Македонија
Нова капитална инвестиција се реализира во Драчево, општина Кисела Вода

Денес, во Драчево започна уредувањето на коритото на реката Мала Рада, значаен инфраструктурен проект кој ќе ја зголеми безбедноста од поплави и во целост ќе го унапреди квалитетот на живеење. Проектот, вреден 30.800.000 денари, е одобрен од Владата на Република Македонија во рамки на финансирањето на капитални проекти за општините. На означувањето на почетокот на градежните активности покрај градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот Изет Меџити и министерот за локална самоуправа Златко Перински. Градоначалникот Ѓорѓиевски во својата изјава се заблагодари на поддршката од Владата, истакнувајќи дека овој проект е само дел од пошироката стратегија за подобрување на инфраструктурата во општината, при што веќе се подготвуваат нови проекти за дополнително унапредување на локалната заедница.
-На мое големо задоволство, денес, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, како и со вицепремиерот Изет Меџити и министерот за локална самоуправа Златко Перински, сме заедно во Драчево, каде започнуваат градежни активности за уредување на на бетонското корито на реката Мала Рада. Се работи за проект за кој Општина Кисела Вода аплицираше, а Владата на РМ го одобри во рамки на финансирањето на капитални проекти за општините. Истиот чини 30.800 000 денари и е значаен од повеќе аспекти. Реката Мала Рада се протега долж целото село Драчево пред вливањето во реката Вардар, во должина од 2.5км. Рехабилитацијата на бетонските профили и санацијата на потпорните косини ќе овозможат поголема пропусност на водотокот и значително ќе го намалат ризикот од поплави. Истовремено, овој проект ќе ја подобри урбаната слика на нашиот регион и ќе создаде подобри услови за квалитетен живот. Во оваа прилика, сакам да изразам благодарност до Владата на Република Македонија и до Премиерот Христијан Мицкоски за поддршката и одобрувањето на средствата за овој проект, кој е важен дел од нашите напори да го унапредиме квалитетот на животот на нашите граѓани. Воедно, сакам да истакнам дека како дел од оваа целина, Општина Кисела Вода аплицира за изградба на пешачка патека од бехатон елементи долж левата страна на реката Мала Рада, која ќе биде опремена со урбана опрема како клупи, канти за отпадоци, и осветлена со канделабри. Ова ќе биде ново место каде нашите граѓани ќе можат да го поминуваат своето слободно време и да уживаат во природата. Со ова дополнување на проектот, се заокружува целокупниот процес на подобрување на инфраструктурата на овој дел од општината.
Во оваа прилика сакам да истакнам дека во рамките на новиот повик од Владата, Општина Кисела Вода веќе достави 6 целосно подготвени проекти, а до крајот на рокот планираме да доставиме вкупно 22 проекти. Во моментов работиме на подготовка на техничката проектна документација за сите овие проекти, како и на реализацијата на претходно одобрените проекти, меѓу кои се реконструкцијата на патот до манастирот Пеленица и реконструкцијата на улицата Ѓорѓи Димитров. Во тек е и тендерска постапка по која започнуваме и со доградба на ООУ Кирил Пејчиновиќ. Со неа ќе се добијат 6 нови училници со капацитет за 180 деца и ќе се овозможи едносменска настава.
Апелирам до сите останати општини да ги подготват своите проекти на квалитетен начин и да аплицираат за оваа поддршка, бидејќи капиталните проекти се клучни за развојот на нашето население и подобрување на квалитетот на животот на сите наши граѓани. Сите овие проекти носат значајни придобивки и ја покажуваат посветеноста на Владата и општините во обезбедување подобри услови за живеење и развој-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Претседателот на Владата Христијан Мицкоски му честиташе на градоначалникот и неговиот тим, за добрата подготвеност на проектите, како и на борбата и желбата да се направи проект повеќе, а задоволство од реализацијата на ваквите капитални пректи изразија и вицепремиерот Изет Меџити и министерот за локална самоуправа Златко Перински.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МОН: Платите во училиштата од овој месец се зголемени за седум проценти и ќе продолжат да растат

Платите на наставниците и директорите во основното и средното образование од овој месец се зголемени за 7% и ова е второ зголемување во мандатот на актуелната Влада, откако претходно во октомври 2024 година беа зголемени за 5%. Повеќе никој не зема плата под минималната, како што беше тоа случај во минатото со техничкиот персонал, соопшти Министерството за образование и наука.
Реакција на МОН како што велат е поттикната од лагите кои денеска ги изнесе политичката партија Левица, за наводно енормно зголемување на платите на директорите на основните и средните училишта, споредбено со зголемувањето на платите на наставниот кадар.
„Платите на директорите и наставниците се зголемени во просек од околу 2500 до 3500 денари, во зависност од звањето, стажот и степенот на образование“.
Потсетуваат дека веќе е направен план за долгорочен раст на личните примања кои во период од 4 години ќе пораснат најмалку за 46% а најмногу до 60%, зависно од степенот на инфлација.
„Левица оспорува договор помеѓу социјални партнери, односно институција и синдикат и изразува непочитување кон нив, како и кон целата јавност со обидите за манипулација и собирање политички поени“, истакнуваат од МОН.
Македонија
Велигден е тука, но нашите деца ги нема, не прашува ли некој нас како ги минуваме деновите, пишува Златкова, мајка на загинато момче во дискотеката во Кочани

Велигден е тука, но нашите деца ги нема. Престанаа да им чукаат срцата, ги закопавме во црната земја. Некои биле заљубени, некои требаше да се заљубат, некои од нив имаа и сопруги и сопрузи и мали дечиња и штотуку родени дечиња. Кој сега ќе се радува на нив? Некои од децата не дочекаа полнолетство, некои не дочекаа матура, некои требаше да дипломираат и да станат академски граѓани кои ќе работат чесно како што ги учеле нивните семејства.
Не прашува ли некој нас како ги минуваме деновите, напиша на социјалните мрежи Јулија Златкова, мајка на момче кое загина во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Какво е чувството да знаеш дека детето никогаш повеќе нема да се врати дома, да ги видиш неговите убави очи, неговата убава насмевка, да го слушнеш како се смее , да дочекаш уште еден Велигден со него. Еве ќе ви кажеме, живееме за да одиме на гробишта, да си помуабетиме со нашите деца, да им раскажеме колку тие фалат дома .
Ќе се навршат уште малку 40 дена, 40 црни денови без нашите сонца, без нашите анѓели чии кревети од тој ден останаа празни, а нашите срца и души засекогаш завиени во црнило.
Времето поминува, но правдата како што се чини нема изгледи дека ќе излезе на виделина.
Зарем немате ни малку човечност во вашите души?
Зарем толку сте ефтини што со пари се купувате?Ееееј вие убијци на нашите деца!
Зарем нашите невини деца требаше да ја платат цената на вашата алчност и корумпираност? Со нивните штотуку расцветани животи? Вие сте дно на дното! Никој од нас не растел дете да стане херој, туку да стане човек. Вие ги убивте нашите деца! Ееее убијци, многу од вас се исто толку виновни како и сопственикот на Пулс-монструм, почнувајќи од премиер, министри, разно- разни инспектори, па се до обичните полицајци, сите сте гледале, ама не сте виделе ништо! При очи сте биле слепи! Срамота! Бедни сте, ситни души кои за проклети пари на душа ќе ги носите нашите убиени и многу повредени деца! На душа. Само што вие душа немате.
Затоа Ви кажуваме, дека ние родителите и блиските на нашите починати чеда, ќе продолжиме да излегуваме и понатаму, секоја сабота и се надеваме дека на крај нема да останеме единствено само ние, доколку на нашите сограѓани им досади да не следат нас, кои ја бараме правдата за нашите убиени чеда. Но ќе продолжиме да излегуваме и да ги потсетуваме челниците на оваа скапана држава дека сме тука и до наш последен здив ќе ја бараме правдата за сите починати и повредените на 16.март , бидејќи ние си ги закопавме нашите деца поради нечии грешки, поради тоа што некој бил корумпиран, поради тоа што ја злоупотребил својата функција за пари, за корист за личен бенефит.
Правдата мора да излезе на виделина!
Нашите безгрешни деца мора да бидат осветени!
Ние родителите, нема да дозволиме виновниците да останат неказнети!!!!!!!!
Нашите деца ги нема повеќе, но можеби поради нашиот бунт кон овој трул државен систем ќе се смени нешто, па идните генерации ќе имаат побезбедна иднина од нашите деца.
Вечна Ви слава Ангели, утре наместо да кршиме јајца дома како секоја година претходно, ќе ви донесеме јајца на Вашите вечни почивалишта“, пишува Златкова.
Македонија
На Табановце се чека до половина час а на Богородица и Дојран до 15 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини Дојран и Богородица време на чекање за излез е 10 – 15 минути, а на граничниот премин Табановце времето на чекање за влез и излез од државата е 20 – 30 минути.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.