Македонија
Јас имам два сина и знам колку троши 4-члено семејство: Димитриеска-Кочоска со навреди до Петровска

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска ја навреди пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, велејќи дека нема право да зборува за мајки и семејства, за разлика од неа која е мажена, има семејство, има два сина.
„Пратеничке Славјанка Петровска, врз основа на што вие ги ставате в уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши? Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно 4-члено семејство. И научете во пописот што вие го направивте, едно просечно семејство е 3-члено, а не 4-члено. Во однос на грашокот, и јас сакам да купам од конзерва, ама не сум сама, четири члена сме. Мораме да одиме во најевтините маркети и да купиме замрзнат грашок. Тоа беше коментарот, зошто да купуваме грашоци кои се поскапи од 100 денари. Исто беше и за млекото. Некој може троши и по 18 литри, а некој воопшто не пие. Бадемовото вам ќе ви го оставам, вам ви треба, а не мене!“, рече министерката.
Петровска ја критикуваше министерката за нејзините ставови.
„Министерке, ако ја направиме логиката како што вие ја направивте, ќе видите дека 13 литри млеко не се доволни за едно 4-члено семејство, освен ако не ги заменувате со бадемово млеко“, рече Петровска и додаде:
„Ако имаше дно, вие го пробивте“, заклучи Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Собранието ќе формира комисија за избор на нов претседател на антикорупциската

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата во 12 часот ќе одржи седница на која се очекува да ја формира Комисијата за селекција на кандидати за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Процесот следи откако на 5 август беше распишан јавен оглас, со рок за пријавување од 10 дена. Оваа постапка се спроведува по оставката на претходната претседателка Татјана Димитровска, која е обвинета за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, до изборот на нов претседател, функцијата ја врши заменик-претседателот на ДКСК. Новиот претседател мора да има најмалку десет години работно искуство, од кои осум во областа на борбата против корупцијата, владеењето на правото или добро управување.
Македонија
Свечена седница по повод 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор

Во Владата ќе се одржи одбележување на 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
По тој повод со почеток во 10:00 часот во Свечената сала во Владата на Република Северна Македонија ќе се одржи свечена седница на која ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.
Настанот ќе биде пренесуван во живо на „Фејсбук“ и „Јутуб“ каналот на Владата.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година помеѓу претставниците на тогашните најголеми политички партии и специјални претставници на ЕУ и на САД.
Македонија
Сончево и многу топло со мала локална облачност: максималната температура до 39 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Ќе се задржи сончево и топло време со умерена облачност преку денот. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.