Регион
Вучевиќ: Секоја закана за Вучиќ е закана за Србија
Српскиот премиер Милош Вучевиќ остро ги осуди, како што истакна, застрашувачките смртни закани кон претседателот Александар Вучиќ, неговото семејство и претседателката на Народното собрание Ана Брнабиќ упатени на социјалната мрежа Х и ги повика надлежните органи итно да реагираат со цел да се идентификуваат и санкционираат оние кои повикуваат на убиство на српскиот претседател.
Вучевиќ во објава на Инстаграм истакна дека ова не е прв пат некој да му се заканува на претседателот Вучиќ и членовите на неговото семејство на социјалните мрежи, додавајќи дека тоа обично се случува во ситуации кога Србија е нападната и однадвор и од внатре, а претседателот на Србија дава натчовечки отпор и му ја кажува на народот вистината за се што се случува.
„Во атмосферата на линч создадена од разни интересни групи и опозицијата, свесни дека немаат што да добијат од изборите, ваквите монструозни закани можат да бидат поттик за некое чудовиште да помисли да го пренесе напишаното на социјалните мрежи во реалниот живот“, рече Вучевиќ, осврнувајќи се на заканите упатени на социјалните мрежи на српскиот претседател.
Вучевиќ додаде дека очекува надлежните државни органи итно да реагираат за да се откријат и санкционираат оние кои повикуваат на убиство на претседателот и неговото семејство.
Тој нагласи дека е неприфатливо некој да користи насилство и закани во борбата против легално и легитимно избран претседател и постојано да промовира насилство како средство за доаѓање на власт, а, како што вели, лицемерно да се залага за цивилизирано и демократско општество во кое власта се добива и губи на избори, а не со атентат на претседателот.
„Мојата порака до сите насилници, нивните истомисленици, финансиери, спонзори и други болни умови е дека сме порешителни од кога било да ја зачуваме нашата Србија и да го браниме нејзиниот уставен и правен поредок. Нема сила што ќе не спречи уште посилно да ја браниме волјата на народот, а народот јасно кажа дека сака да биде предводен од Александар Вучиќ затоа што тој е гарант за сигурна иднина затоа што гради модерна, силна и слободна Србија“, рече Вучевиќ.
Тој додаде дека тоа е она што најмногу им пречи на хејтерите, дека Александар Вучиќ е најсилната бариера за сите странски и домашни обиди Србија да се врати во времето кога беше слаба, сиромашна и угнетена.
Вучевиќ истакна дека очекува, покрај јасниот одговор од државните органи на смртните закани кон претседателот на Републиката, дополнително да се подигне нивото на будност на целата јавност, нагласувајќи дека секоја закана за Александар Вучиќ е закана и за Србија, нејзината стабилност и нејзината иднина.
„Нема да ја победите Србија“, нагласи Вучевиќ.
Синоќа при гостувањето на српскиот претседател Александар Вучиќ во емисија, на социјалната мрежа Х беа објавени брутални закани кон претседателот на Србија, неговото семејство и претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Српските патници кои беа евакуирани од Дубаи: „Ни рекоа за 15 минути да се спакуваме“
Авион на „Флај Дубаи“ од Обединетите Арапски Емирати со 200 државјани на Србија слета утрово во Белград. Тоа е првиот лет кон Србија по прекинот на летовите поради тензиите на Блискиот Исток.
Како што пренесе РТС, една патничка која утрово слетала во Белград патувала од Кенија преку Дубаи. Таа изјавила дека околу три часа ги „држеле горе на небото“, по што слетале.
Двојка од Бачка Паланка допатувала од Малдивите.
„Слетавме во Дубаи и патувањето требаше да продолжи понатаму. Авионот полета, кружеше некое време и повторно се врати на аеродромот во Дубаи од безбедносни причини. Во меѓувреме се случи тоа што се случи со Иран“, изјавиле патниците за РТС.
На прашањето дали почувствувале страв, тие одговориле дека не.
„Не, бевме сместени во еден хотел кој е на околу 20 километри од центарот на градот, така што слушнавме некои детонации, но не се плашевме, имавме прекрасна група“, велат тие.
„Прво се јавивме во нашата амбасада, која направи список на патници што се најдоа на аеродромот во Дубаи, дури и амбасадорот нè посети во хотелот и му благодариме за тоа. Имавме идеални услови во хотелот и чекавме да нè известат за враќањето, а буквално ни беше кажано за 15 минути да се спакуваме“, навеле патниците.
Регион
Авион од Дубаи слета во Белград, евакуирани 200 српски државјани
Авион од Дубаи со 200 српски државјани слета денес во Белград, откако летовите меѓу Обединетите Арапски Емирати и Србија беа суспендирани поради тензиите на Блискиот Исток.
Првиот авион со 200 патници полета од аеродромот во Дубаи синоќа, објави Радио телевизија Србија (РТС).
Аеродромот во Дубаи објави дека првиот лет од Обединетите Арапски Емирати до Србија, по суспензијата на воздушниот сообраќај, полетал околу 23:30 часот по централноевропско време.
Авионот е Боинг 737 MAX 8, со капацитет од 162 до 200 патници, управуван од авиокомпанијата „Флајдубаи“.
Во меѓувреме, авиокомпанијата Емирати објави дека го продолжува сообраќајот со реализација на ограничен број летови.
„Приоритет им се дава на патниците со претходни резервации, а оние кои се прераспределени на овие ограничени летови ќе бидат контактирани директно од компанијата Емирати“, се вели во соопштението.
Компанијата ги повика патниците да не доаѓаат на аеродромот освен ако не бидат однапред известени, додавајќи дека сите други летови остануваат суспендирани до понатамошно известување.
Летовите беа откажани поради американско-израелската воена кампања започната во саботата против Иран, во која загинаа неколку високи ирански функционери, вклучувајќи го и врховниот лидер Али Хамнеи.
Како одговор, Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети врз Израел, како и врз неколку земји во регионот каде што се наоѓаат американски воени објекти.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

