Свет
(Видео) Трамп го пушти полскиот претседател да чека еден и пол час: „Тоа беше понижување“

Полскиот претседател Анджеј Дуда по секоја цена сакаше да биде првиот европски државник што ќе се сретне со новиот американски претседател Доналд Трамп. Двајцата имаа блиски односи од првиот мандат на Трамп (2017 – 2021) за време на кој Дуда имаше ексклузивен пристап до американскиот претседател. Дури и за време на изборната кампања во 2024 година Дуда демонстративно го посети Трамп.
Но, последната посета на Дуда на САД се претвори во фијаско. Трамп го држеше својот полски гостин да чека еден и пол час во сабота, 22 февруари 2025 година, по што посвети помалку од десет минути на разговор. Средбата не се одржа во Белата куќа, туку на маргините на Конференцијата за политичко дејствување (CPAC) во близина на Вашингтон.
Телевизиските камери во живо пренесуваа снимки од Дуда како нетрпеливо го чека во ВИП-салонот американскиот претседател. Потоа полскиот претседател од првиот ред го поздрави говорот на Трамп во CPAC. Трамп го нарече Дуда фантастичен човек и го пофали за фактот дека 84 отсто од Полјаците што живеат во САД гласале за Трамп.
🔴 US President #Trump kept Polish President Duda waiting at the door for 1.5 hours before meeting with him for just 10 minutes. pic.twitter.com/0K0L2ZfZDy
— Defence Türkiye En (@defencetr_en) February 24, 2025
Но, разликата во однос на приемот што францускиот претседател Емануел Макрон го имаше во Белата куќа во понеделникот (24 февруари) е огромна: гостинот од Париз беше пречекан со полни државни почести пред камерите и новинарите во Овалната соба. Потоа се одржа заедничка прес-конференција.
„Тоа беше понижување и студен туш за полскиот претседател“, напиша Јацек Нижниевич во весникот Rzeczpospolita. Трамп, тврди тој, се однесувал кон Дуда како да е политичар што ја напушта власта и повеќе нема влијание во својата земја. „Во новиот свет на Доналд Трамп, Полска не е ниту тема, а камоли клучен играч, од американска перспектива“, наведува весникот.
Меѓутоа, на прес-конференцијата по средбата со Трамп, Дуда се обиде да остави впечаток дека посетата била успешна. Тој изјави дека САД планираат да го зголемат, а не да го намалат присуството на своите војници во Полска и дека Трамп му рекол да не се грижи бидејќи Полска е еден од најлојалните сојузници на Америка, пренесува „Дојче веле“.
Дуда избегна каква било критика кон Трамп. А неговиот шеф на кабинетот, Марчин Масталерек, по враќањето од Вашингтон, изјави: „Постигнавме сè што сакавме“. Тој тврдеше дека средбата била многу добра. Во одбрана на Дуда застана и Јарослав Цвиек-Карпович, директор на Полскиот институт за меѓународни односи, кој нагласи дека средбата е важна бидејќи со Трамп секоја секунда е важна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Генералниот секретар на ОН: Во Газа е жив пекол

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денес ја опиша ситуацијата во Појасот Газа како катастрофа предизвикана од човекот, откако Глобалната иницијатива за безбедност на храната официјално прогласи глад во дел од крајбрежната енклава.
Во извештај објавен денес, Интегрираната класификација за безбедност на снабдување со храната (IPC) соопшти дека има „убедливи докази“ дека гладот е распространет во административниот регион што го вклучува градот Газа од 15 август. Реагирајќи на соопштението на IPC, Гутереш ги опиша условите во Газа како „жив пекол“.
Just when it seems there are no words left to describe the living hell in Gaza, a new one has been added: “famine”.
This is not a mystery — it is a man-made disaster, a moral indictment and a failure of humanity itself. Famine is not only about food; it is the deliberate… pic.twitter.com/1MYaxhJl4Z
— António Guterres (@antonioguterres) August 22, 2025
Во објава на Икс, тој нагласи дека ситуацијата не е мистерија, туку „катастрофа предизвикана од човекот, морално обвинение и неуспех на самото човештво“: „Луѓето гладуваат. Деца умираат. А оние чија должност е да дејствуваат не го прават тоа“.
Генералниот секретар на ОН рече дека Израел, како окупаторска сила, е должен според меѓународното право да обезбеди храна и медицински материјали. „Не смееме да дозволиме оваа ситуација да продолжи неказнето“, додаде тој.
фото: принтскрин
Свет
ФБИ изврши претрес во домот на поранешен советник на Трамп, кој долго време е негов жесток критичар

ФБИ денеска упадна во домот на Џон Болтон во Мериленд и изврши претрес. Болтон беше советник за национална безбедност за време на првата администрација на Трамп.
Според Асошиејтед Прес, рацијата е дел од истрагата за ракување со класифицирани документи. Иако претресот беше потврден од анонимни извори, Болтон не беше уапсен, а извршната канцеларија на ФБИ и Белата куќа не издадоа никакви соопштенија.
По напуштањето на администрацијата на Трамп, Болтон се профилираше како жесток критичар на сегашниот претседател. Според Ројтерс, Трамп претходно му ја укинал заштитата од Тајната служба, а Болтон изразил „разочарување, но не и изненадување“ од потегот.
фото: принтскрин
Свет
Шефовите на „Адидас“ отидоа во мексикански град за да се извинат: Ја присвоивме идејата за сандалите

Шефовите на „Адидас“ вчера посетија град во домородните краеви во јужно Мексико за да се извинат за дизајнирањето обувки инспирирани од традиционални кожни сандали, откако мексиканската влада ја обвини компанијата за културно присвојување.
Германската компанија за спортски обувки и облека испрати претставници од својата мексиканска подружница во Вила Идалго Јалалаг, град во државата Оахака, за да се извинат лично, откако тоа го сторија писмено минатата недела.
Проблемот се појави откако чевлите „Oaxaca Slip On“, дизајнирани од мексиканско-американскиот дизајнер Вили Чаварија, предизвикаа негодување кај домородците бидејќи многу личеа на нивните традиционални рачно изработени сандали „huarache“.
„Длабоко жалам што чевлите беа присвоени во овој дизајн, а не развиени во директно и значајно партнерство со заедницата на Оахака“, рече Чаварија во изјава испратена до „Би-Би-Си“.
Тој рече дека намерата отсекогаш била да се оддаде почит на силниот културен и уметнички дух на Оахака и нејзините креативни заедници. Мексиканскиот претседател беше меѓу оние кои се спротивставија на обувките, кои наводно биле направени во Кина без консултации или признание на заедниците што ги создале дизајните.
„Разбираме дека оваа ситуација можеби предизвикала непријатност и затоа јавно се извинуваме“, рече Карен Гонзалез, раководител на правни работи во Адидас Мексико. Во градот Вила Идалго Јалалага, неколку десетици луѓе се собраа на отвореното спортско игралиште за да ги слушнат претставниците на Адидас. На настанот беше изведена традиционална музика, а луѓето носеа традиционални носии.
Гонзалез спомена дека во иднина Адидас ќе се обиде да соработува со Вила Идалго Јалалага со цел да се гарантира почитувањето на културното богатство. Таа заедница има нешто помалку од 2.000 луѓе. Градоначалникот Ерик Фабијан му се заблагодари на „Адидас“ за одржувањето на ветувањето.
На почетокот на месецот, мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум на прес-конференција изјави дека „големите компании често земаат производи, идеи и дизајни од домородните заедници“ и дека владата го разгледува правниот дел за да ги поддржи.
Културното присвојување се дефинира како непризнаено или несоодветно усвојување на обичаи, практики, идеи на една нација или општество од страна на членови на типично доминантна нација или општество.