Свет
Фон дер Лајен во Киев: Украина во март ќе добие три и пол милијарди евра од ЕУ

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска во Киев изјави дека Украина во март ќе добие 3,5 милијарди евра од Европската унија.
Според неа, Украина ќе има корист и од плановите на Европската унија за зголемување на производството на оружје и зајакнување на одбранбените капацитети, пренесува Ројтерс.
Фон дер Лајен утринава со воз отпатува за Киев, каде што се одржува самитот на европските лидери по повод третата годишнина од почетокот на војната во Украина.
„На третата годишнина од бруталната инвазија на Русија, Европа е во Киев. Денеска сме во Киев, бидејќи Украина е Европа. Во оваа борба за опстанок, не е во прашање само судбината на Украина. Ова е судбината на Европа“, рече Фон дер Лајен во објава на мрежата Х утринава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Се судрија два автобуса во Германија, има многу повредени

Во судир на два автобуса на јавниот превоз во градот Сарбрикен во западна Германија повредени се многу луѓе, меѓу кои и деца, соопшти полицијата.
Сè уште не е познат точниот број на повредени, ниту околностите.
Несреќата се случила околу 9 часот. На местото пристигнале полиција и брза помош.
Распореден е и спасувачки хеликоптер.
Свет
Зеленски: Мојот услов за преговори со Путин е размена на сите воени заробеници

Целосната размена на воени заробеници со Русија би можела да претставува почеток на завршување на војната, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот во Киев, каде што присуствуват многубројни министри и претставници на ЕУ на тригодишнината од војната во Украина.
Имаше 60 размени на затвореници меѓу Украина и Русија од почетокот на војната, вклучително и една во декември кога беа разменети стотици затвореници.
„Тоа е фер и праведна опција“, рече Зеленски истакнувајќи дека илјадници Украинци сè уште се во руските затвори – некои од нив од руската анексија на Крим во 2014 година.
„Илјадници – илјадници луѓе се приведени во Русија“, нагласи тој.
„Русија мора да ги ослободи Украинците. Украина е подготвена да ги размени сите, а тоа е фер договор“.
Иако Украина не објавува официјални податоци за своите воени заробеници во Русија, се проценува дека ги има повеќе од 8.000.
„Мирот не може, едноставно, да се прогласи преку ноќ. Путин нема да ни даде мир, ниту ќе ни го понуди во замена за нешто. Мораме да извојуваме мир со сила, мудрост и единство, преку соработка со вас (лидерите на самитот)“, рече Зеленски.
Тој заклучи дека траен мир може да се постигне само ако Украина добие цврсти безбедносни гаранции.
Минатата недела Русија рече дека нема да прифати присуство на војници на НАТО во Украина како дел од каков било мировен договор.
Свет
Украина: Во завршна фаза сме од преговорите за договорот за минералите

Украина и САД се во последна фаза на преговори за договорот за минералите, изјави украинскиот вицепремиер Олха Стефанишина.
Зеленски претходно овој месец го отфрли договорот со кој на САД ќе им се даде пристап до украинските минерали.
Сепак, Стефанишина сега потврди: „Украинскиот и американскиот тим се во последната фаза од преговорите за договорот за минерали. Преговорите беа многу конструктивни, речиси сите клучни детали се финализирани“.
„Ние сме посветени бргу да го завршиме ова. Се надеваме дека американските и украинските лидери ќе може да го потпишат и одобрат договорот во Вашингтон што е можно побргу за да ја покажеме нашата посветеност во децениите што доаѓаат“, додаде таа.
И поранешниот британски премиер Борис Џонсон изјави дека САД и Украина се „многу блиску“ до потпишување договорот за минералите.
Тој рече: „Има многу интересен развој. Верувам дека сме многу блиску до потпишување на овој договор за минерали меѓу САД и Украина“.
Договорот за минерали меѓу САД и Украина беше предложен од американската администрација под претседателот Доналд Трамп. Според предлогот, Украина ќе им отстапи 50 отсто од своите минерали на Соединетите држави како форма на компензација за американската воена и финансиска помош обезбедена за време на војната со Русија.
Зеленски првично одби да потпише таков договор, наведувајќи дека тоа ќе значи продажба на украинските ресурси и дека договорот во сегашната форма не обезбедува соодветни безбедносни гаранции за Украина. Зеленски, исто така, истакна дека американската помош е во форма на грантови, а не заеми и дека Украина не треба да ги враќа овие средства преку нејзините природни ресурси.
И покрај првичното одбивање, преговорите меѓу американските и украинските официјални лица продолжија за постигнување заемно прифатлив договор кој ќе вклучува безбедносни гаранции за Украина. Зеленски истакна дека е подготвен да размисли за договор кој ќе обезбеди долгорочна безбедност и економски развој на Украина, но не по цена на суверенитетот над националните ресурси.