Свет
Иран: Подготвени сме да ја браниме нашата нуклеарна програма

Иран ја бранеше својата нуклеарна програма и нема да се двоуми да продолжи да го прави тоа, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багаи еден ден откако Израел и САД ветија дека ќе се спротивстават на иранските нуклеарни амбиции.
„Иранската мирољубива нуклеарна програма продолжува, како и во изминатите три децении, врз основа на правата на Иран како потписник на Договорот за нуклеарно неширење. Дефинитивно нема да покажеме слабост по ова прашање“, рече портпаролот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху еден ден претходно, по средбата со американскиот државен секретар Марко Рубио во Ерусалим, изјави дека САД и Израел се решени да се спротивстават на нуклеарните амбиции на Иран и неговото влијание на Блискиот Исток.
Рубио рече дека „зад секоја терористичка група, секој чин на насилство, зад секоја дестабилизирачка активност, се што ги загрозува мирот и стабилноста за милиони луѓе кои овој регион го нарекуваат дом, стои Иран“.
За време на неговиот последен мандат во 2018 година, американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече САД од нуклеарниот договор меѓу Иран и нуклеарните сили и воведе нови, строги санкции врз него. Иран одговори со прекршување на ограничувањата на тој договор со надополнување на залихите на збогатен ураниум, рафинирање на својата фисилна чистота и инсталирање центрифуги за да го зголеми своето производство.
Спорот за иранската нуклеарна програма повторно ескалира во последните месеци.
По критиките од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Техеран во ноември објави дека планира да стави во функција илјадници нови центрифуги за збогатување ураниум.
Иран моментално збогатува ураниум до 60 проценти. Експертите тврдат дека за нуклеарно оружје тоа треба да се збогати на повеќе од 90 проценти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Орбан вели дека светот е побезбедно место по средбата меѓу Трамп и Путин

Светот е побезбедно место по средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин во Алјаска, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Со години гледавме како двете најголеми нуклеарни сили ја елиминираат рамката на нивната соработка и си испраќаат пораки едни на други“, напиша Орбан на Фејсбук.
Тој додаде дека сега таа практика е завршена.
„Светот денеска е побезбедно место отколку што беше вчера“, рече Орбан.
Светските лидери денес реагираа на самитот меѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин, а како што објавија медиумите, реакциите беа поделени – некои го критикуваа недостатокот на конкретни резултати, додека други ја нагласија важноста на самиот дијалог.
Свет
Русија во текот на ноќта лансираше 85 беспилотни летала кон Украина

Русија во текот на ноќта лансираше 85 беспилотни летала и една балистичка ракета кон територијата на Украина, објавија утринава украинските воздухопловни сили.
Нападите во текот на ноќта беа насочени кон области на линијата на фронтот во регионите Суми, Доњецк, Чернигов и Дњепропетровск, објавија воздухопловните сили на каналот Телеграм.
Оттаму, исто така, наведуваат дека нивните единици за противвоздушна одбрана уништиле 61 беспилотно летало.
Главниот штаб на украинските вооружени сили објави во својот дневен утрински извештај дека во текот на изминатите 24 часа на линијата на фронтот имало 139 судири со непријателот.
Од друга страна, руските системи за противвоздушна одбрана во текот на ноќта пресретнале и уништиле 29 украински дронови над различни руски региони, вклучувајќи 10 беспилотни летала над Ростовскиот регион, објавија утринава руските медиуми, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана.
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин, по нивната вчерашна средба во Алјаска, не споменаа ништо за потенцијален прекин на огнот во војната во Украина.
Свет
Зеленски во понеделник ќе отпатува за Вашингтон на разговори со Трамп

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделник ќе отпатува за Вашингтон на разговори со американскиот претседател Доналд Трамп, објави Зеленски на Телеграм по денешниот телефонски разговор со Трамп, јави ДПА.
Зеленски рече дека претходно телчефонски разговарал со Трамп повеќе од час и половина, откако американскиот претседател синоќа се сретна со рускиот лидер Владимир Путин во Алјаска.
„Во понеделник ќе разговараме за сите детали во врска со завршувањето на убиствата и војната“, рече Зеленски, додавајќи дека е „благодарен за поканата“