Македонија
Претреси на повеќе локации низ државата: Бизнисмените Јахоски и Капушевски обезбедени од полицијата
На локации во Скопје и низ државата во тек е акција на Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Попладнево полицијата ги обезбеди бизнисменот и поранешен директор на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, Ратко Капушевски и сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски.
„Доцна попладнево под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, БЈБ и МВР извршуваат претреси на повеќе локации низ државава.Претресите се со Наредба на судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, а во врска со сторени кривични дела поврзани со набавка на деривати,“ велат од ОЈО ГОКК.
Од МВР исто така потврдија дека Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција при Бирото за јавна безбедност, МВР во координација со ОЈО ГОКК по наредба на судија на претходна постапка врши претреси на локации во Скопје и низ државата во врска со сторени кривични дела поврзани со сомнителни набавки на деривати, штета од големи размери за буџетот на државата и штета врз здравјето на луѓето.
Според првичните информации, се работи за огромна сума од околу 10 милијарди денари (околу 160 милиони евра) испумпани преку фиктивни договори за позајмици и посреднички услуги за испорака на сомнителни горива.
Ратко Капушевски во 2014 година ја напушти државната служба и започна работа како проект-менаџер во канцеларијата на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Потоа, се посвети на енергетскиот сектор и неговата компанија, РКМ, која во последните години добиваше јавни набавки во вредност од стотици милиони евра. Неговото име беше поврзувано со контроверзни тендери за набавка на нафта и нафтени деривати за државни институции.
Покрај Ратко Капушевски, во денешната акција на МВР и ОЈО ГОКК претреси се извршени и кај Асмир Јахоски, сопственик на компанијата Пуцко Петрол.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев: 2025 година беше година на системски и суштински промени, а не козметички реформи во јавната администрација
Во просториите на Министерството за јавна администрација денеска се одржа предновогодишен брифинг со претставници на медиумите, на кој министерот за јавна администрација, Горан Минчев, ги презентираше клучните резултати од работата на Министерството во текот на 2025 година, како и приоритетите и реформските активности што следуваат во наредниот период.
Брифингот беше можност за отворен дијалог, поставување прашања и размена на мислења во однос на процесите на реформа на јавната администрација.
Министерот Минчев истакна дека 2025 година претставува година на важни и системски промени, кои имаат за цел изградба на професионална, ефикасна и департизирана јавна администрација, во согласност со европските стандарди.
„Наша обврска кон граѓаните и кон јавноста е да бидеме прецизни и одговорни, и за сработеното и за тоа што следува. 2025 година беше година на суштински, а не козметички реформи во јавната администрација,“ нагласи министерот Минчев во своето обраќање.
На брифингот беа презентирани клучните законски и институционални реформи, меѓу кои донесувањето на системските закони од областа на јавната администрација, унапредувањето на управувањето со човечките ресурси, јакнењето на капацитетите на административните службеници, дигитализацијата и подобрувањето на транспарентноста и отчетноста на институциите.
На крајот од брифингот, министерот им се заблагодари на медиумските претставници за нивниот интерес, професионалност и континуирано следење на реформските процеси, посакувајќи успешна нова година и продолжување на соработката и отворениот дијалог и во 2026 година.
Македонија
Сиљановска-Давкова со честитка до верниците што го прославуваат Божиќ според грегоријанскиот календар
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод големиот христијански празник Христовото раѓање – Божиќ, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Епарх Струмичко-скопски и до сите верници кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар.
„Со особено задоволство, на сите верници кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар, срдечно Ви го честитам денот на Христовото раѓање – Божиќ.
Нека овие светли празнични денови Ви донесат добро здравје, духовен мир и радост, исполнувајќи ги Вашите домови со спокој, љубов и топлина. Божиќ, како еден од највозвишените христијански празници, нè потсетува на вечните вредности: солидарноста, човечноста и надежта, коишто ги зближуваат луѓето и ја зајакнуваат вербата во подобра иднина.
Во овие зимски денови, божиќните празници нека бидат поттик за чинење добри дела и взаемно почитување. Да даруваме насмевки, да негуваме човечка блискост и да бидеме носители на ведрина и позитивна мисла во секојдневието, споделувајќи радост со сите околу нас. Честит Божиќ!“, пишува во честитката.
Македонија
Вработените во Народниот правобранител алармираат: Се наоѓаме во безизлезна состојба
Вработените во Народниот правобранител и двајцата преостанати заменици на народниот правобранител велат дека се наоѓаат во безизлезна состојба и дека од јули Собранието не е во состојба да избере нов омбдусман.
„Ние, вработените во Народниот правобранител и двајцата преостанати заменици на народниот правобранител, со овој допис и дописот што ви го доставуваме во прилог сакаме да ве информираме за безизлезната состојба во која се наоѓа централната институција, која треба да биде посветена на заштита на човековите слободи и права, а воедно и механизам за надзор и следење на законитото работење на институциите од јавниот сектор, локалната самоуправа и јавните претпријатија, надлежности што ни се дадени со Уставот на Република Северна Македонија и со Законот за народниот правобранител. За состојбата во која сме доведени, сметаме дека најповикано е Собранието на Република Северна Македонија, кое од 12.7.2025 година не е во состојба да избере нов народен правобранител, иако од наша страна повеќепати е алармирано за состојбата во која се наоѓаме“, се наведува во соопштението.
Во него се додва дека последно вакво известување до Собранието е доставено на 11.12.2025 година, но до ден-денешен (23.12.2025 год.) не се известени, дури ни со негативен одговор, а исто така, се наведува во соопштението, не е доставена ниту покана за присуство на некој од преостанатите заменици на годишното обраќање на претседателката на Република Северна Македонија.
„Со овој допис сакаме да ја запознаеме целата македонска, но и пошироката јавност – од дипломатските претставништва во државата и странските мисии – за состојбата во која се наоѓаат вработените во Народниот правобранител, кои во моментот не може да остварат многу од своите права од работен однос, а од јануари 2026 година веројатно нема да земаат ни личен доход, со што ќе престане да се уплаќаат редовните уплати за социјално и здравствено, но и за пензиско осигурување. Поради ова, се прашуваме дали државата има потреба од ваква институција или не“, се наведува во соопштението.


