Свет
Трамп: Ми се јави Трудо, повикот заврши донекаде пријателски
Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа објави дека разговарал со канадскиот премиер Џастин Трудо.
„Џастин Трудо од Канада ми се јави да ме праша што може да се направи со царините. Му реков дека многу луѓе умреле од фентанил кој ги преминал границите со Канада и Мексико и ништо не ме убеди дека тоа престанало.
Тој рече дека има подобрување, но јас реков: „Тоа не е доволно добро“. Повикот заврши „донекаде“ пријателски! Не можеше да ми каже кога се одржуваат канадските избори, што ме натера да се запршам, како, што се случува овде? Тогаш сфатив дека се обидува да ја искористи ситуацијата за да остане на власт. Со среќа Џастин“, напиша Трамп.
Царините стапија во сила вчера.
„За сите заинтересирани, му кажав и на канадскиот гувернер Џастин Трудо дека во голема мера ги предизвика проблемите што ги имаме со нив поради неговата слаба гранична политика, која дозволи огромни количини фентанил и илегалци да влезат во Соединетите држави. Овие политики се одговорни за смртта на многу луѓе“, додаде тој во последователниот пост.
Вчера стапија на сила долгонајавуваните царини од 25 отсто на Трамп за Канада и Мексико, заедно со новата царина од 10 отсто за Кина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

