Македонија
Кочоска: Петровска изгради кариера од глумење жртва, сум ја бранела кога други ја напаѓале
Ја разбирам хистеријата која СДС и нивните ботови ја шират околу мојот политички дуел во сообранието со Славјанка Петровска. Замислете да не беа овие квалификации, редица навреди и лажни обвинувања што ги упатуваат кон мене која сум исто жена, што друго ќе се паметеше од денешната седница, реагира министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска по нападите од СДСМ кон неа.
-Има луѓе на оваа политичка сцена кои ќе се паметат по безмилосните удари и самопроведувања од пајак возила, како и луѓе кои освен тоа што биле маши и папет кукли на вождот од Струмица се познати по запалени модуларни болници, во ист ден кога нивниот уличен пајташ Сокол се најде зад решетките од кои како директор заработувал пари…. но има и луѓе чии настапи ќе се паметат по глумење жртви, секогаш кога нема да можат да се носат со аргументите. Ноторен факт е дека Петровска изгради кариера од глумење жртва. Редицата причини за сожалување е долга. Секој нејзин настап е запаметен по тоа што по секој дуел се претставуваше како жртва за нешто. Но од друга страна денешната изведба на претставата жртва беше од истата говорница од која безочно напаѓаше и говореше за таткото на еден министер колега, или пак за синот на премиерот, иако и двајцата не се поврзани во никаков политички контекст. Таа госпоѓа немаше ниту мака иронично да се однесува, навредува, дофрла од место, а во моментот кога ќе се одговори нешто, тогаш таа прераснува во жртва, рече министерката.
Димитриеска-Кочоска рече дека што се однесува до нејзините зборови кон Славјанка Петровска која лично како жена ја бранела кога многу други ја напаѓале, беа извадени од контекст и се толкувани како лична навреда.
-Никогаш немав и ќе немам намера да ја навредам лично, ниту, пак, да ја сведам дебатата на личен контекст. Јас сум личност од која никогаш нема да слушнете лични навреди, и жалам што дел од јавноста е манипулирана во тој контекст, и жалам што погрешно беа разбрани моите зборови. Она што сакав да потенцирам беше дека почитта треба да се заслужи со дела и одговорност. Госпоѓата Петровска, освен што стана позната по низа политички гафови и неумесни постапки, беше и доследен поддржувач на политиките на СДСМ и ДУИ – политики кои ја доведоа државата до оваа состојба. Да потсетам, во времето кога госпоѓата Петровска беше министер, инфлацијата растеше, а не видовме ниту еден конкретен предлог од нејзина страна за подобрување на економската ситуација. Тогаш, кога беше на функција, тоа не ѝ пречеше, но денес зборуваме за состојба што е директна последица на тие политики. Државата беше доведена до работ на банкрот, стотици илјади граѓани се иселија во потрага по подобар живот, а над 600 илјади луѓе живееја во сиромаштија. Сето ова не сакаат да се слушне гласно, затоа Славјанка глуми жртва, истакна министерката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица ќе иницира разрешување на Ристовска, имаат информации за понижување, викање и навреди во ДКСК
Наместо да ја насочи својата енергија кон расчистување на корупцијата, членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, очигледно одлучила сопствените нервози да ги истура врз вработените во институцијата која треба да биде бастион на интегритетот, велат од партијата Левица.
„До Левица пристигнуваат сериозни информации дека вработени во ДКСК се изложени на континуирано вербално понижување, навреди, викање и омаловажување, што создало атмосфера на страв и притисок. Според истите сознанија, ваквото однесување резултирало со иницирање и потпишување петиција од страна на вработените, со која се бара разрешување на Ристовска.
Јасно е дека антикорупционер кој врши притисок врз сопствените колеги не може да биде кредибилен борец против корупцијата. Институција задолжена да ја штити законитоста не смее да функционира како работна средина во која владеат навреди, психолошки притисок и злоупотреба на хиерархиската позиција.
Затоа, јавно ја повикуваме Цвета Ристовска да престане да ги истура своите фрустрации врз вработените, а надлежните институции, пред сè Државниот инспекторат за труд, итно да постапат и да извршат контрола за евентуално постоење мобинг и повреда на работничките права во Антикорупциската комисија.
Антикорупциската комисија не смее да биде место каде се кршат основните права на вработените, додека истовремено се глумат морални арбитри за целото општество. Ако ваквото однесување се толерира, тогаш станува јасно зошто оваа институција веќе служи за заташкување на корупцијата, а не за нејзино санкционирање“, соопштија од Левица.
Партијата, имајќи ги предвид сите досегашни информации, ќе иницира постапка за разрешување на антикорупционеркста Ристовска.
Македонија
Костадиновски во Египет: потпишан протокол за соработка меѓу судовите
Претседателот на Уставиот суд, д-р Дарко Костадиновски, и претседателот на Врховниот уставен суд на Арапската Република Египет, Булос Фатимп Искандар, потпишаа Протокол за соработка помеѓу двата суда.
„Обајцата изразија задоволство и уверување дека со овој документ се воспоставуваат нови перспективи за натамошно унапредување на соработката, размена на искуства и техники за унапредување и поефикасно работење. Разговорите се одвиваа во насока на билатерална размена на знаења и практики, се дискутираше и од аспект на проширување на соработката на меѓународен план, со цел информирање и градење на ставови во рамки на Светската конференција на уставни судови“, соопшти Уставниот суд.
Посетата на Египет е по повод учесто на претседателот Костадиновски на состанокот на највисоко ниво на африканските уставни судови, на кој присуствуваат и претседателот на Уставниот суд на Шпанија,Кандидо Конде-Пумпидо, кој ја претставува Светската конференција на уставни судови, Елена-Симина, Танасеску како претседавач на Асоцијацијата на уставни судови на Франкофонијата.
Костадиновски покрај тоа што го претставува Уставниот суд на Република Северна Македонија, е во својство и на претседавач и претставник на Балканскиот форум на уставни судови.
Претседателот Костадиновски денеска ќе одржи говор за „уставното судство во Република Северна Македонија, патот од строг формализам до жив конституционализам”.
На маргините на настанот, претседателот Костадиновски се сретна со претседателот на турскиот Уставен суд, Кадир Озкаја, претседателката на Уставниот суд на Алжир Лејла Аслои.
Костадиновски се сретна и со Јунг Јунгми, судијка на Уставниот суд на Кореја, на која беше истакнато задоволство од развивање на соработката и најавено присуство на претставници од Судот во Кореја на 4. Конгрес на Балканскиот форум на уставни судови кој ќе се одржи од 12-14 ноември во Охрид.
Македонија
Алиу во Тирана на основање на Пан-албански колеџ на хирурзи: се нанадевам дека ќе прерасне во механизам за прекугранична соработка
Министерот за здравство, Азир Алиу, вчера учествуваше на основањето на Пан-албанскиот колеџ на хирурзи (ПAKX), што се одржа во Тирана, соседна Албанија.
Во обраќањето пред присутните хирурзи од Албанија, Северна Македонија, Косово, Австрија, Германија, Швајцарија, САД и други, држави министерот Алиу нагласи дека со оваа професионална организација се поставуваат нови мостови на поврзување меѓу институциите и различните генерации на хирурзи, притоа поврзувајќи ја оваа хумана професија со нејзината благородна цел за безбедност и достоинство на пациентот.
„Хирургијата е област која бара високи стандарди затоа што може да биде прашање на живот или смрт за човекот. Затоа, основањето на ПAKX е важно не само за хируршката заедница, туку и за министерствата за здравство и јавните здравствени системи во целиот регион. Секоја иницијатива што ги подигнува стандардите, го зајакнува континуираното образование, овозможува размена на добри практики и гради професионални мрежи, значи намалување на ризиците, подигнување на квалитетот и зголемување на довербата во здравството“, рече министерот Алиу.
Тој оцени дека основањето на колеџот е резултат на сериозна и долгорочна работа и продолжение на успешните регионални искуства, што води кон создавање на реална можност за менторство, размена на искуство, заеднички програми за обука и создавање култура на заеднички квалитет во хирургијата.
„Кога професионалците преку вакви организации се обединуваат околу стандардите, тогаш може да се очекува здравствените политики да бидат пореални и применливи. Верувам дека овој колеџ ќе прерасне во платформа за заеднички обуки, размена на специјализанти, структурирано менторство, симулациски тренинг и академска соработка меѓу универзитетите и клиниките. Притоа, очекувам оваа соработка да прерасне и во силен постојан механизам за прекугранична соработка, консултации и координација“, рече министерот Алиу и додаде дека здравството е простор каде политиката мора да биде најодговорна, затоа што секоја одлука допира до човечки живот.

