Црна хроника
Четири лица пријавени за несовесно работење во службата: МВР со детали
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, поднесе кривична пријава против Ф.Х.- началник на Регионалниот центар за гранични работи Запад, Н.С.- началник на Одделението за заеднички работи при Регионалниот центар за гранични работи Запад, Ц.Ј. – самостоен советник за финансиски работи во Одделението за заеднички работи при Регионалниот центар за гранични работи Запад и Б.Ј. – началник на СВР Битола за време на извршување на делото, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в од Кривичниот законик.
Во текот на 2021 година, МВР распиша оглас за јавна набавка на услуги за одржување на хигиена во работни и други простории на МВР и АНБ за период од две години, при што е избрана фирма од Скопје.
Првопријавениот Ф.Х. и второпријавениот Н.С., испуштајќи ја својата надзорна контролна функција како раководители на организациската единица, не извршиле навремено следење на склучените договори со фирмата, со што првопријавениот потпишал договор за нарачки со кој ја надминал вредноста од рамковната спогодба и на тој начин направил финансиски импликации кон МВР, односно неможност навремено да се исплатат доспеаните фактури кон фирмата.
Третопријавената, надлежна за следење на Рамковната спогодба, следење и плаќање на склучените договори, не извршила проверки во книговодствената документација на Регионалниот центар за гранични работи Запад за да утврди дали по склучената Рамковна спогодба за набавка на услуги за одржување на хигиена се исцрпени сите парични средства.
Четвртопријавениот ја повлекол фактурата за исплата, иако услугите биле навремено извршени, со што направил финансиски импликации спрема МВР.
По заведен судски спор, од страна на фирмата, заради неисплатен долг по фактури кои биле стасани за плаќање, Министерството за внатрешни работи е задолжено да исплати дополнителни трошоци на име камата за задоцнето плаќање и судски трошоци во износ од 215.079 денари, за кој износ е оштетен буџетот на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Велешанец приведен со 1,62 промили алкохол, нападнал и полицаец
Полициски службеници од СВР Велес ноќеска во 02.10 часот го лишиле од слобода 49-годишниот М.Н. од Велес откако при контрола на ул. „Благој Ѓорев“ утврдиле дека вози со 1,62 промили алкохол во крвта. Откако бил приведен нападнал полициски службеник.
Како што денеска информираат од СВР Велес, при сообраќајна контрола било сопрено патничко возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, што го управувал М.Н. и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,62 промили алкохол во крвта. Тој бил приведен во полициска станица, каде физички нападнал полициски службеник. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настаните, против него ќе бидат поднесени пријави по член 297-а и 383 од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, најавија од СВР Велес.
Црна хроника
Почина малолетник, со мопед удрил во бетонски столб
Малолетник починал откако со мопед удрил во бетонски столб во неготинско Тимјаник, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.
– Денеска во ОВР Неготино е пријавено дека во 00:50 часот, во село Тимјаник, неготинско, мопед „лонгија“ со неготински регистарски ознаки, управуван од 17-годишник од село Тимјаник, удрил во бетонски столб. Од здобиените повреди, на местото на настанот починал возачот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Неготино. Увид извршиле јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Неготино, соопштија од СВР Велес.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот малолетник било дадено на обдукција.
Црна хроника
Возач на ауди прегази полицаец и избега
Инцидент се случи вчера во Тетово, кога 28-годишниот Е.А. од село Порој со своето возило „ауди“ удрил во полициски службеник кој се обидел да го запре.
Настанот се случил околу 12:50 часот на кружниот тек кај улиците „Илинденска“ и „Маршал Тито“. Возачот одбил да застане на знакот „стоп“, го удрил полицаецот и избегал, но набрзо бил пронајден и уапсен. На повредениот службеник му е укажана помош во Клиничката болница Тетово.

