Економија
Средба Ангеловска-Бежоска и Камер: Независноста на централната банка е предуслов за макроекономската стабилност

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска се сретна со Алфред Камер, директорот на Меѓународниот монетарен фонд за Европа, на маргините на конференцијата на високо ниво „Справување со геоекономската фрагментација“, во организација на Холандската централна банка.
„Независноста на централната банка е јавно добро што мора да се зачува. Централните банки можат успешно да ги исполнат своите цели само ако се независни, вклучително и преку одржување силна финансиска самостојност заради ефективно спроведување на политиките. Народната банка на Северна Македонија успешно се справи со големиот број неодамнешни предизвици благодарение на нејзината независност и кредибилитет, коишто мора да се зачуваат“, изјави Алфред Камер, директорот на ММФ за Европа.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска изрази благодарност до директорот Камер за техничката помош од ММФ, како и за препораките за начинот на изменување на Законот за Народната банка и за усогласување со најдобрите меѓународни практики за заштита на независноста на централната банка. „Независната монетарна политика е предуслов за одржување на стабилноста на цените и девизниот курс, особено во време на предизвици кога во глобалното опкружување и понатаму владеат висока неизвесност и геополитички ризици“, рече Ангеловска-Бежоска.
На конференцијата на високо ниво, гувернерите и замениците на гувернерите од земјите коишто се дел од холандската конституенца на ММФ, заедно со претставниците на високо ниво на ММФ, разговараа за геополитичките ризици и влијанијата врз економиите, како и за краткорочните и за долгорочните решенија на политиките за ублажување на можните негативни ефекти. На Конференцијата учествуваше и вицегувернерката Емилија Нацевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.
Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“
Економија
Дизелот поевтинува за 2,5 денари

Од ноќеска на полноќ дизелот ќе поевтини за 2,5 денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 77,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,188 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,499 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менуваат.