Македонија
Паркирањето на Клинички ќе биде 50 денари, што за Таравари е добра цена, но вели дека договорот не е потпишан и ќе поништи ако јавноста е против
Секогаш ми значи мислењето на јавноста, договорот со албанската компанија за паркингот на Клинички центар не е потпишан и може да се поништи, рече денес министерот за здравство Арбен Таравари на промовирањето на обновениот кат на Инфективната клиника. Службите го известиле дека процедурата во Министерството е помината, но следува фаза во која компанијата треба да помине филтри во Владата.
„Сега има уште одредени филтри што треба да поминат во Владата, ако поминат – во ред, ако не поминат – пак ќе го објавиме конкурсот. Не е потпишано. Ако на јавноста не ѝ се допаѓа, јас сум за тоа да не го потпишам. Мислам дека на Клинички центар паркингот причинува огромна нервоза. Секогаш многу ми значи што ќе слушнам од јавноста. Ако ми кажат дека не е во ред нешто, пуштено е и во Владата, ако и таму ми кажат дека има одредени пропусти, немаме ништо. Ќе го поништиме, ќе го објавиме пак, само ќе изгубиме една година“, рече министерот Таравари.
Во документацијата била дефинирана и цената на паркирање, а Таравари уверува дека албанската компанија нема да го добие паркингот на 20 години, како што стои во физибилити-студијата, туку на најмногу 10 оти уште толку време министерот очекува Клиничкиот центар да остане на оваа локација. Токму кусиот период за стопанисување со паркингот Таравари смета дека бил причина што се пријавила само една фирма.
„Цените се 50 денари. На ‘Рамстор’ е 60 денари. Тука имавме паркирање автомобили, ги оставаа тука и потоа излегуваа во град. 50 денари јас мислам дека е пристојна цена за оваа територија. Еве пред ‘Нова Македонија’ е 40 денари за граѓани. 50 денари не е цена што е многу висока. Мислам дека цената не е лоша. Најдобро е 0 денари да биде, меѓутоа ако има таков понудувач да изгради плус 600 паркинг-места, би било идеално. Имаше аукција, тоа е цената што е дадена“, вели министерот Таравари.
Компанијата „Ѓока констракшн“ од Албанија, доколку министерот го потпише договорот, ќе има обврска по принцип на јавно-приватно партнерство да изгради две монтажни катни гаражи во Клиничкиот центар и да стопанисува со нив во период од, како што рече министерот денес, најмногу десет години. За возврат ќе ѝ дава на државата 1 отсто од годишниот приход.
За еден час паркирање сега на паркингот на Клинички центар се плаќа 30 денари. Со него стопанисува јавното претпријатие „Градски паркинг“.
Изградба на катни гаражи во Клиничкиот центар и решавање на паркирањето беше изборно ветување на секоја нова власт изминативе две децении, но место решение, пациентите со секоја нова смена на власта плаќаат сè поскап паркинг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Нема поголема минимална плата, доаѓаат „економски работници“
Поголема минимална плата? Нема да има. Нема пари ниту за минимална плата, ниту за земјоделците, ниту за пензионерите, велат од СДСМ.
„Очигледно сите ќе мора да се навикнеме дека поголеми плати нема да има.
Ни доаѓаат „економски работници“. Според договорот кој го објавија британски медиуми треба да им се обезбедат плати, сместување, пензии. Ако нема работа мора да им се плати, што значи нема да има ниту за плати ниту за пензии. Така вели договорот.
Не, тоа не се мигранти. Економски работници. Затоа и Законот за странци го сменија.
Може да ги нарекуваме економски работници додека Мицкоски не им даде пасоши, а потоа ќе станат рамноправни граѓани на Македонија.
Што да се прави, договор си е договорот“.
Како што нагласуваат од СДСМ, засега во буџетот недостига само една милијарда евра.
„Само ВМРО-ДПННЕ не се грижи. Има пари до крајот на мандатот за уште криминални тендери“.
Македонија
Сиљановска-Давкова ја прими албанската министерка Спиропали: Заедничката европска перспектива да стане реалност
Регионот како целина треба да се интегрира во Европската Унија без натамошно одложување, заклучија на денешната средба претседателката Гордана-Сиљановска Давкова и министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во официјална посета.
Сиљановска-Давкова го поздрави напредокот на Албанија во пристапниот процес, укажувајќи дека во актуелниот геополитички контекст, напредокот на секоја земја има позитивен ефект врз регионалната евроинтеграциска динамика.
Претседателката потсети дека, по 20 години кандидатски статус, македонскиот пристапен процес станува исцрпувачки маратон, со постојано одложување на целта.
Таа потенцираше дека Копенхагенските критериуми мора да бидат единствените услови за членство и дека билатерализацијата создава опасен преседан, овозможувајќи блокирање на европскиот пат и на други земји кандидатки.
Албанската министерка искажа силна поддршка за македонските евроинтеграции и уверување дека земјите од Западниот Балкан споделуваат идентични цели и вредности и треба заеднички да чекорат кон европското семејство.
Обете се согласија дека регионалната соработка е клучна за стабилноста, добрососедските односи и
инфраструктурното поврзување, а особено за реформски процеси неопходни за членството во ЕУ.
Во трилатералниот меморандум потпишан меѓу нас, Бугарија и Албанија, препознаваме јасно дефинирана временска рамка и динамика за реализирање на активностите врзани за Коридорот 8.
Воспоставувањето на систем со едно застанување „One Stop Shop“ на сите гранични премини меѓу двете земји, сметаат дека ќе придонесе за брза заедничка контрола и јакнење на меѓусебната соработка.
Соговорничките укажаа на потребата од засилена економска соработка и се заложија за продолжување на одличната соработка во НАТО.
Почитувањето на правата на малцинските заедници е додадена вредност за пријателските македонско-албански односи.
Македонија
МЗШВ: Исплатени се 335.963.096 денари кон 1.211 сточари
Денеска е извршена исплата на средства во вкупен износ од 335.963.096 денари кон 1.211 сточари, согласно Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Во однос на корисниците на кои не им се исплатени средства по основ на субвенции за 2023 година, информираме дека е потребно истите да се обратат до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, со цел да се изврши детална проверка и разгледување на секој поединечен случај. Грижата за земјоделците продолжува“, велат од таму.

