Македонија
Мицкоски инспириран да бара уште евтини пари како унгарските поради огромниот интерес: Бизнисот ни е гладен
Бизнис-заедницата покажала интерес за повеќе од 250 милиони евра, пари од унгарскиот кредит, кои Владата ги намени за компаниите во земјата. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека големиот интерес го инспирирал да бара уште такви пари.
„За жал, интересот до овој момент е 380 милиони евра. Значи, бизнисот ни е гладен. Имало проекти, не било дека нема проекти, туку можеби требало евтини пари за да може тие проекти да се реализираат. За нас, ова претставува дополнителна инспирација, мотив да најдеме повторно евтини пари“, рече премиерот Мицкоски.
Тој очекува бизнисите што ќе бидат финансирани со пари од унгарскиот кредит да донесат нови вработувања, повеќе од бројката поставена како цел.
„Кога разговаравме со стопанските комори, поставивме цел од 5.000 нови работни места, но моите информации велат дека таа бројка е удвоена со овие проекти, кои сега бараат финансирање од оваа унгарска линија, и тоа се 380 милиони евра. Очекувам таа бројка да дојде и до половина милијарда, што за мене претставува повторно предизвик, инспирација да побарам нови вакви средства за бизнисот затоа што очигледно дека бизнисот е гладен, сака развој“, вели премиерот Мицкоски.
На располагање на домашното стопанство се 250 милиони евра за кои компаниите со проекти аплицираат во комерцијалните банки за кредит со каматна стапка од 1,95 процент и рок на отплата до 15 години. Максималниот износ за кој може да аплицираат е 10 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

