Економија
ОКТА-Финансиски резултати за четвртиот квартал/12 месеци од 2024 година
Иако годишните приходи и ЕБИТДА забележаа пад во 2024 година, поради флуктуации во цените и зголемената конкуренција, еднократни фактори предизвикаа зголемена добивка пред оданочување

*Прилагодена за ефектот на вреднување на залихите
Во 2024 година, глобалниот пазар на деривати претрпе значителни флуктуации на цените поттикнати од геополитичките тензии и макроекономските притисоци. Во првата половина од годината, цените на горивата забележаа нагорен тренд поради зголемената побарувачка и загриженоста од прекини во снабдувањето, особено поради тоа што санкциите кон Русија продолжија да го обликуваат глобалниот трговски тек на нафтата. Сепак, во втората половина од годината, цените почнаа да паѓаат, бидејќи зголеменото производство и економското забавување на клучните пазари ја ублажија побарувачката. Тековните конфликти на Блискиот Исток беа причина за дополнителна неизвесност, влијаејќи на рутите за снабдување и состојбата на пазарот. Ваквата динамика придонесе за нестабилно ценовно окружување во текот на целата година.
И покрај тековните предизвици предизвикани од глобалната енергетска криза во последниве години, ОКТА остана носечки столб во снабдувањето со деривати на земјата, но и во регионот. Компанијата се придржуваше кон ригорозни стандарди за здравје и безбедност, им обезбеди непречени услуги на клиентите и истовремено засилено ја поддржуваше заедницата. Дополнително, ОКТА активно трагаше по нови приливи на приходи преку инвестиции во обновлива енергија, диверзифицирајќи го својот бизнис и придонесувајќи кон развојот на поодржлива иднина.
Позитивните резултати постигнати во 2024 година ја потврдија ефективноста на долгорочната стратегија на компанијата и ја зајакнаа довербата на раководството во нејзината имплементација. И покрај комплексното и конкурентно окружување полно со предизвици, ОКТА ја задржа својата лидерска позиција на пазарот, заокружувајќи ја годината со 68% пазарен удел во Република Северна Македонија и 32% пазарен удел во Косово.
Како и досега, менаџментот на ОКТА продолжува будно да ја следи динамиката на пазарот и проактивно да идентификува можности за поттикнување на растот на бизнисот и оперативната ефикасност. Преку стратешко планирање и активно одлучување, компанијата и понатаму останува добро позиционирана за долгорочен успех во енергетско окружување кое постојано се развива.
Најзначајни остварувања во четвртиот квартал и 2024 година
· Приходите од продажба изнесуваа 44.247 милиони денари во 2024, што е резултат на пониските остварени продажби на двата пазари. Приходите од продажба во четвртиот квартал 2024 година изнесуваа 9.673 милиони денари, 25% пониски од оние во истиот период минатата година.
· Бруто-маржата во 2024 година изнесуваше 1.158 милиони денари, намалени во споредба со истиот период минатата година, како резултат на намалената побарувачка за мазут, намалените тендери за државни резерви и зголемената конкуренција од Албанија на косовскиот пазар. И покрај тоа, во четвртиот квартал 2024 година, бруто-маржата значително порасна на 282 милиони денари, во споредба со 36-те милиони денари остварени во истиот период минатата година, пред сè поради флуктуациите на меѓународните цени на горивата.
· ЕБИТДА во 2024 година достигна 501 милиони денари, забележувајќи пад во однос на 537-те милиони денари остварени во истиот период лани. Падот во споредба со претходната година главно се припишува на намалените количини на двата пазари во кои компанијата работи и зголемувањето на оперативните трошоци за 3%.
· Добивката пред оданочување достигна 238 милиони денари, повисока од истиот период минатата година, вклучувајќи ги и 50-те милиони денари платени како Данок на солидарност во 2023 година. Во четвртиот квартал 2024 година, добивката пред оданочување достигна 87 милиони денари, што претставува подобрување во однос на четвртиот квартал 2023 година.
· Во третиот квартал од 2024 година, компанијата откупи 10% од сопствените акции, што ја одразува нејзината доверба во долгорочната вредност на бизнисот и постојана посветеност на подобрување на вредноста за акционерите.
Компанијата, во согласност со своите стратешки приоритети, инвестираше 78 милиони денари во текот на 2024 година во заокружување на процесот на изградбата на сопствена фотоволтаична централа од 12 MW, која почна да функционира во втората половина од годината, создавајќи нов прилив на приходи.
Општествена одговорност на претпријатието
ОКТА ја потврди својата посветеност на општествено одговорно однесување, преку двете кровни фотоволтаични централи коишто компанијата ги донираше на две образовни институции: едно основно училиште во Велес и една градинка во Гевгелија. Во 2024 година, компанијата исто така придонесе и за подигнување на свеста за безбедноста во сообраќајот преку инвестиции во едукативни иницијативи и програми за донации.
Во рамките на овие активности, ОКТА организираше едукативни работилници за сите првоодделенци во општина Центар. Иницијативата беше дополнета со донација на фотоволтаични сообраќајни знаци, стратешки поставени во близина на училишта и градинки низ општината, за да се зајакне безбедноста на патиштата.
ОКТА ја заокружи годината реализирајќи ги своите традиционални донаторски активности во соработка со Црвениот крст на град Скопје и дополнителна поддршка за училиштата во околината на компанијата, особено во општина Илинден.
Здравјето и безбедноста на нашите вработени и клиенти, како и континуираното и непречено снабдување на регионот со горива, остануваат врвни приоритети на раководството на ОКТА.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

