Македонија
Јакимовски: Повторно угинати животни во скопската Зоолошка градина, итно затворање и одговорност од надлежните
Градската организација на Либерално-демократската партија, бара одговорност за последното угинување на животни во зоолошката градина во Скопје, и како директни виновници ги посочува раководството на Зоолошката градина во Скопје и градоначалничката Данела Арсовска.
„Во вторникот на 11 февруари, при утринска контрола во Зоолошката градина затекнати се угинати животни, берберски овци, кои се последните жртви од лошото менаџирање како со Зоолошката градина, така и со градот од страна на градоначалничката Арсовска. За неполн мандат сведоци бевме на кланица на коњи за храна во градината и крвта на Илинденска, угинаа жирафите, слоницата, Царскиот орел, лавот Жика, потоа угинаа ретките и заштитени Пржевалски коњи и имаше епидемија на птичји грип, за еве денес да слушнеме дека минатата недела угинал уште еден вид на ретки животни“, изјави претседателот на Градската организација на ЛДП, Филип Јакимовски.
Посочува дека ова е уште еден во низата скандали кои ја тресат градската администрација и јавните претпријатија.
„Некадарноста на директорите и слабото менаџирање од страна на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, ние граѓаните го плаќаме секој ден. Зоолошката градина е претворена во Градина на стравот и измачувањето, каде што секојдневно животни умираат под мистериозни околности кои никогаш не се до крај разјаснети. Затоа, бараме надлежните институции веднаш да постапат и да истражат како дошло до угинување на животните и конечно, некој за своите дела да понесе одговорност“.
ЛДП во континуитет бара одговорност од Арсовска и нејзините кадри, истовремено иницирајќи ја идејата за враќање на можноста за разрешување на градоначалници, кои согласно постоечкиот закон, се заштитени и не можат да бидат сменети без одржување на избори.
„Упатуваме апел по овој грозоморен чин, додека не е предоцна и додека не угине уште некое животно, веднаш да се затвори и да се пломбира Зоолошката, додека не се утврди дека е безбедна како за животните, така и за вработените и посетителите. Ги повикуваме надлежните институции да постапат, да истражат како е можно толку многу животни да угинат во Зоолошката градина за толку кратко време и да има најстроги казни за оние кои го дозволиле тоа“, додава Јакимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

