Регион
Вучиќ: Болшевички пленумци му нанесоа страшни повреди на полицаецот

Среде ноќ се огласи српскиот претседател Александар Вучиќ, а околу час и половина по инцидентот успеа да се фотографира со полицаец за кој тврди дека бил повреден од студенти и да го објави на својот Инстаграм. Човекот за кој српскиот претседател вели дека е полицаец кој бил нападнат од студенти и му нанеле „страшни повреди“, има модринка на окото, додека Вучиќ на фотографијата позира со лут израз.
Тој ги нарече студентите „болшевички пленумци“ и рече дека ќе одговараат за повредата на полицаецот.
„Лазар Башиќ, полицаец, беше нападнат од членовите на болшевичкиот пленум пред зградата на РТС. Тој се здоби со сериозни физички повреди. Ужасно. Насилниците мислат дека им е дозволено да прават се. Не им е. Тие ќе одговараат за секое насилство што го направиле. Толку за мирните демонстранти и, пред сè, оние загрозените. Ќе победи нормална Србија, ќе победи демократска Србија“, рече Вучиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Еден од основачите на „Пајрат беј“ загина во авионската несреќа во Словенија

Познатиот шведски претприемач кој е и еден од основачите на веб-страницата „Д Пајрат беј“ загина во авионска несреќа на Велика Планина во Словенија.
Авионот полета од Загреб во понеделникот за Швајцарија и се урна во Словенија, а во вторникот биле пронајдени остатоците од авионот и телото на пилотот.
Шведскиот претприемач и поранешен политичар Карл Улф Стур Лундстром, познат како еден од основачите на „Д Пајрат беј“, загина во авионска несреќа на Велика Планина, пренесува шведски „Експресен“.
Во понеделникот околу пладне, спасувачките служби откриле дека делови од авионот паднале врз куќа, јавуваат локалните медиуми.
Линдстром управувал со авионот и бил единствениот човек во него.
Тој беше познат и како претприемач и како десничарски екстремист. На изборите во 2021 година се кандидираше за партијата Алтернатива за Шведска. Во објава на платформата „Икс“, партијата напиша:
„Денеска не погодија трагични и незамисливи вести. Карл Лундстром, легенда и ветеран на шведскиот национализам, загина во авионска несреќа во понеделникот. Со својот авион „Муни М-20“ летал од Загреб до Сент Мориц во Швајцарија, но се урнал во Словенија.
Регион
Обвинителството на БиХ нареди приведување на Додик

Обвинителството на Босна и Херцеговина (БиХ) издаде наредба за приведување на претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик, премиерот на РС Радован Вишковиќ и претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ, на сослушување.
Додик, Вишковиќ и Стевандиќ треба да бидат приведени од судската полиција со асистенција на која било полициска агенција, пишува „Кликс“. Обвинителството ги товари за сторено кривично дело нарушување на уставниот поредок.
Од прес-службата на Вишковиќ во РС потврдија дека добиле информации за налогот за апсење потпишан од државниот обвинител Ќазим Хасанспахиќ. Оваа наредба, наводно, била проследена до правосудната полиција, Министерството за внатрешни работи на РС и Државната агенција за истрага и заштита (СИПА), но од Обвинителството на БиХ нема коментар.
Додик, Вишковиќ и Стевандиќ не се јавија на претходните покани од Обвинителството на БиХ на распит. Доколку не бидат приведени, ќе биде издадена внатрешна потерница според која секоја полициска агенција во БиХ може да ги приведе, вклучително и Граничната полиција.
Доколку не се приведени ниту врз основа на внатрешна потерница, тогаш се распишува потерница од Интерпол, односно меѓународна.
Регион
Марк Руте: Ја поддржуваме нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, страните треба да направат компромиси

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска изјави дека НАТО ќе продолжи да ја поддржува нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, додавајќи дека страните мора да направат „соодветни компромиси“ во дијалогот што се води со посредство на Европската унија.
„НАТО ќе продолжи целосно да ја поддржува нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, предводени од ЕУ. Ова е единствениот начин да се решат отворените прашања и да се обезбеди стабилна иднина и да се заштитат сите заедници. За да продолжи овој дијалог, двете страни мора да покажат флексибилност, да направат соодветни компромиси и да се фокусираат на долгорочните придобивки“, рече Руте на заедничката прес-конференција со косовската претседателка, Вјоса Османи.
Руте додаде дека „целосно разбира дека ова бара тешки одлуки, но мора да се види поголемата слика“.
„Нормализацијата носи поголема стабилност, повеќе можности за инвестирање и следствено долгорочна безбедност за целиот регион во корист на сите. Ова е порака што ќе продолжам да ја повторувам“, рече Руте.
Тој додаде дека посветеноста на НАТО за стабилност и мир во Косово и во регионот останува непоколеблива.
„Нашите војници неуморно работат на обезбедување безбедна и сигурна средина во согласност со мандатот на КФОР. Побезбеден регион значи поголема безбедност за целата област на НАТО“, рече тој.
Тој додаде дека НАТО е подготвен да одговори на секој безбедносен развој.
„И во таа смисла, се надеваме дека ќе видиме уште подлабока соработка меѓу косовските институции и КФОР. НАТО ќе продолжи да ја игра својата улога во својот мандат за безбедност на сите. Ова го правиме во тесна соработка со косовската полиција, ЕУЛЕКС и нашите соодветни улоги“, рече Руте.
Генералниот секретар на НАТО оцени и дека сите страни треба да ја изберат дипломатијата наместо насилството.
Руте рече и дека НАТО е во близок контакт со српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Ќе бидам многу директен, само заедно можеме да имаме мир во регионот. Мора да има политичко решение, кое бара лидерство од сите политичари. Треба да работиме заедно“, рече Руте, додавајќи дека мандатот на НАТО е да се погрижи Косовските безбедносни сили да бидат ефективни во својата хуманитарна улога.
Тој понатаму рече дека благодарение на американскиот претседател Доналд Трамп е направен „чекор напред“ во однос на започнување преговори за ставање крај на војната во Украина.