Свет
Фон дер Лајен: ЕУ има два можни пата пред себе
Во новиот геополитички контекст Европа се соочува со два пата по кои може да оди – да продолжи како досега или да го искористи моментот и да ги мобилизира огромните ресурси што ги има за одбрана на демократијата, нагласи претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во писмото до лидерите на земјите членки на ЕУ.
„Има два можни пата пред нас. Првиот е да го поминеме овој период со усвојување менаџерски пристап, кој ни овозможува да дејствуваме на ситуацијата на теренот, во Украина или на друго место, поединечно или постепено“, им напиша Фон дер Лајен на лидерите на ЕУ пред вонредниот самит, кој ќе се одржи в четврток, посветен исклучиво на европската одбрана и на поддршката за Украина.
„Втората е да ја искористиме можноста, да ги мобилизираме огромните ресурси што ги има Европа, да го повикаме нашиот колективен дух да ја одбраниме демократијата. Верувам дека втората опција е нашиот единствен избор. Тоа е, во крајна линија, нашата цел“, се вели во писмото.
Taa вели дека втората опција бара ослободување на европскиот индустриски и производствен капацитет и негово фокусирање на безбедноста. „Безбедноста е она на што почива нашиот просперитет и од што зависи нашата слобода. Затоа мораме да воспоставиме пречка против оние што сакаат да ни наштетат“, се наведува во писмото.
Претседателката на Комисијата наведува дека Европа многу им е благодарна на Соединетите Американски Држави за поддршката и улогата што ја имаа за нивната безбедност во текот на децениите.
„Како претседателка на Комисијата, силните односи со САД се една од моите главни цели, билатерално и преку групата Г7“, посочува таа додавајќи дека контекстот во кој се наоѓаме денес радикално и драстично се менува.
„Темлите врз кои беше изграден целиот повоен европски политички и економски поредок се разнишани до срж. А кога европскиот поредок е разнишан, историјата нè учи дека целиот меѓународен систем може да се дестабилизира“, се наведува во писмото на Фон дер Лајен.
Во своето писмо до лидерите на земјите членки претседателката на Комисијата наведе план од пет точки за вооружување на Европа, кој може да мобилизира речиси 800 милијарди евра.
Најголем дел од оваа сума, околу 650 милијарди евра, би обезбедиле земјите членки од своите буџети, а преостанатите 150 милијарди би ги обезбедиле преку заедничко задолжување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Германија воведува доброволна воена служба, ќе трае шест месеци, платата е 2.600 евра
Бундестагот го одобри повторното воведување делумна воена регрутација со цел да се зголеми составот на вооружените сили како одговор на новите безбедносни предизвици.
„Слободите во демократијата не се бранат сами од себе. Ова мора да го прават луѓе што се подготвени да се залагаат за овие слободи, а не оние што седат зад оградата и чекаат некој друг да го стори тоа наместо нив“, рече германскиот министер за одбрана Борис Писториус (Социјалдемократска партија на Германија, СПД) во дебатата пред гласањето.
Според новиот закон, воената регрутација ќе се базира на доброволна основа. Во случај да не се појават доволно доброволни регрути во одредени години, Бундестагот би можел да воведе таканаречена воена регрутација на краткорочна основа.
Ќе се воведе и задолжителен прашалник за подготвеност за воена служба и воени способности, кој ќе го пополнуваат членови на одредена генерација, кои наполниле 18 години. Пополнувањето на овој формулар е задолжително само за млади мажи.
Според договорот на ниво на НАТО, Германија се обврзала да има 260.000 активни војници во германската армија, Бундесверот. Моментно во Бундесверот служат 185.000 регрути.
Доброволната воена служба би траела шест месеци и би обезбедувала месечна плата од 2.600 евра.
Денеска наутро, за време на дебатата во Бундестагот, во цела Германија се одржаа протести против повторното воведување на регрутацијата. Протестите, на кои главно учествуваа средношколци, се одржаа со слоганот „Не сакаме да бидеме топовско месо“.
Регрутацијата беше укината во Германија во 2011 година поради уставни пречки.
Свет
Гринкевич: НАТО ќе се справи во Европа и со помалку американски војници
Врховниот командант на НАТО во Европа, американскиот генерал Алексус Гринкевич, изјави дека верува оти Европа ќе се справи добро, дури и со помалку американски војници на Стариот континент.
„Европа нема да има проблеми, дури и ако САД повлечат дел од своите сили“, рече Гринкевич, пренесува „Политико“.
Како што вели тој, Европа и Канада имаат доволно капацитети, а НАТО е подготвен за секоја криза.
Според него, политичките недоразбирања не влијаеле на оперативната подготвеност на НАТО, а зголемените европски инвестиции дополнително ќе ја зајакнат одбраната, дури и ако САД повлечат повеќе војници.
Гринкевич додаде дека постои ризик Русија да се обиде со колективна одбрана на НАТО во блиска иднина, а предупреди и за долгорочната опасност, пренесува „Танјуг“.
Тој вели дека хибридните напади се сериозен проблем и дека НАТО разгледува поактивни одговори, иако не даде детали. „Политико“ проценува дека овие изјави доаѓаат во време кога се очекува новата стратегија на американскиот претседател Доналд Трамп, која би можела да доведе до повлекување на дел од американските трупи од Европа и пренасочување кон Индо-Пацификот.
Како поткрепа на ова тврдење, „Политико“ ја наведува одлуката на Вашингтон да повлече 800 војници од Романија минатиот месец, што предизвика негодување во Букурешт.
Фото: ЕПА
РЕ-Дигитал
Европската комисија го казни X на Маск со 120 милиони евра
Европската комисија одлучи да ја казни платформата X во сопственост на американскиот милијардер Илон Маск со 120 милиони евра за кршење на Законот за дигиталните услуги.
Комисијата утврди дека X не се придржувал кон три одредби од Законот за дигиталните услуги. Првата се однесува на сината ознака за која Комисијата утврди дека ги заведува корисниците да веруваат дека сметка со сина ознака е всушност потврден корисник.
Втората е прекршување на барањето за обезбедување достапност на складиште за реклами, во кое може да се пребаруваат сите реклами прикажани на платформата, што е особено важно за преглед на заведувачки политички реклами во изборните кампањи. Третата е прекршување одредба што им овозможува на истражувачите да анализираат јавно достапни податоци за X.
„Заведувањето на корисниците со сини ознаки, криењето информации во рекламите и исклучувањето на истражувачите немаат место на интернетот на ЕУ“, изјави извршната потпретседателка за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен.
Потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс, напиша за X дека „ЕУ треба да ја поддржува слободата на говорот, а не да ги напаѓа американските компании за глупост“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно ги критикува европските дигитални закони како антиконкурентски.
Комисијата истакнува дека износот на казната, кој изгледа исклучително мал со оглед на приходите што ги генерира X, се одредува според принципот на пропорционалност, кој ги проценува природата, сериозноста, времетраењето и повторувањето на прекршувањето на одредбите од европското право.
фото/ЕПА

