Спорт
(Видео) Залуден трипл-дабл на Јокиќ во Милвоки, Кари против Орландо броеше до 56, Леброн ја реши Минесота
Денвер Нагетс уште еднаш не успеаја да добијат натпревар кога Никола Јокиќ запиша трипл-дабл. ЛА Лејкерси во дербито на Западот славеа над Минесота, а Стеф Кари во Орландо ја доби револверашката пресметка со Паоло Банкеро.
Милвоки го победи Денвер со 121:112. Јокиќ го предводеше Денвер со трипл-дабл од 32 поени, 14 скокови, 10 асистенции. Србинот го запиша 27.трипл-дабл сезонава, 157. во кариерата. Не доби поддршка од соиграчите, го следеше само Џамал Мареј со 20 поени.
На спротивната страна Јанис Адетокумбо имаше 28 поени, 19 скокови и седум асистенции.
Лос Анџелес Лејкерс на домашен терен ја совлада Минесота со 111:102. За тимот предводен од Лука Дончиќ и Леброн Џејмс тоа беше осма победа во последните десет натпревари и го задржаа петтото место на Западот, додека гостите ги очекува жестока битка за плејоф или плеј-ин место.
Дончиќ не беше особено расположен. Зад своето име запиша 21 поен, 13 скока и пет асистенции, но лошо шутираше погоди само 6 од 20 удари, вклучително и една од деветте тројки. Тимот го предводеше Џејмс со 33 поени (11/21 шут), 17 скока и шест асистенции.
На Флорида Голден Стејт Вориорс го победија Орландо со 121:115. Предводник беше неверојатниот Стефон Кари кој постигна 56 поени, Пост додаде 18, а Грин 12. На домашниот тим не му помогна ниту одличното издание на Банкеро, кој заврши со 41 поен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Вулверхемптон не се предава, го победи Ливерпул
Фудбалерите на Вулверхемптон, приредија уште една сензација во Премиер лигата. Откако одиграа 2:2 со Арсенал, успеаја да го победат Ливерпул со 2:1 (0:0) во 29-то коло од Премиер лигата.
Ливерпул пропушти шансата да се искачи на третото место, во самиот финиш „црвените“ израмнија, благодарение на Мохамед Салах, но домаќините го зададоа последниот удар.
Мрежите мируваа до самиот крај на натпреварот, кога домашните први се заканија и поведоа во 78-та минута, кога Родриго Гомес погоди за 1:0.
Ливерпул брзо одговори, само пет минути подоцна, израмни Салах.
Иако се чинеше дека тоа ќе биде конечниот резултат, Вулверхемптон успеа да ги изненади гостите од Ливерпул во судиското продолжение. Беше 94-та минута Андре го совлада Алисон и му обезбеди триумф од 2:1 на својот тим.
Последнопласираната екипа на табелата, која и по вечервашната победа има само 16 бода, покажа квалитет и силен карактер, и сосема заслужено го победи актуелниот шампион на Англија.
Ливерпул разочара и остана на петтата позиција со 48 бода, со три бода помалку од Астон Вила и Манчестер Јунајтед, директни конкуренти во борбата за пласман во Лигата на шампионите следната сезона.
Премиер лига, 29-то коло
Вторник:
Борнмут – Брентфорд 0:0
Евертон – Барнли 2:0 (1:0)
(Тарковски 32, Дјусбери-Хол 60)
Лидс – Сандерленд 0:1 (0:0)
(Дијара 70п)
Вулверхемптон – Ливерпул 2:1 (0:0)
(Гомес 78, Андре 90+4 – Салах 83)
Среда:
20.30 Астон Вила – Челзи
20.30 Брајтон – Арсенал
20.30 Фулам – Вест Хем
20.30 Манчестер Сити – Нотингем Форест
21.15 Њукасл – Манчестер Јунајтед
Четврток:
21.00 Тотенхем – Кристал Палас
Спорт
Вардар 1961 избори место во осминафиналето во Лига Европа
Ракометарите на Вардар 1961 ја победија Бенфика во Лига Европа со 33:27 и обезбедија место во осминафиналето во ова натпреварување. Црвено-црните можат и до директен пласман во четвртфиналето, доколку во последната рунда не загубат во Мелсунген.
Вардар 1961 44 минути ја бркаше негативата од пет гола, од првиот меч во Лисабон. Имаа црвено-црните четири гола предност во првито дел, но Бенфика успеа да се консолидира и на полувреме се замина со резултат 15:14.
Црвено-црните подобро го отворија и вториот дел, потребната предност ја стекнаа во 44-та минута, а веднаш потоа се одлепија и на седум гола (27:20).
Бенфика се обиде да се врати во мечот, имаа Португалците 28:24 во 55-та минута, но Вардар 1961 го одби тој напад и на крајот славеше со шест гола.
Малус со девет и Воркапиќ со осум гола го предводеа Вардар 1961 до големата победа.
Foto/ rkvardar.com.mk
Спорт
(Видео) Барселона победи, Атлетико оди во финалето
Барселона, во полуфиналниот реванш во Купот на Кралот, го победи Атлетико Мадрид со 3:0, но не успеа да се пласира во финалето. Пресудна се покажа предноста на „јорганџиите“ од првиот меч (4:0). Барселона нема да го брани трофејот, а Атлетико се пласира во своето прво финале по 2013 година.
Реваншот на „Камп Ноу“ се одвиваше според предвиденото сценарио. Барселона константно вршеше притисок кон голот на Хуан Мусо (се истакна Аргентинецот со неколку изворедни одбрани), а Атлетико своите шанси ги бараше во контранападите.
Домашните фудбалери упатија 21 удар кон голот на Мусо, девет од нив одеа во рамките на голот, изведоа 14 корнери, но постигнаа само три гола. Атлетико, упати осум удари кон голот на Џоан Гарсија, два од нив во рамките на голот.
Бедемот на Атлетико беше непробоен до 30-та минута, кога Јамал испрати центаршут, а на два метри од голот Брнал, кој остана сам ја спроведе топката до мрежата. На истекот на првиот дел, голема шанса за Атлетико промаши Лукман, а во следниот напад Барселона доби пенал. Сигурен реализатор беше Рафиња.
Имаше Барселона неколку панси во вториот дел, Мусо беше одличен на голот, но капитулираше во 72-та минута кога повторно погоди Бернал.
До крајот двата тима имаа свои шанси кои не ги реалзиираа.
Атлетико во финалето ќе игра против победникот од баскиското дерби меѓу Реал Сосиедад и Атлетик Билбао. По првиот меч Сосиедад има предност 1:0.
Foto/ EPA

