Македонија
Мицкоски: Светот се менува и ние мора да го фатиме чекорот
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски на седницата на Собранието посветена на пратенички прашања ги коментираше своите посети на Вашингтон и Минхенската конференција. Тој истакна дека во периодот се остварени низа контакти и тие контакти ќе се продлабочуваат, а Македонија мора да го фати чекорот со промените кои се случуваат во светот. Тој посебно се осврна на Минхенската безбедносна конференција и говорот на американскиот потпретседател Венс, за кој оцени дека е историски.
„Според мене, говорот на потпретседателот Џеј Ди Венс беше инспиративен историски говор. Сакале ние да признаеме или не, тој говор, а и настаните кои следат, ќе го сменат светот. Дали на некој тоа му се допаѓа или не му се допаѓа, дали тие промени ќе бидат по теркот на очекувањата на поединци или не, не знам, но останува фактот дека светот се менува. Новата американска администрација е предводник на тие промени. Наеднаш немаме офанзивна реторика во светот, без разлика дали станува збор за Украина, Израел, Газа, Блискиот Исток, други конфликти, гледаме дека реториката која сите сега ја прифаќаат и која е предвесник на тие промени, е мир. Така не беше до пред неколку месеци“, рече Мицкоски и посочи дека предолго време светот е заложник на двојни стандарди и на правилото, големите прават што можат, а малите што мораат, бидејќи долго време поединци беа безгласни и молчеливи, чекајќи милост.
Мицкоски истакна дека потпретседателот Венс на Минхенската конференција на многу едноставен начин кажа дека не можеме да зборуваме за заеднички споделени вредности кога има двојни стандарди.
„Нас ни е потребно еднаш за секогаш да се соочиме за вистината и со реалноста, да најдеме решение и да одиме напред. Тоа беше главната порака која ја кажа и според мене, оваа година Минхенската конференција беше токму таква. Понатаму да зборуваме отворено, следниот ден присуствував на обраќањето на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој многу точно и прецизно рече, “да формираме заеднички безбедносни воени сили кои што ќе ја штитат границата на источното крило на Европа“. Не слушнав некој од публиката да рече ние даваме 10 илјадни војници. Никој не рече, ниту пак тие што претходниот ден негодуваа на реториката на потпретседателот Венс. Ниту пак кога зборувавме за обединување на Европа, не слушнав некој да рече во ред, Европа ги отвора вратите. Не мора ние Македонија, еве ние имаме билатерални проблеми, еве на Украина да ѝ речеа повелете дојдете ве примаме сега во моментот“, рече Мицкоски и дополни: „светот се менува и ние мора да го фатиме чекорот со тоа како малку броен народ“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

