Македонија
(Видео) Митева за разрешувањето на Коцевски: Јавниот обвинител покрај правна, подлежи и на општествена одговорност

На денешната седница беше разгледано мислењето од Министерство за правда по кое владата отвори сериозна дискусија, информира на прес-конференција Марија Митева, портпаролка во Владата.
„Постапувајќи по заклучокот кој беше донесен на претходната владина седница со која го задолживме Министерството за правда да преземе активностите во однос на поведување на постапка за разрешување на Јавниот обвинител, Министерство за правда го достави мислењето во кое се нотирани следниве состојби: Како прво: нарушениот углед на институцијата со која раководи јавниот обвинител, затоа што чувањето на угледот на институцијата е должност која потекнува од Законот за јавно обвинителство, конкретно член 4 став 1“.
Целокупната јавност, потсетува Митева, во изминатиов период беше сведок на низа скандали, нарушена функционалност на ЈО, незаконски постапувања и корупција, неефикасност и повреда на принципите и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите.
Ваквите состојби, како што рече, се комплетно спротивни на обврските кои произлегуваат од законските надлежности.
Според неа, во случајот, не станува збор само за перцепција само на Владата, туку тоа е констатирано од стручна јавност, констатирано е во извештаи кои имаат конкретни, мерливи и објективни показатели.
„Во оваа смисла, Владата цени дека придонесот од јавниот обвинител за овие состојби е значителен и е резултат на низа пропусти и повреди во неговото постапување и извршување на функцијата. Овие дејствија со кои се предизвикани тешки последици по функционирањето на јавното обвинителство со што е направено намерна и неоправдана крупна професионална грешка се правните аргументи со кои што ќе побараме разрешување на Јавниот обвинител пред истекот на мандатот. Дополнително како Влада цениме дека јавниот обвинител покрај правна одговорност, подлежи или би требало да подлежи и на поширока општествена одговорност, особено пред органот кој што го избрал, а пред се пред граѓаните чии интереси треба да ги штити. Согласно вака утврденото мислење, Владата го задолжи министерството за правда да достави предлог за разрешување на јавниот обвинител, кое пак Владата ќе го достави до Советот на јавните обвинители од каде согласно законските одредби потребно е да се добие мислење“, нагласи Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.