Македонија
МВР во мобилизација на сите потенцијали за успешно спроведување на безбеден сообраќај
Директорот на Бирото за јавна безбедност во МВР, Александар Јанев денеска оствари средба со членовите на оперативниот штаб на МВР надлежен спроведување на оперативната акција „Безбеден сообраќај“, притоа истакнувајќи го фактот од неопходноста за преземање на оваа оперативна акција на територијата на цела држава која што е во тек на средбите беа констатирани неколку суштински точки на кои што министерството ќе се фокусира во наредниот период.
„Разговаравме најпрво околу нужноста од што побрз старт на автоматизираниот систем за надзор „Сејф Сити“ по завршување со правните, односно нормативни измени, иако технички тој е веќе подготвен да се пушти во употреба, меѓутоа примарно е да се заврши регулативниот дел околу законските прописи. Воедно беше констатирано дека е потребно вклучување на општинските служби, на општествено одговорните компании и на граѓанските здруженија кои што заедно со надлежните полициски организациони единици ќе работат на заеднички проекти насочени на подигнување на свеста на луѓето при учество во сообраќајот.“, потенцираше директорот Јанев.
Беше донесено одлука преку кампањи, летоци, билборди и друг промотивен материјал да се засили превентивното работење почнувајќи од децата па се до сите учесници во сообраќајот и почнувајќи од граничните премини при влез и излез од државата.
Покрај ова беше потврдена и потребата за модернизирање и надградување на низа процедурални, технички и подзаконски механизми во секојдневното полициско постапување и во работењето на логистичките служби. Меѓу другото, беше заклучено да се продолжи со натамошна мобилизација на сите полициски служби и решеноста драстично да се променат актуелните сообраќајни стандарди како во поглед на безбедноста во сообраќајот така и во поглед на почитувањето на сообраќајните прописи.
Воедно, во МВР се одржа состанок посветен на анализа на неодамна одржаната симулациска вежба – „Сообраќајна незгода помеѓу ПМВ комбе кое превезува мигранти и патнички автобус во која има поголем број на повредени лица и жртви“, на која присуствуваа претставници од повеќе организациски едници на МВР, Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, Бригадата за противпожарна заштита при град Скопје, Центар за управување со кризи, претставници од Алфа ТВ и општина Илинден, коишто исто така земаа учество во вежбата.
Директорот Јанев оцени дека резултатите од вежбата се задоволителни, оправдувајќи ја нејзината цел – да се прикажат постоечките капацитети и подготвеност на припадниците на министерството, но и на другите надлежни институции во таквите сложени ситуации, и секако да се има јасен увид во ефективноста на заедничкиот и координиран пристап во справување при кризни состојби.
„Вежбата, дополнително беше извонредна можност за детектирање на сите можни слаби точки во ланецот на координирано делување а се во насока на изнаоѓање на нови можности, нови идеи за унапредување на меѓуресорската и меѓуинституционалната соработка на сите релевантни чинители во кризни ситуации.“, потенцираше директорот Јанев.
Инаку на состанокот еден од заклучоците беше дека е неопходна изработка на Стандардни оперативни процедури (СОП) и протокол за постапување во вакви и слични ситуации, кои ќе бидат достапни на ниво на цела држава за надлежните институции кои би требало да имаат свои командни центри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.

