Свет
Финската разузнавачка служба: Фреквенцијата на инциденти со кабли во Балтичкото Море е невообичаена
Фреквенцијата на инциденти со кабли во Балтичкото Море е невообичаена во последните години, но државите имаат поефикасни начини за извршување подводна саботажа отколку влечење сидра, изјави шефот на финската разузнавачка служба, Јуха Мартелиус.
„Би сакал да ги одвојам сидрата, што и да стои зад овие инциденти, од фактот дека постои реална закана за виталната подводна инфраструктура“, рече Мартелиус. Шефот на финската безбедносна разузнавачка служба ги нарече инцидентите со кабли второстепено прашање и покрај тоа што ја опишува нивната фреквенција како невообичаена за Балтичкото Море во последните години, пренесува „Ројтерс“.
„Најголемата загриженост за Балтичкото Море е што руската флота во сенка оперира таму и ѝ дозволува на Москва да продава енергија на други земји што ја купуваат“, изјави тој за „Ројтерс“. Флотата во сенка е термин што се однесува на бродови што Русија ги користи за транспорт на нафта, оружје и жито прекршувајќи ги меѓународните санкции наметнати врз неа поради војната во Украина, наведува агенцијата.
Во извештајот за национална безбедност објавен денеска Супо рече дека десетици бродови од флотата во сенка пловат преку Финскиот Залив до руските нафтени пристаништа на неделно ниво и дека нивната способност да ги заобиколат санкциите е од големо значење за руската економија.
„Сега има толку многу од овие бродови во Балтичкото Море што веројатноста да се случи нешто е, се разбира, зголемена“, рече Мартелиус мислејќи на прекините на кабелот, одбивајќи да ги коментира тековните истраги.
Западните земји, сепак, треба сериозно да ја сфатат заканата за нивната витална подводна инфраструктура, додаде шефот на финската служба за безбедност.
Финска во неделата го пушти нафтениот танкер „Игл С“ за кој се сомнева дека на крајот на минатата година ги отсекол кабелот за напојување во Балтичкото Море и четирите кабли за податоци, но финската полиција допрва треба да ги расветли овие инциденти во неколку тековни истраги, пренесува „Ројтерс“.
Финската полиција во јануари објави дека пронашла сидро на дното на Балтичкото Море како дел од истрагата за оштетување на подморскиот електричен кабел Estlink 2, кој ги поврзува Финска и Естонија.
Полицијата соопшти дека сидрото било пронајдено на морското дно по должината на трасата што ја поминал танкерот „Игл С“, а на кој му недостигало сидрото од левата страна, пренесе „Ројтерс“.
Регионот на Балтичкото Море е во состојба на готовност откако каблите за струја, телекомуникациските врски и гасоводите беа постојано прекинати откога Русија ја нападна Украина во 2022 година, а воената алијанса на НАТО го зголеми своето присуство со фрегати, авиони и поморски дронови, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела прифати месечен надзор: буџетот ќе оди на одобрување во Вашингтон
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека привремената влада на Венецуела се согласила секој месец да го доставува својот буџет на одобрување до Соединетите Американски Држави.
Обраќајќи се пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Рубио рече дека американската влада одлучува за што може да се користат средствата, во рамки на она што го опиша како „краткорочен механизам“. Тој додаде дека венецуелските власти ветиле значителен дел од средствата да го искористат за набавка на лекови и опрема директно од Соединетите Држави, оценувајќи дека раководството на Венецуела било „многу кооперативно“.
Американските сили на почетокот на јануари ја нападнаа Венецуела и го заробија нејзиниот авторитарен лидер Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, со што земјата беше вовлечена во политички превирања.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ја ревитализира венецуелската нафтена индустрија и најави големи придобивки и за себе и за народот на Венецуела. Тој по пучот изјави и дека има намера привремено да управува со земјата, без да прецизира како тоа би изгледало.
Соединетите Држави во моментов соработуваат со потпретседателката на Венецуела Делси Родригез, која ја презеде функцијата привремена претседателка на земјата.
Свет
Ако Зеленски е навистина подготвен за средба, го каниме во Москва, ќе ја гарантираме неговата безбедност, рече помошникот на Кремљ
Кремљ соопшти дека е подготвен за директна средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија никогаш не одбивала вакви контакти и дека е подготвена да му гарантира безбедност на Зеленски доколку дојде во Русија.
„Доколку Зеленски е навистина подготвен за средба, тогаш го каниме во Москва. Ќе ја гарантираме неговата безбедност и потребните услови за работа“, рече Ушаков во интервју.
Изјавата доаѓа во време на нови дипломатски напори за завршување на војната, пренесе „Киев Индипендент“.
Претходно, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека Зеленски е подготвен за средба со Путин за да разговараат за две клучни теми: територијалното решение и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација.
Размената на пораки се случува во момент кога Украина, Русија и САД повторно се дипломатски активни, во контекст на напорите на Доналд Трамп за завршување на војната. Се очекува следната рунда преговори да се одржи на 1 февруари.
Зеленски и Путин последен пат лично се сретнаа во Париз во декември 2019 година, во рамки на Нормандискиот формат. Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, немале директни разговори.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.

