Македонија
(Видео) Мишиќ: Итни и конкретни чекори за безбедни улици сега, не утре
Претседателката на Либерално-демократската младина (ЛиДеМ) и член на Извршниот одбор на ЛДП, Јелена Мишиќ, вели дека улиците стануваат бојно поле, а младите животи секојдевно згаснуваат.
„Последните трагедии низ Скопје ја покажаа суровата реалност – несоодветната инфраструктура, отсутната контрола и негрижата на институциите кои чинат живот. Ова не е статистика, ова е нечија судбина! Либерално-демократската партија бара итни и конкретни чекори! Пешачките премини не смеат да бидат избледени и невидливи, улиците мора да бидат јасно обележани, а хоризонталната и вертикалната сигнализација редовно обновувана. Несфатливо е во 21 век да бараме пешачки премин „на среќа“ или да газиме по избледени линии“, посочува Мишиќ во својата изјава.
Според Мишиќ, локалните власти мора веднаш да формираат Совети за безбедност во сообраќајот таму каде што ги нема, а во оние општини каде што постојат, да се ангажираат вистински професионалци кои ќе предложат одржливи решенија, затоа што без стручни луѓе, секоја мерка е само празен збор.
„Бараме да се воведат ‘платоа за забавување на сообраќајот’ пред училиштата и градинките, а брзината во централните подрачја да се ограничи на 30 км/ч. Ова не е популизам – ова спасува животи. Сообраќајниот хаос мора да се реши и преку паметно организирање на паркинзите, за тие да не претставуваат пречка, туку дел од решението“, порачува Мишиќ.
ЛДП, додава Мишиќ, нема да дозволи оваа тема да биде заборавена по неколку дена. Улиците мора да бидат безбедни за сите – сега, не утре!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кривична пријава за директор на студентски дом поради несовесно работење
Полицијата поднесе кривична пријава против Н.Ј. (57) од селото Таринци, општина Карбинци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според пријавата, на 29 и 31 мај 2024 година, Н.Ј., во својство на директор на Државен студентски дом „Браќа Миладиновци” во Штип, постапил спротивно на член 40 од Законот за јавни набавки.
Тој извршил плаќање на фактури во вкупен износ од 84.320 денари за сместување, односно ноќевање за себе и за ученици од студентскиот дом во два хотели во Охрид, без да спроведе соодветна постапка за јавна набавка, соопшти полицијата.
Македонија
Кривична за поранешен градоначалник на Чашка поради сомнеж за злоупотреба
Полицијата поднесе кривична пријава против Г.С. (47) од Велес, поранешен градоначалник на Општина Чашка, и против М.А., раководител на финансиското одделение во истата општина, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Според пријавата, Г.С. во текот на 2021 и 2022 година, во повеќе наврати, свесно и со умисла ја ангажирал второпријавената да извршува работни задачи подолго од нејзиното работно време, иако таа била вработена со скратено работно време, што е спротивно на Законот за работни односи, кој забранува прекувремена работа за лица со скратено работно време.
Од СВР Велес информираат дека М.А., и покрај известувањето од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и донесеното решение за четиричасовно работно време поради здравствени причини, прифатила да биде дополнително ангажирана.
За извршените активности ѝ биле исплатени 50.109 денари, со што, според пријавата, е нанесена штета на буџетот на Општина Чашка.
Македонија
„Нокаут“ ќе ги забавува битолчани за Нова Година
Општина Битола одлучи да нема огномет на прославата на дочекот на Новата година.
Со ова, општината се приклучува кон другите општини кои, исто така, одлучија на прославите за дочекот на новата година да нема огномети и заради барањата на поедини здруженија на граѓани.
Организираниот дочек како и изминатите години ќе биде на платото на Офицерскиот дом, каде ќе има музичка програма која е дел од „Зимската приказна“.
На последниот ден од годината дневната програма ќе започне во 11:00 часот на платото на Офицерскиот дом, а од 12:00 часот во Старата чаршија.
Вечерната програма пред Офицерскиот дом ќе биде од 20:30. На почеток забава со Борче Наумовски, потоа „Кабаре за раѓањето и вечноста“, „Баркод бенд“ и од 23:00 до 1:00 часот по полноќ со групата „Нокаут“.

