насоката во која ќе продолжиме да се движиме во иднина.
Мисијата на нашите основоложници и претходници за нас е светост, таа е аманет, кој, ние вработените го чуваме како најскапоцен дар, и ќе продолжиме да се бориме за да го зачуваме, бидејќи Македонската филхармонија не е само единствен симфониски оркестар во државата, туку и верен чувар на нашиот национален идентитет“, се истакнува во напишаното.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

