Македонија
(Видео) ДПМНЕ да го поддржи законот на СДСМ за покачување на платите до 15.000 денари, порача Кузеска
Трошоците за живот постојано растат, а платите остануваат ниски, работниците се оставени сами, голем дел размислуваат да ја напуштат државата во потрага по подобри услови, предупреди на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Ова е реалноста со која секојдневно се соочуваат македонските семејства.
Работодавачите имаат желба да ги зголемат платите за да ги задржат работниците, но високите придонеси се главната пречка. Наместо тие пари да завршуваат во џебовите на работниците, тие се трошат на големи давачки.
Затоа, СДСМ предлага законско решение кое директно ќе им помогне и на работниците и на компаниите а ќе ја поттикне и економијата.
Со нашиот предлог-закон, платите за 400.000 работници ќе можат да се зголемат од 3.000 до 15.000 денари, без дополнителен товар за работодавачите, бидејќи за тој износ нема да се плаќаат придонеси.
Придонесите за пензиско, здравствено и социјално осигурување ќе бидат замрзнати на просекот од последните три исплати и тоа во траење од една година“, појасни таа. Ова, според неа, значи сигурност и предвидливост за компаниите, но и повисоки приходи за работниците.
Мерката како што рече, ќе важи за сите работници со нето плата до 65.380 денари, што опфаќа околу 400.000 вработени во државата.
Според неа, со просечно зголемување на платата од 7.500 денари, македонските граѓани ќе добијат дополнителни 585 милиони евра годишно, што ќе значи поголема потрошувачка и економски раст.
Кузеска оценува дека иако за зголемениот износ на платата нема да се плаќаат придонеси, државата и понатаму ќе наплатува 10% данок на личен доход, што ќе донесе 58,5 милиони евра во буџетот.
„Со овој закон сите добиваат – работниците кои ќе имаат поголеми примања, компаниите кои нема да имаат дополнителни трошоци, и државата со остварување на приходи“.
Ги повика сите пратеници во Собранието, особено од ДПМНЕ, да го поддржат овој закон.
„Нема оправдување за негласање. Ова е мерка што значи подобар живот за граѓаните, стабилност за стопанството и развој на економијата.
Ако владејачкото мнозинство го одбие овој закон, тоа ќе биде јасна потврда дека немаат интерес за подобрување на животниот стандард на граѓаните и дека се против зголемување на платите“, додаде Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.
Македонија
Снег на Попова Шапка, магла на одредени патни правци, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по претежно влажни коловози.
Врнежи од снег на Попова Шапка со задржување на коловоз од с.Лисец-Попов Шапка.
Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри на патниот правец Штип – Неготино кај Серта, во Крушво до 50 метри, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 50 метри.
Сите патни правци во државата се проодни.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.

