Свет
Мерц: Европа мора да биде подготвена да се брани без САД
Фридрих Мерц, кандидатот за иден германски канцелар, денеска изјави дека Европа мора да биде подготвена да се брани без Соединетите Американски Држави.
„Мораме да се подготвиме за можноста американскиот претседател Доналд Трамп веќе безусловно да ја поддржува заемната одбранбена обврска на НАТО“, рече Мерц, пренесе „Политико“. Мерц рече дека, според него, клучно е Европејците да вложат најголеми можни напори за да се уверат дека се способни барем сами да го бранат европскиот континент. Во последните денови се чини дека Трамп сѐ повеќе се согласува со рускиот претседател Владимир Путин обвинувајќи ја Украина, а не Кремљ, за почетокот на војната, која почна со рускиот напад во 2022 година, вели „Политико“.
Тие коментари следуваа по појавувањето на американскиот потпретседател Џеј ди Венс на Минхенската безбедносна конференција, каде што тој ги прикажа главните европски партии, а не Русија, како најголема закана за безбедноста на Европа.
Европските лидери оттогаш станаа сè позагрижени дека повеќе не може да се потпрат на клаузулата за колективна одбрана, која ја обезбеди основата за безбедноста на Европа од Студената војна. Лидерот на централнодесничарската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и на врвот на анкетите пред гласањето во недела рече дека Европа треба колективно да се подготви за можноста администрацијата на Трамп да не го поддржи членот 5 од НАТО, кој ги обврзува членките на алијансата на колективна одбрана.
На прашањето дали верува оти Трамп ќе ја поддржи клаузулата, Мерц рече дека не би се обложувал сѐ што има на кое било прашање што ќе му биде поставено, а секако не на тоа, пренесува „Танјуг“.
На прашањето дали Германија треба да бара заштита под францускиот нуклеарен чадор, Мерц призна дека францускиот претседател Емануел Макрон постојано му давал таква понуда на Берлин, но дека претходните германски влади го оставиле прашањето неодговорено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кралот Чарлс ја поддржува истрагата за врските на неговиот брат Ендру со Џефри Епстин
Бакингемската палата денеска соопшти дека кралот Чарлс Трети ќе ѝ даде поддршка на британската полиција која ги испитува наводите дека поранешниот принц Ендру му проследувал доверливи информации на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.
Соопштението следува откако полицијата потврди дека ги разгледува тврдењата според кои Ендру Маунтбатен-Виндзор во 2010 година му испраќал на Епстин извештаи поврзани со трговија.
Полицијата од областа Темз Вели, која е надлежна за регионите западно од Лондон, вклучително и Виндзор каде што се наоѓала поранешната резиденција на членот на кралското семејство, покренала истрага по медиумските објави за мејлови што укажуваат дека тогашниот принц му испраќал на Епстин извештаи од својата турнеја во Југоисточна Азија во 2010 година, кога бил британски пратеник за меѓународна трговија.
Кабинетот на принцот Вилијам соопшти дека тој е „длабоко загрижен“ поради откритијата што произлегуваат од американската истрага поврзана со починатиот сексуален престапник.
Свет
Маск: САД 1.000 посто ќе банкротираат без вештачка интелигенција и роботи
Извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, предупреди дека експлозијата на американскиот јавен долг може да доведе до финансиски колапс на САД доколку вештачката интелигенција и роботиката не ја трансформираат економијата, јавува „Форбс“
Во интервју за подкастерот Дваркеш Пател, Маск изјави дека без масовна примена на ВИ и роботи, САД „1000% ќе банкротираат“. Тој посочи дека јавниот долг достигнал 38,5 билиони долари, а каматите изнесуваат околу еден билион долари годишно, што веќе го надминува воениот буџет.
Маск објасни дека неговата поддршка за кратење на државната потрошувачка, додека го водел Одделот за ефикасност на владата (DOGE), имала цел да се забави „неодржливата фискална траекторија“ и да се добие време додека новите технологии го поттикнат економскиот раст.
Тој предупреди дека масовната автоматизација може да доведе и до силна дефлација, бидејќи производството на добра и услуги би растело побрзо од паричната маса.
Сепак, експертите посочуваат дека САД имаат предности – доларот е светска резервна валута, а Министерството за финансии може да се задолжува по релативно ниски каматни стапки. Комитетот за одговорен федерален буџет предупреди дека, иако е невозможно да се предвиди точен момент, некаква фискална криза е речиси неизбежна доколку не се промени насоката на фискалната политика.
Свет
Соработничката на Епстин бара помилување од Трамп за да сведочи пред Конгресот
Партнерката на американскиот финансиски магнат и осуден сексуален престапник Џефри Епстин, Гилен Максвел, е подготвена да сведочи пред Комитетот за надзор на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес доколку ѝ биде одобрено помилување или намалување на казната од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп, соопшти нејзиниот адвокат, Дејвид Маркус.
Претходно, Максвел одби да сведочи, повикувајќи се на уставното право да молчи и одбивајќи да одговара на прашањата на членовите на комитетот.
„Ако овој комитет и американската јавност навистина сакаат да ја слушнат нефилтрираната вистина за тоа што се случило, постои едноставен пат. Госпоѓа Максвел е подготвена да зборува целосно и искрено ако претседателот Трамп ѝ одобри помилување“, напиша Маркус на социјалната мрежа Икс.
Како причина за одбивањето да сведочи, одбраната наведе дека е во тек постапка за преиспитување на законитоста на пресудата, тврдејќи дека осудителната пресуда се темели на „фундаментално неправедно судење“.
Во соопштението се наведува и дека дел од поротниците за време на изборот на поротата дале неточни изјави за да бидат избрани, како и дека администрацијата наводно ветила имунитет, кој потоа бил прекршен – нешто што, според адвокатот, го потврдуваат новообјавените документи.
„Само таа може да даде целосен приказ на настаните. Вистината е важна, дури и ако на некого не му се допаѓа“, наведува Маркус, додавајќи дека ниту Трамп ниту поранешниот претседател Бил Клинтон „не учествувале во никакви незаконски дејствија“ и дека Максвел може да објасни зошто.
Претседавачот на Комитетот за надзор, републиканецот Џејмс Комер, ја оцени одлуката на Максвел да се повика на правото на молчење како „многу разочарувачка“, истакнувајќи дека пратениците имале бројни прашања за кривичните дела и можните соучесници.
Демократите во комитетот ја обвинија Максвел дека се обидува да „купи помилување“ со одбивањето да сведочи.
Според Си-Ен-Ен, Трамп досега не ја исклучил можноста да ѝ одобри помилување или намалување на казната.
Трамп и Клинтон, чии имиња се појавуваат во документите објавени од американското Министерство за правда, негираа било каква вмешаност во незаконски активности поврзани со Епстин.
Гилен Максвел во 2021 година беше прогласена за виновна за улогата во сексуалното злоупотребување малолетнички организирано од Епстин и беше осудена на 20 години затвор.
Џефри Епстин во 2019 година беше обвинет пред федерален суд во Менхетен за трговија со малолетници со цел сексуална експлоатација. Тој беше пронајден обесен во својата ќелија додека го чекаше судењето, а неговата смрт официјално беше прогласена за самоубиство.

