Топ
Две лица од Ресен и Штип загинаа во сообраќајни несреќи вчера во Македонија

Две лица го загубија животот во одделни сообраќајни незгоди во текот на вчерашниот ден.
Првата се случи на магистралниот пат Битола-Ресен, кај местото викано „Голема кривина Макази.
Се судриле три возила, а Г.А. (47) од Ресен загинал на лице место. Повредени се двајца луѓе.
Втората несреќа се случила синоќа околу полноќ, кога животот го загубило 34-годишно лице од Штип (М.Т.), кое било сопатник. Автомобилот во кој се наоѓал излетал од патот Штип-Карбинци, а возачот се здобил со тешки повреди.
Телата на починатите се на обдукција, а надлежните извршија увид.
(Фото: илустрација)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пожар на депонијата Дрисла, Ангелов смирува дека не е алармантно, но е сложено поради хемиските процеси

Пожар избувна на депонијата Дрисла.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, рече дека пожарот не е алармантен, а скопската противпожарна бригада работи на негово гаснење.
Сепак, како што објаснува Ангелов, гаснењето на било која депонија е сложен процес поради хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови.
(Фото: илустрација, архива)
Македонија
(Видео) Филипче во Франција: Резолуцијата е гаранција за заштита на националните интереси

Македонија мора да продолжи по европскиот пат, активно, со резултати и визија, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамките на работната посета на Париз, Франција.
Филипче посочи дека целта на посетата е да ги промовира и брани националниот интерес и позициите на Македонија.
Притоа нагласи дека СДСМ веќе работи на поактивен пристап, а тоа значи конкретни решенија и иницијативи за деблокирање на процесот.
„Во финална фаза е подготовката на резолуцијата, која ќе биде вин-вин решение за државата и за граѓаните. Со оваа резолуција ќе понудиме национален механизам за справување со евентуални непринципиелни барања од Бугарија во текот на преговорите ако тие на кој било начин излегуваат од преговарачката рамка“, рече Филипче.
Тој додаде дека македонскиот јазик, културата и идентитетот, како темелни вредности, веќе се заштитени во повеќе европски документи и со самата рамка.
„Со носењето резолуција со национален консензус ќе ги потврдиме овие позиции, но и ќе изградиме заеднички став како да ги заштитиме и во домашните институции. Со овој документ ќе обезбедиме јасна временска рамка за следните чекори и за реформите како конечно деблокирање на европскиот пат“, изјави Филипче.
Претседателот Филипче додаде дека сега е време за политичка зрелост и заедничка одговорност за напредокот на државата.
„Ова е време за политичка зрелост и за заедничка одговорност. СДСМ е подготвен да поведе со поактивен пристап и со решенија што ќе ја придвижат Македонија напред, кон Европската Унија. Македонија мора да продолжи по европскиот пат, кој гарантира развој, стабилност и сигурна иднина на македонските граѓани”, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
За време на посетата Филипче оствари работни средби со француските политички претставници од Генералниот секретаријат за европски прашања, Министерството за Европа и надворешни работи и од француското собрание.
Македонија
Нема казни за институциите што до 29 септември нема да стават црвени таблички на службените возила, ќе го направат тоа при регистрација

Институциите што до 29 септември нема да ги сменат табличките на службените возила за да се спречат приватни и партиски злоупотреби нема да добијат казни. Ова го потврди директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, на денешната промоција на црвените таблички, кој рече дека правилникот не предвидува казни за доцнење и непостапување по дадените насоки.
Првичниот повик за смена на табличките беше поставен со рок до 15 септември, но денес Томовски упати втор повик, со кој рокот се продолжува до 29 септември, односно до почетокот на кампањата за локалните избори. Како трет можен рок тој посочи дека институциите ќе имаат можност да ги сменат табличките до крајот на годината, заклучно со 31 декември, кога Министерството за внатрешни работи треба да го финализира регистарот на службени возила.
„Доколку некој се обиде да избегне и да не сака да ги брендира возилата, кога ќе му дојде датумот за регистрација, секако ќе ги добие овие таблички“, рече директорот Томовски.
Според владината одлука донесена на 29 јули, сите возила во државна сопственост – вклучувајќи ги владините, општинските и возилата на јавните претпријатија – ќе добијат црвени таблички со жолти букви и бројки како ознака за нивната службена намена. Од друга страна, жолти таблички со црвени ознаки ќе добијат возилата што се користат за специјални намени, како што се дел од возниот парк на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Министерството за внатрешни работи (МВР).
Целта на оваа мерка е да се зголемат транспарентноста и јавната отчетност, а новите таблички ќе содржат и ознака NMK на сина лента, со што ќе бидат лесно препознатливи.
Според процените, државата располага со 7.000-7.500 службени возила, но точната бројка сè уште не е позната. Министерството за внатрешни работи има обврска да изработи централен регистар до 31 декември со цел да се добие прецизна слика за државниот возен парк.