Свет
Кремљ: Русија и САД имаат долг и тежок пат пред нив

Русија верува дека обновувањето на односите со САД е долгорочна и тешка задача, но верува дека постои политичка волја за напредок од двете страни, соопшти Кремљ. Напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да се зближи со рускиот претседател Владимир Путин ги вознемири Украина и европските сојузници.
„Ние сме на почетокот на патот кон обновувањето на нашите билатерални односи. Патот пред нас е прилично долг и тежок, но барем двајцата претседатели изразија политичка волја во таа насока“, истакна гласноговорникот на Кремљ, Димитриј Песков.
Песков рече дека е важно да се утврди дали Украина навистина сака мир или не. Украина утре во Саудиска Арабија треба да одржи дипломатски разговори со САД за завршување на војната со Русија.
Тоа ќе биде прва средба меѓу украински и американски претставници по катастрофалната посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белата куќа на крајот на февруари кога се судри со Доналд Трамп, анализираат медиумите.
Зеленски во понеделникот рече дека е подготвен да седне на преговарачка маса што е можно побргу и бара гаранции од САД и Европа за безбедноста на неговата земја.
Украина сака мир и Русија е „единствената причина зошто војната продолжува“, објави тој на „Телеграм“. „Украина сака мир од првата секунда од војната и секогаш сме велеле дека единствената причина поради која војната продолжува е Русија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Египетскиот претседател: Светот е сведок на историски момент

Светот е сведок на историски момент, напиша египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, чија земја одигра клучна улога во посредувањето на разговорите.
Тој го опиша Шарм ел-Шеик, градот каде што се одржаа разговорите, како град на мирот и лулка на дијалогот.
„Овој договор не само што затвора едно поглавје од војната, тој, исто така, отвора врата на надеж за народите од регионот за иднина обележана со правда и стабилност“, рече Сиси.
Министерството за надворешни работи на Египет претходно го опиша прекинот на огнот како „позитивен развој“ и „пресвртница“ во војната.
Во соопштението се додава дека министерот за надворешни работи Бадр Абделати ќе отпатува во Париз за да присуствува на министерски состанок организиран од Франција, кој ќе се фокусира на ситуацијата во Газа.
Фото: ЕПА
Свет
Зеленски: Руските залихи на бензин се намалија за една петтина поради нашите напади

Украинските напади на долг дострел врз руските енергетски објекти можеби го намалија снабдувањето со бензин на Русија за околу една петтина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека двете страни ги засилија нападите врз енергетската инфраструктура.
„Ројтерс“ процени во август дека украинските напади го намалија руското рафинирање на нафта за речиси една петтина во одредени денови.
„Тоа сè уште треба да се потврди, но веруваме дека тие изгубија до 20 проценти од снабдувањето со бензин – директно како резултат на нашите напади“, им рече Зеленски на новинарите.
Кремљ рече дека домашниот пазар на гориво на Русија е целосно снабден.
Зеленски рече дека украинските сили користеле домашни ракети „Нептун“ и „Фламинго“ во неодамнешните напади, дел од напорите на Украина да ја прошири својата домашна вооружена индустрија.
Украинскиот претседател, исто така, рече дека руските сили извршиле 1.550 напади врз енергетски цели во Чернигов, Суми и Полтава во септември, но погодиле само 160 цели.
Фото: ЕПА
Свет
Ердоган: Искрено му се заблагодарувам на Трамп

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, го поздрави договорот за прекин на огнот меѓу Израел и палестинското движење Хамас, пренесува „Анадолу“.
„Исклучително сум задоволен што преговорите меѓу Хамас и Израел, одржани во египетскиот град Шарм ел Шеик со придонес на Турција, завршија со прекин на огнот во Газа“, напиша Ердоган на турската социјална платформа NSosyal.
„Искрено му се заблагодарувам на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, кој покажа потребна политичка волја да ја охрабри израелската влада да го прифати прекинот на огнот, и на нашите братски земји Катар и Египет за нивната значајна поддршка во постигнувањето на договорот“, додаде турскиот претседател.
Ердоган нагласи дека Анкара внимателно ќе го следи спроведувањето на договорениот прекин на огнот и ќе продолжи да придонесува во процесот.
Турција, истакна тој, ќе продолжи да ја поддржува изградбата на независна и суверена палестинска држава со целосен територијален интегритет, во границите од 1967 година, со Источен Ерусалим како нејзин главен град.
„Во оваа пригода, им испраќам најискрени поздрави на моите палестински браќа и сестри, кои две години издржаа неописливо страдање борејќи се за живот и достоинство во нехумани услови, губејќи ги своите деца, родители, роднини и пријатели, и кои, и покрај сите трагедии што ги преживеаа, не се откажаа од својот чесен став“, рече Ердоган.
Договорот за прекин на огнот е дел од план од 20 точки, објавен на 29 септември, кој повикува на ослободување на сите израелски затвореници во замена за палестински затвореници, разоружување на Хамас и обнова на Газа.
Фото: ЕПА