Македонија
(Видео) Петрушевски: Тоа што нема постапка против обвинителот и судијата врз кои Наќе Георгиев и Иџет Мемети влијаеле, покажува дека Љупчо Коцевски е пулен на СДС

Тоа што нема постапка против обвинителот и судијата врз кои Наќе Георгиев и Иџет Мемети влијаеле покажува дека Љупчо Коцевски е пулен на СДС, истакнува Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако Љупчо Коцевски работеше по закон, и ако сакаше да покаже дека може и знае да работи, тој ќе поведеше постапка против обвинителот и судијата врз кои Наќе Георгиев и Иџет Мемети извршиле влијание за Боро Марлборо да добие поблага казна.
Тоа што Иџет Мемети и Наќе Георгиев завршија со спогодба, а корумпираните судии и обвинители врз кои тие влијаеле останаа да правораздаваат покажува колку Љупчо Коцевски немал идеја што треба да работи, или не сакал.
Љупчо Коцевски можеше да го отстрани дивото месо од обвинителството и судството, но тој избра да биде послушник на СДС и да ги штити нивните извршители во правосудството“, вели Петрушевски.
Љупчо Коцевски, додава тој,и нема еден сработен случај, за кој можат граѓаните да кажат дека знаел што работел, напротив има многу случаи во кои не постапил воопшто.
Според него, Љупчо Коцевски мора да си оди. Додаде дека ЈО треба да работи во корист на народот, а не на СДС.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце се чека 20-ина минути

Од 9.45 часот сообраќајот на автопатот Тетово – Скопје е нормализиран, инфмормираат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на Табановце времето на чекање за влез и излез од државата е 20-ина минути, на другите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Одбележана 24-годишнината од загинувањето на десеттемина армиски припадници кај месноста Карпалак

Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, предводена од државниот секретар Елизабета Чуповска-Ристова и директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, денеска положија венец со свежо цвеќе на спомен-обележјето на македонските бранителите, кои своите животи ги загубија кај месноста Карпалак во 2001 година.
Десеттемина прилепски бранители, Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, ги положија своите животи за зачувување на независноста, суверенитетот и на територијалниот интегритет на татковината.
Во спомен на бранителите на спомен-обележјето свежо цвеќе положија и делегации од Владата предводена од заменик-претседателот на Владата за политички систем, Љупчо Димовски, од кабинетот на претседателката и врховен командант на Армијата, претставници од семејствата на загинатите припадници на Армијата, од здруженија на граѓани и од политички партии.
Венци со свежо цвеќе ќе бидат положени и пред спомен-обележјето на македонските херои во центарот на Прилеп.
Македонија
Семејна заштеда и помал притисок за родителите: Дурмиши за поевтинувањето на училишниот прибор

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска ја промовираше новата владина мерка „Училишна кошничка“, насочена кон намалување на трошоците за училишен прибор и заштита на семејниот буџет пред почетокот на новата учебна година.
„Веруваме дека образованието треба да биде еднакво достапно за сите – без оглед на семејниот приход. Затоа, заедно со Владата, преземаме мерки што овозможуваат секое дете да започне со училишните обврски под еднакви услови, а родителите да почувствуваат конкретно олеснување,“ изјави министерот Дурмиши.
Согласно членот 29 од Законот за трговија, Владата на Република Северна Македонија вчера усвои Одлука за утврдување на највисоки цени за продажба на училишен прибор во малопродажба и големопродажба, која ќе важи од 15 август до 15 септември 2025 година.
Според одлуката се предвидува намалување на цените на училишен прибор најмалку за 10% во трговијата на големо и 15% во трговијата на мало.
Мерката, според соопштеното, важи за сите видови продавници кои продаваат училишен прибор – од книжарници, преку супермаркети, до спортски продавници.
„Ќе биде опфатен широк спектар на производи: тетратки, ранци, моливи, боици, фломастери, калкулатори, ножици, лепак, папки и други основни материјали.
Секој производ што ќе биде опфатен со оваа мерка ќе биде јасно означен со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, а во сите продавници ќе биде поставен плакат со информации за мерката, со цел потрошувачите да имаат целосна и транспарентна слика.
Цените ќе се споредуваат со референтната цена од 1 јуни 2025 година или со набавните документи за поново внесени производи. Тоа значи дека намалувањето е реално, проверливо и фер – и за потрошувачите и за трговците,“ појасни министерот.
Оваа мерка, како што потенцираше Дурмиши е дел од поширок системски пристап на Владата да интервенира таму каде што трошоците се највисоки, а потребите најголеми.
„Минатогодишната „Училишна кошничка“ беше исклучително успешна – заштедите по ученик изнесуваа од 750 до 2.000 денари. Секоја семејна заштеда значеше повеќе можности за децата, а помал притисок за родителите,“ изјави Дурмиши.
Министерот подвлече дека целта останува иста, да им се овозможи на сите ученици еднаков и достоинствен почеток на учебната година, без финансиски бариери.
„Продолжуваме со следење на состојбите на терен, анализи и дискусии за нови мерки – секогаш водени од интересот на граѓаните. Образованието треба да почне со насмевка – а ние сме тука да помогнеме тоа навистина да се случи,“ вели Дурмиши.