Македонија
Јаневска: Продолжува поддршката за студирање на најдобрите светски универзитети
Владата и Министерството за образование и наука продолжуваат да обезбедуваат финансиска поддршка за граѓаните на Македонија кои ќе се запишат на додипломски, постдипломски или докторски студии на некој од најдобрите светски универзитети според Шангајската ранг листа. Конкурсите за доделување на стипендии за академската 2025-2026 година се објавени, а крајниот рок за аплицирање е 12 септември.
За ова денеска информираше министерката за образование и наука Весна Јаневска, која потсети дека станува збор за мерка што веќе 15 години ја спроведува државата, но овој пат, со одредени модификации на условите за корисниците по стекнувањето на дипломата.
„Целта на измените е да се обезбеди ефективност на оваа мерка која, чини многу пари, ако се има предвид дека студирањето на најдобрите универзитети е исклучително скапо и на годишно ниво исплаќаме до 40.000 американски долари само за покривање на уписнината, а дополнително се покриваат и трошоците за живот, сместување и превоз на нашите студенти“, рече Јаневска.
На конкурсите можат да аплицираат македонски граѓани кои во академската 2025/2026 година ќе се запишат на еден од првите десет рангирани универзитети од сите области, односно на еден од првите сто рангирани универзитети од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финансиите, физиката, биологијата, хемијата, медицинските науки и генетиката, согласно последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг универзитет.
Кандидатот треба да има соодветно претходно образование и соодветен просечен успех кој е наведен во конкурсот и да не е корисник на било каква стипендија од друг давател во моментов. За стипендистите останува обврската по стекнувањето на дипломата, да се вратат во Македонија и да работат двојно повеќе време од времето на студирањето.
„Има неколку новини во конкурсот. По враќањето стипендистите треба да се пријават во МОН и за прв пат, да се регистрираат на посебен дигитален регистар (e-registar.mon.gov.mk), што го воведуваме оваа година, а кој ќе биде споделен со државните органи, универзитетите и стопанските комори, во насока на полесно наоѓање соодветен работен ангажман. Ако на студентот не му биде понуден ангажман во рок од шест месеци, не му престанува обврската да работи во државата“, информираше Јаневска.
Ако пак студентот, во рок од три месеци по дипломирањето се вработи во некоја компанија од Fortune top 500 листата во странство, тогаш надвор од Македонија може да остане најмногу до три години, со цел, како што рече министерката, стекнување на меѓународно корпоративно искуство, по што почнува да му тече обврската да работи во својата држава двојно повеќе време од времето на студирање.
„Доколку кандидатот одлучи да не се врати во државата, односно не ги исполни обврските од потпишаниот договор, ќе мора да ги врати средствата, онолку колку што министерството му исплатило за студирање и тоа најдоцна во рок од две години по завршувањето на студиите. Во минатото се бараше враќање на десеткратно поголем износ, што всушност беше неприменлива договорна одредба“, додаде министерката.
Осврнувајќи се на дигиталниот регистар на стипендисти во странство, Јаневска посочи дека целта е во него да се пријават сите завршени и тековни студенти во странство кои користат стипендија од МОН, за да може државата да има увид во состојбата на секој стипендист.
Регистарот содржи податоци за студентот, видот на студиите, периодот на студирање, работен статус, контакт податоци и слично и секој ќе треба најмалку еднаш годишно да ги ажурира своите податоци доколку има било каква промена. Студентот може да одбере неговиот профил да биде видлив и така полесно ќе се вмрежува со други студенти, со научни и образовни установи и со работодавачи.
„Веќе сме во комуникација со многу од студентите да се пријават во регистарот и бидејќи тоа може да им донесе само корист, очекувам соработка и постапување. А задоволство ми е да споделам и дека Министерството за образование и наука веќе започна соработка со неколку дипломирани студенти, кои имаат желба и со голем ентузијазам работат на развој и промоција на својата држава“, рече министерката.
Јаневска ги повика сите заинтересирани да ги погледнат условите во конкурсите и доколку ги исполнуваат, да ја искористат можноста што досега ја искористија околу 400тини македонски граѓани, да го надградат своето знаење на реномирани светски универзитети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити-Спиропали: во фокусот актуелните случувања
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити ја пречека Елиса Спиропали, министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, која престојува во официјална посета во Скопје.
Средбата се одржа во пријателска и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани актуелните регионални случувања, улогата на албанската дипломатија во зајакнувањето на сеалбанските врски, како и значењето на продлабочувањето на меѓуинституционалната соработка во функција на заедничките интереси на двете држави.
Спиропали и Меџити положија цвеќиња пред споменикот на националниот херој Ѓерѓ Кастриоти Скендербег, во знак на почит кон визијата на овој историски водач за европската ориентација на Албанците, соопштија од кабинетот на Меџити. По тој повод, беше повторно нагласено дека иднината на Албанците е во Европската Унија, како заедница на демократски вредности и успешен модел на институционална, културна и политичка интеграција на сите народи.
„Присуството во Чаир дополнително испрати јасна порака на политичка блискост, институционална поддршка и директно внимание на државата Албанија кон Албанците во Северна Македонија.
Оваа средба го потврди заедничкиот интерес за зајакнување на соработката и институционалната координација, со фокус на развојот, интеграцијата и зачувувањето на вредностите што нè поврзуваат како држави и како народ“.
Македонија
Ѓорѓиевски: Подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“
Вечерва, срцето на градот чукаше најсилно токму таму каде што се најчистите насмевки.
Со организација на кино-проекцијата на филмот „Биби и Боби“, им подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“, истакна скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, откако беше организирана посебна вечер наменета за децата од згрижувачките семејства и од ЈУ Детски дом „11 Октомври“.
„Сала исполнета со смеа, возбуда и детска искреност, моменти што нè потсетуваат колку малку е потребно за голема среќа, а колку многу значи вниманието.
По завршувањето на филмот, поделивме новогодишни пакетчиња за сите дечиња.
Како градоначалник, но пред сè како човек, останувам цврсто посветен на создавање можности, поддршка и сигурност за најмладите, особено за децата кои се дел од системот на социјална заштита.
Нивната радост е нашата најголема обврска.
Секое дете заслужува внимание, љубов и убави празнични денови“.
Македонија
Намалена видливост поради појава на магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради појава на магла од 50 – 70 метри има на патниот правец Дебар – Струга, од 100 – 150 метри на патниот правец Куманово – Крива Паланка и од 50 – 100 метри на патниот правец Велес – Катланово.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Фото: депозитфотос

