Свет
(Видео) Корејски воен авион случајно фрли осум бомби, при што беа повредени најмалку седум лица

Најмалку седум лица се повредени откако јужнокорејски воен авион случајно фрли бомби надвор од полигонот Сеунџин во Почеон, Јужна Кореја.
Воените власти соопштија дека борбен авион КФ-16, кој учествувал во вежба за гаѓање, фрлил осум бомби МК-82 надвор од полигонот Почеон во 10:04 часот, при што биле повредени цивили и причинета материјална штета.
„Авион КФ-16 на воздухопловните сили по грешка фрли осум бомби МК-82, кои експлодираа надвор од предвидениот периметар“, се вели во соопштението.
Бомбите паднале на патот во близина на мостот Нангју во Ногок-ри, 50 километри североисточно од Сеул. Четири лица се тешко повредени, а другите полесно, а оштетени се седум цивилни куќи, меѓу кои и една црква.
Бомбата МК-82 е неводена муниција која се фрла од воздух и се користи за уништување на објекти како згради и мостови. Создава експлозивен кратер со дијаметар од приближно осум метри и длабочина од 2,4 метри.
Вежбата со жив оган беше дел од заедничките вежби во кои учествуваа јужнокорејските воздухопловни сили и армијата и силите на САД, а беа вклучени повеќе борбени авиони, вклучувајќи ги и F-35A, F-15K, KF-16 и FA-50.
По инцидентот, воздухопловните сили започнаа истрага предводена од заменик-началникот на Генералштабот Парк Ки-ван за да се утврди точната причина за неуспехот и да се процени штетата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Стармер: Ќе играме водечка улога во безбедносните гаранции за Украина

Британскиот премиер Кир Стармер им се обрати на работниците во фабрика за одбрана во Ливерпул.
„Безбедноста и одбраната на нашата земја, на Европа и на Украина се апсолутно најважни во овој момент“, рече тој.
На прашањето за воената поддршка за Украина премиерот изјави дека она што е најважно е траен мир, кој ќе стави крај на војната и ќе гарантира дека Украина може да носи свои одлуки.
„Важно е сите да се фокусираат на тоа. Ако има договор, ќе го браниме договорот“, додаде.
Тој истакна дека владата мора да се фокусира на потенцијалните безбедносни гаранции и додаде дека „Обединетото Кралство ќе игра водечка улога“ во тоа.
„Ова мора да се направи во соработка со САД“, одлучен е Стармер.
Свет
Захарова: Испраќањето мировни сили во Украина дополнително ќе ја ескалира војната

Во Русија портпаролката на Министерството за надворешни работи предупреди дека испраќањето европски мировен контингент во Украина и евентуалниот едномесечен прекин на огнот само дополнително ќе ја ескалира војната.
„Конфликтот неизбежно ќе избувне повторно со обновена сила… Ова е апсолутно неприфатливо“, рече Марија Захарова.
Додаде дека идејата за европските мировни сили во Украина покажува дека европските лидери не научиле ништо од минатото.
Захарова исто така тврди дека секоја европска мировна мисија, доколку се спроведе, само ќе ја продолжи агонијата на режимот во Киев.
Свет
Судот: „Бионтек“ и „Фајзер“ го украдоа патентот на „Модерна“ кога ја развиваа вакцината против Ковидот

Германската биотехнолошка компанија „Бионтек“ и нејзиниот американски партнер „Фајзер“ незаконски ја користеле заштитената интелектуална сопственост на „Модерна“ во развојот на вакцината против Ковидот и мора да ѝ платат компензација, одлучи германскиот суд.
„Бионтек“ и „Фајзер“ ги прекршиле патентните права на „Модерна“ при развивањето на вакцината против Ковид-19, пресуди судот во Диселдорф и мора да ѝ платат соодветна компензација.
Пресудата вклучува и барање „Бионтек“ и „Фајзер“ да дадат информации за профитот од користењето на патентот.
„’Модерна’ со седиште во САД поднесе барања за информации и отштета поради прекршување на нејзините патентни права во развојот на вакцината против Ковид-19. Регионалниот суд во Диселдорф пресуди во корист на ‘Модерна’“, рече портпаролката.
Обвинетите компании тврдеа дека „Модерна“ ја одобрила употребата на патентот во соопштение за печатот во октомври 2020 година. Дозволата, тврдат тие, важела до 5 мај 2023 година кога Светската здравствена организација (СЗО) објавила дека коронавирусот повеќе не е закана за јавното здравје.
Судот, сепак, утврди дека „Модерна“ ја повлекла лиценцата во соопштението за печатот објавено на 7 март 2022 година. Затоа, според судот, германски „Бионтек“ и американски „Фајзер“ ќе треба да плаќаат за користење на патентот 14 месеци по одземањето на лиценцата, а не само од мај 2023 година.
Германскиот суд допрва треба да ја одреди висината на обесштетувањето на „Модерна“. „Фајзер“ и „Бионтек“ имаат право на жалба.