Македонија
Министерството за култура не постапува доследно при изборот на директор на Македонската филхармонија, велат вработените
Со последното соопштение на Министерството за култура и туризам, одговорните од оваа државна институција се обидоа да го оправдаат незаконското постапување при изборот на директор на Македонска филхармонија и со тоа да ги отфрлат обвинувањата на синдикатот на Македонската филхармонија како неосновани и паушални, реагираат вработените.
Во соопштенитето како што истакнуваат, Министерството за култура се повикува на Законот за општа управна постапка (ЗОУП) велејќи дека „Комисијата за селекција на кандидати за избор на директор до учесниците во конкурсот достави барање за дополнително појаснување во однос на доставената документација, што било пракса и во минатите постапки за избор на директор на Филхармонија“, но според нив, истото не кажало конкретно по кој член постапува и за кои минати постапки.
„Согласно член 39 став (3) од ЗОУП „ако поднесокот е нецелосен или нејасен, јавниот орган ќе се обрати до подносителот и ќе определи рок од 15 дена за дополнително појаснување. Ако подносителот ги отстрани недостатоците во определениот рок, ќе се смета дека поднесокот бил од почеток доволно јасен. Ако подносителот не одговори во определениот рок, барањето ќе биде отфрлено со управен акт во рок од дополнителни седум дена, против кој е дозволена жалба.
Во самиот член никаде не се наведува дека е дозволено доставување на дополнителен документ, односно документ кој е наведен како задолжителен во конкурсот, а не бил доставен во определениот рок. Имено, во објавениот конкурс за избор на директор е наведено дека некомплетните и ненавремено доставени документи нема да се разгледуваат. Оттука, Министерството за култура како да не прави разлика меѓу поимите „дополнување на некомплетна документација“ и „појаснување на пријавата“, реагира синдикатот.
Според нив, доколку Министерството смета дека ваквото постапување е во согласност со одредбите на ЗОУП, реченицата „Некомплетните и ненавремено доставените документи нема да се разгледуваат“, ги доведува во колизија и во ситуација на контрадикторност самиот конкурс и одредбите на ЗОУП.
Со ова, оценуваат дека повторно се доведува во прашање легитимноста на конкурсот, односно законското постапување во рамките на истиот.
„По изјавата на Министерот Љутков дека повеќе од половина од назначените директори на национални установи се назначени законски, по пат на оглас објавен од Министерството за култура, не можеме да не го поставиме прашањето: Дали и во другите конкурси била содржана реченицата „Некомплетните и ненавремено доставените документи нема да се разгледуваат“, а доколку била, по кој член и кој закон биле побарани документи кои недостасувале во пријавата“, прашуваат вработените во Филхармонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај по претежно суви коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Од 22 часот вчера, патниот сообраќај на стариот регионален пат Р-1101 Прилеп – Битола е пуштен во двата правци. Претходно беше во прекиин поради сообраќајна несреќа, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
(Фото) Втора вечер на Новогодишниот базар во Чаир
Вчера се одржа втората вечер на Новогодишниот базар во Чаир, на Плоштад Скендербег, продолжувајќи ја празничната атмосфера што го одбележува овој настан. Плоштадот беше исполнет со бројни граѓани кои уживаа во декоративните светилки, празничните штандови и новогодишниот дух, велат од општина Чаир.

Вечерта започна со детска музичка програма, со песни и празнични настапи за најмладите, по што атмосферата продолжи со музика од DJ Едмир, создавајќи жив и пријатен амбиент за сите генерации.

Новогодишниот базар во Чаир продолжува и во наредните вечери, носејќи дополнителни содржини и празнична живост во пресрет на новата година.




Македонија
Стабилно и студено со ниски утрински температури
Утрото ведро и многу студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 5 до 12 степени.
Во Скопје, сончево со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Времето во наредниот период
Во наредните денови времето ќе биде стабилно и студено со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни и наместа ќе се спуштат до -10 степени. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец.

