Свет
Ен-Би-Си: Трамп може да ги брани само членките на НАТО кои трошат повеќе за одбрана
Американскиот претседател Доналд Трамп ја разгледува можноста за промена на учеството на САД во НАТО, со што САД би бранеле друга членка на Алијансата, само доколку таа членка ја исполни целта на НАТО за трошоците за одбрана, изјавиле извори денес за „NBC News“.
Доколку Трамп ја воведе таа промена, тоа би било кршење на принципите на Алијансата познат како член 5, кој вели дека напад врз која било земја на НАТО е напад врз сите членки.
Трамп на сличен начин размислува за промена на политиката во која САД би можеле да одлучат да им дадат приоритет на воените вежби со членките на НАТО кои трошат одреден процент од својот БДП за одбрана, рекоа официјални лица.
Администрацијата на САД веќе им сигнализираше на европските сојузници дека САД би можеле да го намалат своето воено присуство во Европа, а една од опциите што сега се разгледува е да се репозиционираат некои американски војници во регионот, така што тие да бидат фокусирани на, или околу земјите од НАТО кои ги зголемија трошоците за одбрана.
Според најновите статистики на НАТО, минатата година 23 членки на НАТО издвоиле повеќе од два отсто од БДП за одбраната, а повеќе од три Естонија, Грција, Латвија, Полска и САД.
Најголем процент одвои Полска, која за одбрана потрошила 4,12 отсто од БДП.
Потенцијалната промена во начинот на учество на САД во НАТО доаѓа кога Трамп ги притиска европските сојузници да направат повеќе за да и помогнат на Украина во војната со Русија, анализира медиумот.
Трамп се закани дека ќе ги повлече САД од НАТО за време на неговиот прв мандат и го доведе во прашање ефектот на членот 5 за САД, кој беше активиран само еднаш претходно, по нападите на 11 септември на САД.
Украина побара членство во НАТО, но администрацијата на Трамп објави дека тоа нема да биде дел од потенцијалниот мировен договор, пренесува Танјуг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(ФОТО) Фотографија од почетокот на пожарот: Можно влијание на акустичните плочи врз ширењето на огнот
Присуството на акустични плочи можело да придонесе за ширењето на смртоносниот пожар што избувна за Нова година во Швајцарија, изјави независен експерт за противпожарна безбедност.
На фотографиите што ги објави француската телевизија BFMTV, а кои наводно го прикажуваат почетокот на пожарот, на таванот се забележуваат акустични плочи – панели што апсорбираат звук и се користат за подобрување на акустиката на просторот.
🔴 EN DIRECT
DOCUMENT BFMTV. Incendie mortel à Crans-Montana: une photo prise dans le bar capture le moment du départ de feuhttps://t.co/U1YHJSaDqk pic.twitter.com/NNmxnIQ9KA— BFM (@BFMTV) January 1, 2026
Одговарајќи на прашање на CNN за можните фактори што можеле да влијаат врз развојот на пожарот, Стивен Макензи укажа дека станува збор за познат проблем кога е во прашање заштитата од пожари.
Тој повлече паралела со катастрофалниот пожар во ноќен клуб во Род Ајленд во 2003 година, во кој акустичните плочи биле запалени од сценска пиротехника.
„Материјалот што се запалил е речиси како пластичен бензин. Затоа гледаме извештаи за голем број млади луѓе со изгореници од прв, втор, трет и, за жал, четврти степен“, изјави Стивен Макензи .
Фото: ЕПА
Свет
Европската Унија го укина роамингот за Украина и Молдавија
Од 1 јануари, Украина и Молдавија официјално се приклучија на единствената зона на роаминг на Европската Унија, што значи дека нивните граѓани можат да користат мобилни телефонски услуги низ цела ЕУ без дополнителни трошоци.
Оваа одлука, која стапи на сила на Нова Година, им овозможува на Украинците и Молдавците да се јавуваат, да испраќаат пораки и да користат мобилни податоци во 27 земји-членки по домашни цени.
Европската комесарка за проширување Марта Кос, исто така, ја објави веста на социјалната мрежа X.
„Од денес можете да „шетате како дома“ затоа што ви подготвуваме дом во Европската Унија. Предностите на нашата Унија ги зближуваат Европејците низ целиот континент дури и пред да се приклучат кон ЕУ“, напиша Кос.
Овој потег е првпат земјите надвор од европскиот блок да се приклучат кон единствената роаминг зона како дел од програмата „роаминг како дома“ (RLAH).
За Украина, влегувањето во оваа зона исполнува еден од условите за европска интеграција во областа на електронските комуникации. Иако земјата продолжува да спроведува реформи на патот кон полноправно членство во Европската Унија, ова се смета за важно симболично достигнување.
фото/депозитфотос
Свет
Русија подготвува голема провокација во наредните денови, предупредуваат украински разузнавачи
Службата за надворешно разузнавање на Украина предупреди дека Русија подготвува голема провокација со човечки жртви на или непосредно пред 7 јануари, со цел да ги попречи мировните преговори посредувани од САД.
Во соопштение објавено на Телеграм, украинските разузнавачи наведуваат дека Кремљ, по таканаречениот „напад врз резиденцијата на Путин“, шири нови, измислени информациски структури за да ја подготви руската и меѓународната јавност за понатамошна ескалација.
„Со висок степен на веројатност, очекуваме премин од манипулативни информативни активности кон вооружена провокација од страна на руските тајни служби, што би вклучувало значителни човечки загуби“, се вели во соопштението.
Според украинската разузнавачка служба, провокацијата би можела да се изврши пред или за време на прославата на Божиќ според јулијанскиот календар, кој се слави на 7 јануари. Како можни локации на напади се споменуваат верски објекти или други места со силно симболично значење, или на територијата на Русија или на привремено окупираните територии на Украина.
За да ја обвинат Украина за нападот, руските служби, според Киев, треба да ги користат остатоците од западните борбени беспилотни летала.
„За да се инсценираат докази за наводната вмешаност на Украина, планирано е да се користат фрагменти од западни борбени беспилотни летала, кои би биле донесени на местото на провокација од бојното поле“, наведува службата за надворешно разузнавање.
На крајот од соопштението, украинските разузнавачи ги повикуваат медиумите со голема претпазливост да пристапат кон материјалите објавени од Кремљ, темелно да ги проверат и да се воздржат од ширење руски дезинформации.

