Топ
Младо момче добило лажна порака да се сретне со девојка, па било однесено во куќа во Ѓорче и претепано

Хорор во скопската населба Ѓорче Петров.
Мајка пријавила во полицијата дека нејзиниот 15-годишен син примил порака на социјална мрежа од лажен профил на неговата девојка, за да се сретнат.
Потоа, според информацијата на МВР, момчето заминало на договореното место, но наместо да се сретне со девојката било пресретнато од четири машки лица од кои едниот го познавало од претходно.
Според пријавата, четворицата го грабнале и однеле во куќа во Ѓорче, по што го натепале и му го украле мобилниот телефон. За ужасот да биде поголем, насилството го снимале и го објавиле на социјална мрежа, а подоцна видеото било избришано.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Нема да има данок за немажени и неженети – целта беше отворање јавна дебата

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема да има данок за немажени и неженети, појаснувајќи дека изјавата имала за цел да поттикне јавна дебата.
„Се извинувам на тие што можеби погрешно ја протолкуваа таа моја иницијатива, но факт е дека сум исклучително загрижен за демографската состојба во Македонија и факт е дека како претседател на Владата е моја одговорност да бидам загрижен за демографската иднина на мојата татковина“, рече Мицкоски, oдговарајќи на новинарско прашање по седницата на Извршниот комитет.
Вели дека изумираме тивко, а тоа поминува незабележано. Бројот на новородени е намален за 30, а бројот на бракови за 17 отсто за само неколку години.
Според него, не е до финансиите, туку до желбата, вредностите и воспитувањето. Тој повика на фокус кон семејството и на заедничка работа за обезбедување иднина на државата.
„Семејната парада е мојата гордост. Тоа е политиката што ќе ја водам додека сум премиер,“ заклучи Мицкоски.
Премиерот претходно, оваа недела изјави дека Владата размислува за даночење на немажените и неженетите, што предизвика бурни реакции во јавноста.
Македонија
Орце Ѓорѓиевски е кандидат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, да биде кандидат за градоначалник на Градот Скопје.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој ја објави одлуката, изјави дека тој убедливо водел на партиските анкети, покажал дека знае и сака да работи за граѓаните, делата во Кисела Вода говорат за него, но и ќе има нова задача – да го врати Скопје на скопјани.
Мицкоски го опиша Ѓорѓиевски како нова енергија, каква што му е потребна на Скопје после едно четиригодишно девастирање и замреност на Градот. Најави програма и визија за градот, истакнувајќи дека на овие избори влегуваат како фаворити, што носи и поголема одговорност.
Орце Ѓоргиевски изјави дека со кандидатурата за градоначалник на Скопје е исправен пред еден од најголемите предизвици во кариерата. Благодарен е за поддршката од премиерот Мицкоски, и најави теренска кампања и работа на програма што ќе понуди решенија за сообраќајниот хаос, хигиената и дивите депонии. Потенцираше дека ќе остане достапен за сите граѓани и ќе го воскресне Скопје кој сега се наоѓа во сивило, за да се издигне во град достоинствен за живот.
Македонија
(Видео) Пожарите ќе се гаснат со пренаменети армиски и полициски возила кои 8 години биле запуштени, рече Мицкоски

Полициски и армиски возила коишто повеќе од осум години биле целосно запуштени, се пренаменети за да ги гаснат шумските пожари.
Премиерот Христијан Мицкоски кој присуствуваше на презентацијата на 38 возила (уште 5 дополнително ќе бидат доставени), рече дека државата е подготвена да се справи со сезоната на пожарите.
„На овој начин државата заштедува неколку десетици милиони евра, а капацитетите за интервенција се зголемени повеќекратно“, рече премиерот.
Мицкоски додаде и дека оваа недела се очекува да се врати вториот авион за гаснење пожари од сервис, додека третиот треба да пристигне до крајот на месецот или почетокот на август. Исто така, во функција се ставени и по два армиски и полициски хеликоптери.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, на настанот изјави дека се работи за моќни теренски возила со пумпи и цистерни, кои веќе се оперативни.
„Дирекцијата за заштита и спасување во својата структура доби 18 прилагодени моќни теренски возила Пинцгауер (дополнително очекуваме уште 5) со резервоари од 1500 литри, 15 прилагодени оклопни транспортни возила БТР 80 со резервоари од 6 тона и 5 оклопни транспортни возила Хермелин со влечни цистерни од 2, 4, 6 или 8 тона. Сите 43 специјални возила се опремени или се опремуваат со моќни водни пумпи со домет на водниот млаз од 25 до 100 метри“, рече Ангелов.
Ангелов порача дека ова лето „гранката нема да му треба“, истакнувајќи ја подготвеноста во споредба со минатото.
На воениот полигон Пепелиште, присуствуваа и потпретседателот Љупчо Димовски, министрите Тошковски и Мисајловски, градоначалникот Јанчев и други функционери, пришто беше одржана демонстрација на противпожарните капацитети на новите возила.