Македонија
„Вреди“: Кој го спаси Бујар Османи

ДУИ повторно ја манипулира јавноста со наводниот „ветинг“ и прочистување, ние сакаме да им помогнеме. Вистинското прашање останува – Кој го спаси Бујар Османи од судска разврска за случајот „Пациент“, прашуваат од коалицијата „Вреди“.
Додаваат дека специјалното јавно обвинителство покрена бројни случаи против високи функционери од владата на Никола Груевски, но само еден остана недопрен – предметот „Пациент“.
„Бујар Османи беше единствениoт за кој, СЈО кажа дека има сомнеж и докази за сторен криминал, но не покрена обвинение.
Зошто сите други процеси завршија во суд, а овој мистериозно беше стопиран? Кој ја повлече рачната кочница? Дали Бујар Османи им должи на Мијалкови или на Заеви? На кого до крај на животот ќе мора да му слугува господинот Османи?
Црната листа беше пополнета со името на најдобриот другар на Бујар Османи, Артан Груби. Тоа се случи заради посредување и спасување на Мијалков. Дали и овој случај „Пациент“ и неговотo умртвување се должи на истите луѓе и истата шема? Дали Артан Груби посредувал за спас на Бујар Османи? Бујар Османи остана без кривична одговорност, но моралната и етичката ќе ја носи до крајот на животот. Затоа е добро сам да даде одговор каква штета претрпеа граѓаните“, прашуваат од „Вреди“.
Како што наведуваат, за време на министерувањето на Бујар Османи, јавната здравствена установа Гинекологија Чаир беше жртва на сериозни злоупотреби. Таа клиника, каде се раѓаат децата на сите нас, од Чаир и пошироко, според коалицијата, беше предмет на истрагата на СЈО.
„Колку пари беа украдени? Колку пациенти беа оставени без соодветна здравствена заштита? Колку луѓе загубија шанса за подобар третман поради криминалните игри на Османи?
Османи не е само политичар со сомнително минато – тој е директно одговорен за уназадувањето на здравствениот систем. Додека медицинските установи пропаѓаа, неговите блиски се богатеа. Колкава е цената на неговата слобода и кој ја плати?
Време е за вистински ветинг, а не за лажна театарска претстава“, порачуваат од коалицијата.
ДУИ, како што велат, може да продолжи со празни изјави, но граѓаните бараат одговори.
Прашуваат кој му помогна на Османи да избега од судот? Зошто институциите молчат? Колку долго ќе трае оваа заштита?
Од „Вреди“ со порака до ДУИ: ако ДУИ навистина сака прочистување, нека почне од Бујар Османи. Време е за одговорност, нагласуваат од таму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Институциите го деградираат користењето на албанскиот јазик на ниво пред усвојувањето на Законот за јазиците

„ДУИ изразува длабока загриженост поради систематското непочитување на албанскиот јазик на официјалните веб-страници на министерствата на Владата на Република Северна Македонија. Недостигот на содржини на албански јазик во Министерството за енергетика, Министерството за транспорт, Министерството за внатрешни работи и други институции претставува не само прекршување на Законот за употреба на јазиците, туку и намерно исклучување на албанците од пристапот до јавни информации“, велат од ДУИ.
„Во некои случаи, задржани се само старите двојазични формати од претходната влада, но суштинските содржини, документите и клучните информации се објавуваат исклучиво на македонски јазик.
Станува збор за опасен тренд што оди подалеку од техничка негрижа – ова е институционална политика која го ограничува практичното користење на албанскиот јазик и ги поткопува темелите на меѓуетничката еднаквост во државата.
Дополнително, овие појави се случуваат во време кога се прават обиди за доведување во прашање на клучните одредби од Законот за јазиците пред Уставниот суд.
Кога државните институции почнуваат да го игнорираат или релативизираат едно од најважните достигнувања на Охридскиот рамковен договор – службената употреба на албанскиот јазик – се испраќа опасна порака за иднината на државната кохезија и меѓуетничкиот соживот.
Во момент кога се случуваат овие сериозни процеси, албанските партнери во Владата се зафатени со внатрепартиски караници за претседател на ЛЕН, иако секој од нив со помалку од 1% поддршка од граѓаните, и молчат пред овој удар врз правата на албанските граѓани.
Со оваа тишина, тие не само што ја легитимираат оваа политика, туку стануваат дел од проблемот.
ДУИ им упатува повик на институциите да го почитуваат законот и Уставот, да го запрат јазичниот дискриминациски курс. Албанците нема да прифатат да бидат третирани како граѓани од втор ред. Јазичната еднаквост не е привилегија – таа е право“, соопшти ДУИ.
Македонија
На Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата е околу 1 час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата изнесува околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претпладне сончево, попладне наместа нестабилно со локален дожд и грмежи

Претпладне сончево со умерена облачност. Попладне наместа ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност и со слаб до умерен југоисточен ветер. Попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со услови за пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Времето во наредните денови
Од среда на повеќе места ќе биде нестабилно со повремени врнежи од дожд, локално поројни, проследени со грмежи. Дневната температура ќе биде во постепено благо опаѓање.