Македонија
Делови од Кисела Вода и Чучер Сандево утре без струја

Без електрична енергија утре ќе бидат корисниците од делови од општините Кисела Вода и Чучер Сандево, а без вода дел од улицата „Јани Лукровски“ во Општина Гази Баба.
Како што соопштија од Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, утре од 09:00 до 12:00 часот без струја ќе бидат корисниците од улицата „Христо Таарчев“ крак – 24, а од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од селото Бродец.
Исто така, поради промена на затворач од водоводна мрежа на улицата „Јани Лукровски“ број 10, утре од 08:30 часот до завршување на интервенцијата без вода ќе останат корисниците од дел од истата улица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Му се заканувал на градоначалникот на Неготино и го демнел: поведена постапка против 28-годишник

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка против 28 -годишен жител на Неготино за кого постои основано сомнение дека извршил кривично дело – Демнење согласно член 144-а став 1 од Кривичниот законик.
Во периодот од 12.09.2024 до 25.02.2025 година осомничениот, преку Вибер и Фејсбук настојувал да воспостави несакан контакт со оштетениот – градоначалник на Неготино, постојано испраќајќи му текстуални пораки, линкови и фотографии со заканувачка содржина во обид да го принуди да издејствува повлекување во кривична постапка. Имено, против сега осомничениот се води претходна кривична постапка за присилба, во која кон него биле изречени и мерки на претпазливост, вклучувајќи и забрана за воспоставување комуникација со оштетениот градоначалник. Наспроти ваквите мерки определени од Судот, осомничениот продолжил да го контактира градоначалникот и да му се заканува, предизвикувајќи кај него чувство на несигурност, вознемиреност и страв за неговата и за сигурноста на неговите блиски.
Поради опасност од бегство и можност да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Судот во Неготино го прифати предлогот и со решение определи притворска мерка за осомниченото лице, информираат надлежните.
Македонија
Онака сложно како што ги зачуваа патните трошоци, пратениците да изгласаат дополнително покачување на минималната плата од 6.000 денари, побара Трендафилов

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), денес, до Владата, до Собранието и до работодавците достави предлог во кој бара дополнително зголемување на платите на работниците за 6.000 денари покрај редовното законско зголемување на минималната плата, кое треба да се случи месецов, а ќе влијае на зголемување на сите други плати. За да може работодавците во приватниот сектор да ги зголемат платите на работниците, ССМ бара државата да се откаже или да ги субвенционира придонесите за задолжително социјално осигурување, кои треба да се плаќаат на дополнителните 6.000 денари во период до 12 месеци. Доколку Владата не го прифати овој предлог, Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, ги повика пратениците да го изгласаат оти е доставен и до нив.
„Она што го предлагаме денеска е пратениците, онака сложно како што беа сложни да ги зачуваат трошоците за превоз, да гласаат и за предлогот на Сојузот на синдикатите на Македонија за дополнително зголемување на минималната плата за 6.000 денари, што ќе значи и дополнително зголемување на сите други плати на работниците во Македонија“, рече Трендафилов.
Тоа што државата би се откажала од придонесите за задолжително социјално осигурување за дополнителните 6.000 денари, Трендафилов вели дека нема да го осиромаши буџетот оти е веќе предвидено законското покачување на минималната плата.
„Државата има планирано придонеси на нивно на системското покачување, она што бараме е Владата на непредвидените приходи од задолжителното социјално осигурување да се откаже во период од 12 месеци или да ги субвенционира за работодавците во приватниот сектор да може да ги зголемат платите на сите работници за најмалку стотина евра“, рече претседателот Трендафилов и нагласи дека парите од покачувањето што би го добиле работниците нема да завршат во банка, туку за основни прехранбени производи за кои данокот е од 5 до 18 проценти, пари што повторно ќе завршат во буџетот.
Со договорите за вработување или анексите за покачување на личниот доход од 6.000 денари во приватниот сектор платите ќе останат на истото ниво и по истекот на тие 12 месеци во кои се бара субвенција од државата или откажување од државата за задолжителните придонеси. Трендафилов вели дека значи речиси 40 отсто повторно ќе одат назад во буџетот како придонеси од задолжителното социјално осигурување, што ќе помогне работниците да затворат мал дел од дупката на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за редовното финансирање на исплатата на пензиите.
Трендафилов очекува до 15 март да бидат повикани на разговори за дополнителното покачување од 6.000 денари. Доколку тоа не се случи, не е исклучена можноста за штрајк.
„Упатувам порака до Владата и до работодавците еднострано да не одлучуваат за ваквиот предлог, особено поради фактот што и ние како претставници на работниците исто така еднострано можеме да одлучиме да го искористиме правото на штрајк“, вели Трендафилов.
ССМ потсети дека итно мора да се формира и комисија за утврдување репрезентативност, без која не може да се објави износот на минималната плата, која законски е предвидено да се покачи овој месец. Комисијата за репрезентативност е нефункционална оти се повлечени тројцата претставниц од Владата. Без нив комисијата не може да утврди репрезентативен претставник на работниците за преговори во Економско-социјалниот совет, каде што се преговара за зголемување на минималната плата, која значи зголемување и на сите други плати.
Македонија
Герасимовски со младите на Центар, во кампања за совесно возење и промоција на субвенции за возачки дозволи

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со младите и Првиот скопски извиднички одред, денеска на една од најфреквентните сообраќајници во Центар , улицата Партизанска, ја реализираше акцијата „Совесен возач“, за подигнување на свеста за совесно и одговорно возење, како и за информирање на граѓаните за можноста за аплицирање за субвенции за полагање на возачки испит.
На возачите кои застануваа на семафорите им беа давани флаери и промотивен материјал со пораки за безбедно возење и со информации за јавниот повик за субвенции што е во тек.
„Ги повикувам младите да аплицираат на повикот што го распиша Општина Центар за субвенции за полагање на возачки испит. Возењето автомобил без возачка дозвола е ризик за сите учесници во сообраќајот. Затоа, како општина, со субвенција од 10.000 денари ги поттикнуваме младите да се пријават, да поминат стручна обука и на законски начин да се вклучат во сообраќајот. Безбедноста на улиците е наш приоритет!“, порача Герасимовски.
Право на субвенција имаат сите млади кои во текот на 2025 година ќе наполнат 18 години, односно се родени во 2007 година и се жители на Општина Центар најмалку една година. Субвенцијата од 10.000 денари може да се искористи исклучиво за полагање возачки испит во автошколи регистрирани на територијата на Општина Центар, информираат од општината.