Регион
Вучиќ: Опозицијата подготвува големо насилство, но да знаат дека ќе има апсења

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека очекува опозицијата да „организира големо насилство“ на собирот во Белград во сабота и дека „сите што ќе учествуваат во тоа ќе бидат уапсени“, и наведе дека апсењето на сторителите „ќе трае 15 минути, час или два, бидејќи државата ќе знае да се однесува како држава и тука нема никаква филозофија“.
„Знаат дека крајниот рок им е сабота и тоа го покачија на ден Д. Ќе повикаме на мир, но јас ги познавам одлично“, рече Вучиќ за време на посетата на манастирот Архангел Гаврил во селото Кусадак, на почетокот на обиколката на Јужнобанатскиот и Подунавскиот округ.
Како што пренсе Бета, тој рече дека верува оти студентите во блокада се „попаметни од овие несреќни опозиционери и знаат дека ова не смее да биде Ден Д“ и дека не треба да учествуваат во тоа, а подоцна да продолжат со своите акции додека не се исполнат нивните барања и да останат запаметени како победници, наместо по насилство.
Вучиќ нагласи дека „нема ништо од обоената револуција“ и дека книгата, како успеал да ја победи, ќе ја заврши во текот на летото бидејќи веќе ја има направено корицата и неколку страници, наведувајќи дека тоа ќе биде „форма на учебник без романтизам за да им служи на слободољубивите народи во светот“.
Зборувајќи за студентите кои сакаат да учат, рече дека 820 од нив ноќеска спиеле во шатори, што е голема бројка кога се спие на отворено, додека во текот на денот ги има уште повеќе, а тој број, рече, секојдневно се зголемува.
Коментирајќи го телевизиското покривање на протестите, тој ги повика граѓаните да не и веруваат ништо на Радио телевизија Србија, бидејќи, како што наведе, „речиси и нема разлика меѓу нив и Н1“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Успеавме да ги одложиме санкциите на САД врз српската нафтена индустрија

Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека САД го одложиле воведувањето санкции против Нафтената индустрија на Србија (НИС) за осум дена со цел, како што рече, „за да покажат почит кон Србија“.
„Им благодарам, сакаа да покажат почит, да ни кажат дека нè слушаат и ја разбираат нашата позиција. Благодарам за тоа, но дали добивме нешто суштинско? За седум дена, ќе го имаме истото прашање, а јас сè уште нема да го имам одговорот“, рече Вучиќ во Обреновац, каде што учествуваше на граѓанскиот марш против блокадите.
Тој додаде дека ќе има реакција од Србија и од самата НИС и кон американската страна и кон другите партнери кога станува збор за нови понуди.
„Верувам дека ова е добро, но дали ќе биде доволно и дали ова е она што го сакаат Американците – ќе видиме“, рече Вучиќ.
Санкциите на САД против НИС требаше да стапат во сила на 1 октомври, но рокот сега е одложен барем до 9 октомври.
фото: принтскрин
Регион
Албанија продолжува со рекордни бројки на странски туристи

Албанија продолжува со рекордни бројки на странски туристи, која во периодот јануари – август ја посетиле околу девет милиони.
Албанскиот Институт за статистика објави податоци што потврдуваат дека влезот на странски државјани е за 5,2 отсто поголем ако се спореди со истиот период пред една година, кога беа регистрирани вкупно 8,5 милиони странски државјани.
Само во август бројот на странски државјани кои влегле на албанска територија е 2,3 милиони, што е зголемување од 9,9 отсто, во споредба со истиот месец минатата година.
Албанската економија имаше корист од странските туристи од 2,1 милијарди евра за само шест месеци, до кога ја посетиле 4,76 милиони странци. Овие бројки потврдуваат дека 2025 година ќе биде уште пооптимистичка во однос на туризмот во земјата, додека приходите се очекува да се зголемат за околу 7,7 отсто во споредба со лани.
Се очекува приливот на туристи да продолжи и есенва, со што ќе се продолжи туристичката сезона во земјата. Туроператорите известуваат дека резервациите се високи и за септември и за октомври.
Минатата година Албанија ја посетиле над 11,7 милиони туристи или 15,2 отсто повеќе од претходната година. Очекувањата за годинава се над 12 милиони туристи.
Регион
Жена убиена на свадба во центарот на Шибеник, ја погодила ракета

Жена е повредена кога пиротехничко средство – сигнална ракета – било испукано во близина на катедралата „Свети Јаков“ во Шибеник синоќа, и починала од повредите во болница, соопшти хрватската полиција.
Во соопштението од полициската управа Шибеник-Книн се додава дека е уапсен 52-годишен маж, пренесува Хина. Во тек е кривична истрага, соопшти полицијата.
Хрватските медиуми неофицијално известуваат дека несреќата се случила за време на свадбена прослава, кога осомничениот испукал ракета.