Македонија
ССМ најави можен штрајк на 2 и на 7 април доколку Владата не ги повика на преговори за 500 евра минимална плата

Големи се шансите на 2 и на 7 април, доколку нема слух од спротивната страна, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) да излезе на протести, исто како и минатата година, најави денес претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. Место разбирање од Владата за покачување на минималната плата, Tрендафилов вели дека добиле ниски удари од политички структури на ВМРО-ДПМНЕ, партија која, место во парламентот со другите политички партии, се пресметува со ССМ.
„Јас лично како Слободан Трендафилов не знаев дека сум толку јак да ја обединам целата опозиција да застане зад мене и да поддржи зголемување на платите на работниците, а од друга страна, партијата на власт да се плаши од еден човек на кој планира да му ја скине главата. Тоа што сакам да го порачам денеска е дека нема да дозволиме апсолутно никому, без оглед дали доаѓа од власта или од опозицијатата, како ССМ, како организација што постои 79 години во Македонија, да ја напаѓаат. И не само да ја напаѓаат туку да работат и со политички наредби на локално ниво во јавните претпријатија, како и во министерствата од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, со наредба до нивните директори полтрони на нивните раководители и шефови да прават упади во локалните организации на ССМ сѐ со една цел – да го зајакнат КСС на сметка на работниците во Македонија, да прифати минималната плата да изнесува 24.400 денари“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Ги повика колегите од другите синдикати да кажат дали се за покачување на платите до 5,5 или сакаат заеднички да се изборат за 12,6 % покачување на платите на сите вработени во јавниот сектор, како и дополнително зголемување на минималната плата за 6.000 денари.
„Ако некој смета дека 24.400 денари е доволна плата за работниците во Македонија како минимална плата под која не може да се исплати ниедна плата, а најниската плата во регионот е 457 евра во Србија, мислам дека ќе треба да ги запалат автобусите и да нѐ преселат сите од Македонија, нешто што мислам дека треба да ги загрижи апсолутно сите“, рече Трендафилов.
И денес тој обвини дека Владата ги повлекла членовите од комисијата за утврдување репрезентативност за работниците да не може да се изборат за предлогот 500 евра минимална плата, а Владата пак да се оправда дека немала со кого да разговара.
Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела најави дека членови на комисија за утврдување репрезентативност ќе назначат на утрешната владина седница за да може да се одржи седница на Економско-социјалниот совет и да продолжат преговорите за минималната плата да се искачи на 500 евра.
ССМ предложи, покрај усогласувањето овој месец, минималната плата да се покачи за дополнителни 6.000 денари, износ за кој побара Владата или да се откаже од придонесите или да ги субвенционира во рок до 12 месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уште колку ќе молчите за трагедијата во „Пулс“, прашаа блиските на жртвите

Родителите на младите кои трагично загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ денеска по 21 пат излегоа на улиците на Кочани, барајќи правда и побрза реакција од институциите.
Протестниот „Марш за ангелите“ повторно ја помина добро познатата траса – од „Паркот на револуцијата“, покрај Трговскиот центар, Општината, Управата за јавни приходи и полициската станица, сè до Основниот суд и Обвинителството.
Од таму, роднините се обратија директно до судиите и обвинителите, потсетувајќи дека веќе три месеци се чека на оценка на обвинителниот акт.
„Одолговлекување без оправдана причина е спротивно на законот и претставува основ за реакција од страна на оштетените и јавноста. Ние ве прашуваме – постои ли рок во кој Советот мора да донесе одлука? Ако не постои, барем кажете кога може да се очекува завршување на оваа постапка“, изјави Розета Џамова, сестра на една од жртвите.
Протестот се одржа само еден ден откако Обвинителството ја прошири истрагата за трагедијата во „Пулс“. Поднесено е ново обвинение против реалниот сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон Секјурити Солушн“, кој се товари за тешки дела против општата сигурност поради сериозни пропусти во организацијата и мерките за заштита во дискотеката.
Обвинителството до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на сите претходно определени мерки за обезбедување присуство на обвинетиот.
Со ова, случајот „Пулс“ добива нова димензија, додека семејствата на жртвите продолжуваат да бараат одговорност и правда – јавно, гласно и упорно.
Македонија
Петровска откри зошто декласификацијата предизвикува нервоза кај власта

Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, изјави дека барањето за целосна декласификација на документите предизвикало паника и нервоза кај власта, која наместо да одговори транспарентно – се обидела да се претстави како жртва.
„Приоритет е целосна декласификација на документите за да се обезбеди транспарентност и граѓаните да добијат одговори на стотиците прашања што се поставуваат. Најавата за целосна декласификација предизвика нервоза кај оние кои сакаа да се прикажат како жртви, затоа што ќе бидат објавени информации кои можеби нема да им се допаднат“, изјави Петровска во гостување во „Дневник“ на Сител телевизија.
Таа потсети дека претседателот на комисијата, Скендер Реџепи, го поднел барањето за безбедносен сертификат уште кон крајот на 2024 година, но шестмесечниот рок одамна е пробиен.
„Тоа отвора сериозни прашања за законитоста на надзорот“, додаде Петровска.
Пратеничката истакна и дека неколку пати биле закажувани и откажувани седници на кои требало да претседава Реџепи, а потоа тој самостојно закажал седница, што според неа создало негативен впечаток за работата на Собранието.
„Надзорот мора да биде јавен, пред медиумите и граѓаните, со јасна одговорност од сите. АНБ не е сопственост на ниту една партија, туку столб на државата. Реформите мора да продолжат, но со вклучување на експерти, академската заедница и невладини организации“, нагласи Петровска.
Таа посочи дека Собранието нема истражна функција и пратениците мора да внимаваат да не ја попречуваат предистрагата.
Македонија
(Видео) Фабриката „Винчини“ во пламен, ангажирани пожарникари од повеќе градови

Голем пожар ја зафати фабриката за слатки „Винчини“ во Виница, каде што огнените јазици уништија магацини и неколку производствени погони.
Инцидентот бил пријавен денеска околу 18:40 часот во Центарот за управување со кризи преку бројот Е-112. Огнот избувнал во магацинскиот простор и брзо се проширил во производствените хали со редни броеви 6, 7 и 8, каде што биле складирани суровини и дел од опремата.
На местото веднаш интервенирале екипите на Територијалната противпожарна единица од Виница со неколку возила и пожарникари, но поради обемот на пожарот била побарана помош од соседните општини.
„Во гаснењето се вклучени и противпожарните сили од Кочани со сите свои капацитети, а дополнителна поддршка е побарана од Македонска Каменица и Штип,“ соопштија од ЦУК.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, изјави дека станува збор за специфичен урбан пожар, што бара исклучиво интервенција на професионални пожарникари и координација на повеќе општини.