Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Народот го прочита и знае дека Трендафилов, кој сега глуми синдикалец, е на тастер на СДС, кој молчеше додека тие го осиромашуваа народот

Според владејачката партија, Слободан Трендафилов сега глуми синдикалец, откако глас не пушти за работничките права и раст на платите во времето кога СДС беа на власт.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат, дали молчењето на Трендафилов и сега глумењето синдикалец загрижен за правата и достоинството на работниците е поради тоа што токму СДС го постави на чело на ССМ.
Оценуваат дека Слободан Трендафилов на незаконски и крајно насилен начин, со кршење и изигрување на прописите, е поставен за претседател на ССМ.
„Трендафилов не можел да биде избран на чело на ССМ, затоа што тој претходно не бил претседател на грански синдикат како што налага Статусот и законите, туку бил секретар.
Нелегалното поставување Трендафилов на чело на ССМ се случи за време на власт на СДС и беше дозволено токму од нив. Целиот тогашен државен систем го одмолчи ова незаконие, со цел на чело на овој синдикат да дојде послушник кој што ќе биде мирен и ќе молчи за време на власт на СДС, а ќе глуми синдикалец кога ќе бидат во опозиција.
Сега на дело можеме да го видиме ваквото делување на Трендафилов, бидејќи неговите ставови се идентични како на тие на СДС, што човек би помислил дека се координирани во штабот на Бихаќка.
Слободан Трендафилов нема автентично делување, тој го пресликува и во целост усогласен со СДС.
Затоа и до сега никаде го немаше и како синдикалец, Трендафилов молчеше за системското деградирање на работникот во време на владеење на СДС, премолчи кога Талат Џафери пцуеше вработени во Собрание, збор не кажа за сексуалните напади врз припаднички на армијата од страна на старешини“.
Како што додаваат од партијата на Мицкоски, народот го прочита Трендафилов и знае дека тој е на тастер на СДС.
Нагласуваат дека народот гледа и дека ВМРО-ДПМНЕ на власт посветено работи на подобрување на животот на граѓаните, расте минималната плата, растат платите во здравство и образование, пензиите и содокажаниот раст на економијата ќе продолжат да растат и платите во приватниот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.