Македонија
(Видео) Левицата предлага зголемување на породилното отсуство од девет на осумнаесет месеци

На денешната прес-конференција на портпаролот на Левица и пратеник во Собранието, Амар Мециновиќ, кажа дека пратеничката група на Левица поднела измени на Законот за работни односи со цел зголемување на породилното отсуство.
„Левица предлага зголемување на породилното отсуство на мајките од девет на осумнаесет месеци. Ова е една од мерките која нам ни е многу важна и е дел од нашата програма за која сметаме дека ќе наиде на слух кај владејачкото мнозинство ако земеме во предвид дека ВМРО-ДПМНЕ пред седум години предложи сличен закон”, истакна Мециновиќ.
„Овие трети измени во ЗРО кои ги поднесуваме се со цел подобрување на социјалната и економската заштита на мајките и семејствата во Република Македонија. Предлог-законот што го поднесуваме предвидува продолжување на платеното породилно отсуство од сегашните девет до петнаесет месеци, зависи од ситуацијата, на осумнаесет месеци непрекинато за било која можна ситуација. Без разлика дали е случај со едно дете, со повеќе деца или со посвојување.
Ова има за цел да овозможи на мајките физичко закрепнување и градење здрава врска со нивните деца, без страв од финансиска несигурност или губење на работното место. Овие измени се неопходни поради низа причини, од кои првата е здравиот разум и фактот дека нашата држава е социјална држава” – објасни пратеникот од Левица.
Истражувањата како што кажа тој, покажуваат дека долгото и квалитетно време поминато со родителот во животот е клучно за психофизичкиот развој на детето.
Додаде дека државата треба да креира безбедни и оптимални услови за родителство.
„Во повеќето европски земји породилното и родителското отсуство се значително подолги.
Во сегашниот систем, многу родители, мајки, се принудени да се вратат на работа порано од што е препорачливо, поради финансиски причини. Оваа измена ќе ја намали финансиската неизвесност и ќе им овозможи на семејствата стабилност” – заклучи Мециновиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.