Македонија
Ѓорѓиевски: Ја отворивме првата спортска сала во Пинтија
Пинтија за првпат доби затворена спортска сала – современ простор кој ќе овозможи квалитетна настава по физичко образование и подобри услови за спорт и рекреација. Со површина од 350 квдратни метри, салата ќе им служи на учениците од ПОУ „Рајко Жинзифов“ и на сите млади спортски таленти од оваа населба.
Градонаачалникот на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски, обелодени дека слата го носи името на Александар Стојчев.
„Особено ми е чест што оваа сала го носи името на нашиот херој, Александар Стојчев, кој го даде својот живот за татковината во 2001 година. Неговата жртва никогаш нема да биде заборавена, а денешниот настан е и симбол на нашата почит кон неговото семејство, кое е денес тука со нас. Со отворањето на оваа сала не само што создаваме подобри услови за младите, туку и испраќаме јасна порака – Пинтија се развива како никогаш досега! Оваа населба, која со години беше запоставена, денес добива целосно нов лик со капитални инвестиции какви што никогаш досега не биле реализирани. Изградивме плоштад на местото на некогашната дива депонија, ги реконструиравме улиците низ целата населба, а со изградбата на фекалната канализација решaваме долгогодишен инфраструктурен проблем на жителите. И денес, на овој свечен ден, го заокружуваме овој развоен циклус со отворањето на првата затворена спортска сала во Пинтија – салата “Александар Стојчев”. Со овој проект, нашите ученици конечно добиваат современ простор за физичко образование, за спорт и за развој на нивните потенцијали во услови какви што заслужуваат“, рече грдоначалникот.
Им се заблагодари на “ТИТАН Усје” за нивната поддршка во реализацијата на овој проект.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мирчевски ексдиректор на СОЗР направил низа злоупотреби во СОЗР за време на владеењето на СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Пеце Мирчевски ексдиректор на СОЗР направил низа злоупотреби во СОЗР за време на владеењето на СДС. Тој е синоним за начинот на владеење на функционерите од СДС, криминал, аздисаност и личен профит. Секојдневно на површина излегуваат докази за криминалното владеење на СДС, Филипче и нивните партиски функционери, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија посочуваат дека Државниот завод за ревизија извршил ревизија каде што утврдил дека се направени низа пропусти и злоупотреби за време на СДС и нивниот ексдиректор на СОЗР Пеце Мирчевски.
„Низа системски слабости од нефункционални финансиски контроли во бифеата, преку проблематични вработувања, до несоодветно управување со државниот имот, откриле државните ревизори во работењето на Службата за општи и заеднички работи за време на владеењето на СДС и Пеце Мирчевски.
Ексдиректорот на СОЗР, Пеце Мирчевски, ја пренатрупал службата со партиски кадри без соодветно образование и сертификати“.
Според соопштеното од ВМРО-ДПМНЕ, во 2024 година биле исплатени 3.274 илјади денари за 21 привремено ангажирано лице, од кои дел извршувале редовни работни задачи, вклучително и раководни функции.
Ревизорите, потсетуваат од оваа партија, укажуваат дека овие позиции законски бараат високи стручни квалификации и сертификати, а предупредуваат и дека големиот број привремени ангажмани, честата кадровска флуктуација и недоволното вложување во обука претставуваат ризик за континуитетот и квалитетот на услугите.
„Мирчевски е синоним за недомаќинско работење, аздисаност и празнење на државните сметки.
Миречевски има низа пропусти и скандали позади себе. ЈО исто така имаше отворено предмет за поранешниот директор на СОЗР кадар на СДС, Пеце Мирчевски, кој добил автомобил од фирма добитник на тендери.
СДС е партија каде нејзините функционери додека биле на власт, наместо за државата и интересите на граѓаните, работеле исклучиво за личен профит и профит на блиски лица до врхушката на СДС“.
Македонија
(Видео) Филипче: Протестите за возачките дозволи не се начин, власта треба да понуди решенија за сите граѓани
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, посочи дека протестите на дел од граѓаните поврзани со возачките дозволи и системот „Сејф сити“ не се начин за решавање на проблемите, но дека Владата има обврска да понуди институционални и законски решенија за сите категории граѓани.
„Сметам дека протестите не се начинот да се бара решението. Ние кажавме на почетокот за законот што сметаме дека е добро, а што сметаме дека е лошо, и тоа е начинот за да се најдат решенијата“, изјави Филипче.
Тој истакна дека власта не треба да ги игнорира општествените проблеми, туку напротив, да се отворат како теми за сериозна дебата и одговорна политика, при што владата мора да реагира секогаш кога постои немир кај граѓаните.
„Улогата на владата е да излезе во пресрет на сите. Значи прекршување на закон не смее да се толерира, меѓутоа мора да се разговара со луѓето, да види кои се проблемите и да им се понуди решенија за да може да функционираат понатаму.
Воедно, во одговор на новинарското прашање, Филипче ги демантираше информациите дека СДСМ стои зад протестите на дел од граѓаните Роми.
„Не. апсолутно демантирам“, рече Филипче.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје излегува од финансискиот и институционален колапс
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на денешната прес конференција за медиумите, кажа дека Скопје излегува од финансискиот и институционален колапс и влегува во период на стабилизација, развој и најголема инвестициска офанзива во својата историја.
Тој истакна дека при преземањето на функцијата затекнал урнат систем, град на раб на банкрот, јавни претпријатија со блокирани сметки, вработени без плати, нефункционални институции и долгови од речиси 300 милиони евра. На сметката на градот имало само осум милиони денари реално расположливи средства, додека истиот ден чекале извршни решенија од 48 милиони денари.
Во само два месеци, како што информираше, намалени се повеќе од 40 милиони евра обврски на Градот и јавните претпријатија, нормализирана е исплатата на платите во Дрисла, Комунална хигиена, Паркови и зеленило, Лајка, Флораком и Луна, каде што претходно, како што кажа, се доцнело по две плати.
Градоначалникот кажа дека Буџетот за 2026 година изнесува 5,2 милијарди денари – зголемен за 12 проценти. Пренесен е вишок од 482,9 милиони денари, со што за првпат по долги години Град Скопје има повеќе пари отколку обврски.
„Тоа ни овозможи да тргнеме во најголемата инвестициска офанзива досега. Капиталните инвестиции се зголемени за 33,4 проценти, а веќе се реализирани 389,7 милиони денари, при што јануари 2026 година е најуспешен јануари по приходи и реализација“, кажа Ѓорѓиевски.
Градоначалникот им се заблагодари на граѓаните кои го платиле данокот на имот и информираше дека се блокирани 17.694 сметки за долг од 1,3 милиони евра за 2021 година, како и дека во наредните 15 дена се очекува подмирување на обврските од 2022 до 2025 година од вкупно 96.562 физички лица и 2.335 правни субјекти во износ од 19,5 милиони евра.
„Ред мора да има. Секој денар во буџетот значи повеќе проекти и подобар живот за сите“, порача тој.
На крајот, Ѓорѓиевски нагласи дека ова е само почеток на финансиската консолидација и целосната трансформација на градот.
„Наследивме долгови, но градиме иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта. Ќе го направиме Скопје модерен, чист, функционален и достоинствен град. Нема враќање назад. Нема изговори. Само резултати. Заедно ќе успееме. Време е скопјани да живеат подобро, време е градот да застане цврсто на нозе и да оди напред“, кажа тој.

