Македонија
Мицкоски: Кога од опозицијата коментираат со лаги и навреди, ги загрозуваат нашите стратешки интереси заедно со нашиот стратешки партнер САД
„Многу суштинско прашање, посебно после она што вчера се случуваше на состанокот на Европскиот совет, кога не помина едногласно одлуката за буџетот, нешто што е многу важно“, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање околу состојбата во Украина и во однос на обвинувањата од страна на опозицијата за начинот на кој гласаше Македонија за Резолуцијата на Европска Унија за Украина.
Тој е дециден дека никој не треба да има дилема дека наша стратешка цел е полноправно членство во Европската Унија, но исто така наш стратешки партнер се Соединетите Американски Држави.
„Бев критикуван во минатото од страна на тогашната власт и некои во тоа време аналитичари од страна на власта дека сме биле повеќе кон Исток, отколку кон Запад, сега кога сме многу кон Запад, зошто сме толку многу кон Запад итн. Јас ги разбирам, јас не можам нивниот гнев и начин на формирање на измислици и креатури да го оправдам, но ги разбирам.
Фрустрирани се, надежта се враќа кај граѓаните, се гради, гледате проекти, индикаторите се позитивни и сето тоа е во ред. Но, на тој начин кога коментираат тие ги загрозуваат нашите стратешки интереси, заедно со стратешкиот наш партнер Соединетите Американски Држави.
Кога анализираат со лаги и измислици и кога навредуваат. Знаете еден аналитичар, многу близок до сегашната опозиција, порано власт, кој што, морам да признам, изнесе една планина клевети, навреди кон претседателот на Соединетите Американски Држави, и не излезе во јавноста ниту тој да се извини нити тие коишто го поддржуваат, а тоа е сегашната опозиција, поранешната власт, односно сегашната опозициска коалиција Левица, СДСМ и ДУИ. Нити пак тие излегоа“, истакна Мицкоски.
Тој очекува во периодот којшто следи, да биде потврдено она што еднаш го кажа, и тоа веќе се потврдува, најголемиот дел од европските лидери ќе бараат средба со претседателот Трамп и ќе бараат начин како да се стави крај на овој конфликт, предизвикан од руската агресија во Украина.
„Јас сум убеден дена ние како државата треба да се позиционираме заедно со нашиот стратешки партнер, убедени сме во Владата дека, тоа е правецот во којшто ние како држава треба да се движиме и во име на тоа, беше и нашата поддршка, како Влада, на Резолуцијата која беше поднесена од страна на Соединетите Американски Држави, како резултат на тригодишнината од почетокот на руската агресија во Украина, во рамките на Обединетите Нации“, подвлече Мицкоски и додаде:
„Дека нашиот став беше исправен, потврдата стигна во гласањето во Советот на безбедност, којшто како одлука носи конечни одлуки, каде што голем дел од постојаните земји членки на Советот на безбедност, а се дел и Европската Унија, но и оние коишто се повремени членки, а се дел од Европската Унија, не гласаа против, туку гласаа воздржано. Ако тие беа против, можеа да гласаат против и да ја блокираат.
Тие не ја блокираа, со што Резолуцијата во која ние како коспонзори бевме заедно со уште други три држави, а поднесена од Соединетите Американски Држави, стана обврзувачка резолуција. Така што тоа е правецот којшто треба оваа Влада, според мое мислење, да го следи и цениме дека траен, одржлив мир во Украина е нешто што на Европа и е потребно, но и на светот му е потребен.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

