Македонија
Аматеризмот во надворешната политика ни донесе двојна штета за стратешките партнерства со САД и ЕУ, според СДСМ
Вчерашното позиционирање на делегацијата на Северна Македонија во ОН во однос на гласањето по резолуциите на САД и ЕУ е скандалозно. Северна Македонија гласаше „воздражно“ за резолуцијата на ЕУ и беше единствена држава од Европа покрај Унгарија која не ја поддржа оваа резолуција. Дополнително, за декларацијата на САД, на која што нашата Влада и Мицкоски одлучија да бидат коспонзор, повторно Северна Македонија гласаше „воздражно“, велат од СДСМ.
Ваквите одлуки, според нив, укажуваат на целосен аматеризам во воедењето на надворешната политика на земјата.
„Со само еден потег, Владата направи двојна штета кон стратешките партнерства со ЕУ и САД. Ставот на СДСМ во однос на војната во Украина е јасен, цврст и усогласен со ЕУ: Русија е агресор и изврши неоправдана и непредизвикана инвазија врз Украина која е суверена и независна држава. Овој став е принципиелен и непроменет. СДСМ останува доследен на принципите за поддршка на независноста и територијалниот интегритет на Украина, во согласност со меѓународното право и заедничките позиции на Европската унија“, потенцираат од опозициската партија.
За СДСМ, стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави е од суштинско значење и треба постојано да се гради и зајакнува.
Истовремено, како што нагласуваат, македонската дипломатија мора да остане фокусирана на нашиот клучен државен интерес – европската интеграција.
„Соединетите Американски Држави се еден од најважните страатешки партнери и тоа партнерство треба да биде во функција на забрзување и успешно завршување на евроинтегративниот процес. Мицкоски ја води меѓународната политика без поширока координација и консултации на важни прашања и прави огромни грешки. Неприфатливо е одлуки кои се од стратешко значење за иднината на земјата да се носат избрзано и своеволно. Одлуките за меѓународната позиција на државата мора да се носат транспарентно, со координација на сите релевантни институции и во согласност со нашите стратешки партнери“.
СДСМ, додаваат, инсистира на јасна, конзистентна и усогласена надворешна политика која ќе ги почитува и зајакнува нашите меѓународни партнерства, а истовремено ќе ја води државата кон нејзината примарна стратешка цел – членство во Европската унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

