Македонија
Тошковски во Израел: во фокусот зајакнување на соработката во областа на безбедноста и размена на практики во борбата против тероризмот
На покана на израелската компанија Elbit Systems, која е наш долгогодишен партнер во унапредувањето на техничките системи и безбедносните капацитети на Министерството за внатрешни работи, особено во рамки на проектот „Безбеден град“, деновиве престојувам во Израел, обајви министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на социјалните мрежи.
Оваа посета, како што вели, претставува значајна можност за размена на искуства и запознавање со најновите технолошки решенија што ги развива Elbit за справување со модерните безбедносни предизвици.
Посебен фокус бил ставен на иновациите во заштитата на границите, урбаната безбедност и борбата против тероризмот, како и можностите за интеграција на напредни технологии во безбедносниот систем на нашата земја.
„Дополнително, го посетив Полицискиот контролен центар во Тел Авив, каде што се запознав со функционирањето на нивниот интегриран безбедносен систем. Центарот користи напредни алатки и автоматизирани процеси за брза реакција на безбедносни инциденти, што е одличен пример за ефикасно управување со јавната безбедност и превенција на криминалот.
Во рамки на посетата, остварив средба и со првиот човек на израелската полиција, г. Рафаел Енгел, генерален директор во израелското Министерство за национална безбедност, со кого разговаравме за зајакнување на соработката во областа на безбедноста и размената на добри практики во борбата против тероризмот и организираниот криминал. Изразив искрено сочувство за жртвите од терористичкиот напад на 7 октомври 2023 година, како и поддршка во сите напори за враќање на заложниците кои сè уште не се вратени во своите домови.
На средбата беше истакнато дека Македонија и Израел се две пријателски земји со заедничка посветеност на безбедноста и стабилноста, кои преку размена на знаење, искуства и технолошки решенија можат уште повеќе да ги унапредат своите безбедносни капацитети“, нагласува Тошковски.
Информира дека справувањето со терористичките закани и јакнењето на меѓународната соработка биле меѓу клучните теми на разговор, со акцент на потребата за превентивни стратегии и современи технолошки решенија кои обезбедуваат брза и ефикасна реакција во заштитата на граѓаните.
„Оваа посета претставува уште еден чекор кон зајакнување на партнерството меѓу Македонија и Израел во доменот на безбедноста, како и доказ за нашата заложба за модернизација на безбедносните структури преку соработка со светски лидери во оваа област“, вели Тошковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

