Македонија
Ѓорѓиевски: Не смее да има недопирливи функционери, ЗЕЛС иницираше законски измени за одговорност
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес присуствува на четвртиот консултативен настан за измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа, каде со министерот, претставници од Министерството за локална самоуправа, градоначалници, експерти, УНДП и граѓанскиот сектор се дискутира за клучните реформи што треба да ја направат локалната власт поодговорна и поефикасна.
Главното барање, кое беше иницирано од ЗЕЛС уште пред година и половина, е воведување механизам за отповикување на градоначалниците, чекор што ќе ја врати вистинската моќ во рацете на граѓаните. Претседателот Ѓорѓиевски порача дека локалната власт мора да биде ефикасна, отчетна и вистински одговорна пред оние кои им го дале мандатот и довербата. Според него, оваа законска промена е неопходна, бидејќи во моментов градоначалниците се единствените функционери во државата кои не можат да бидат отповикани, што е недозволиво во едно демократско општество.

„Мене ми е исклучително драго што ова беше иницијатива уште пред година и половина на ЗЕЛС и на која се надоврзаа сите општини и ми е драго што Министерството за локална самоуправа ја препозна нашата идеја, предлози и барања. Ова е четврта сесија на која што се разговара отворено, транспарентно за сите измени кои што треба да ги претрпи Законот за локална самоуправа. Има прашања кои долги години лебдат, не биле затворени и ова е вистинска можност силата да се врати кај суверенот, кај граѓаните, поврзано со мандатите на градоначалниците, но ние бараме да биде исто и со советниците, така што верувам дека денес ќе произлезат и нови предлози, добри предлози кои во перспектива можат да бидат имплементирани.
Она што ние од самиот почеток го побаравме, а наиде на најголем интерес кај јавноста е отповикувањето на градоначалник. Можноста, повторно суверенот-граѓанинот да ја има моќта и да го разреши оној кој го гласа и го назначува, односно градоначалникот, кој патем е единствениот функционер во моментот во државата кој не може да биде отповикан. Така што, уште еднаш ја поздравувам иницијативата на Министерството за локална самоуправа и се надевам дека на крајот на денот, сите заеднички ќе допринесеме за едно законско решение, едни законски измени кои на долг рок ќе бидат во интерес на граѓаните“, изјави претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја делови од Гази Баба и Ѓорче Петров
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 14.30 часот, корисниците на обејкт на Меркур Македонија. (општина Гази Баба)
· во периодот од 09.00 до 14.30 часот, корисниците на дел од улицата Радушка (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер претежно од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на стабилна воздушна маса следува период на суво и стабилно време. Утринската температура ќе се спушти под нулата, а во одредени котлини ќе има услови за појава на магла.
Македонија
Центар наскоро ќе стане првата општина во земјава со систем за мерење на бучава, рече Герасимовски
Општина Центар наскоро ќе стане првата општина во земјава со систем за мерење на бучава во реално време, најави градоначалникот Горан Герасимовски. Според него, јавната набавка е завршена, а веднаш по изборите ќе бидат поставени 30 мерни единици на различни локации.
„Заврши јавната набавка, чекаме да поминат изборите за да ги поставиме мерните единици – првично 30. Преку мобилна апликација, секој граѓанин ќе може да провери каква е фреквенцијата на бучава на одредена локација“, изјави Герасимовски.
Системот, како што објасни, ќе им овозможи на граѓаните докази при пријавување во Министерството за внатрешни работи или до општинските инспекциски служби. Целта е брза и ефикасна реакција на прекршителите, особено во зони каде што постојат проблеми со прекумерна бучава од угостителски објекти и сообраќај.
Во вториот дел од изјавата, Герасимовски зборуваше за следниот голем проект на општината – постепено затворање на Дебар Маало за моторен сообраќај, со што ќе се намали хаосот со паркирањето и ќе се создаде подобар квалитет на живот за жителите.
„Имаме ревидиран проект за затворање на Дебар Маало. Тој е доставен до Министерството за внатрешни работи и веќе имавме два состанока со МВР за да го подобриме и да добиеме одобрување. Така и беше договорено на последниот состанок“, рече Герасимовски.
Планот е Дебар Маало да се затвора дел по дел, почнувајќи веднаш по завршувањето на изборниот процес, а првата рампа веќе е поставена.
„Веќе поставивме рампа на почетокот на Боемска улица. Разговараме за начинот на кој таа зона ќе функционира, и тоа ќе биде пример за затворање и на други населби каде што сообраќајот и паркирањето се хаотични“, додаде градоначалникот.

