Македонија
Жерновски: Добредојдовме во новото ненормално, во кое сме западнобалканска копија на Орбан
Поранешниот амбасадор и поранешен заменик-министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, преку објава на социјалните мрежи реагира на владината надворешна политика.
„Се јави вистинскиот министер за надворешни работи, со што добивме потврда дека тој и ден-денес е креатор на македонската дипломатија кога неговата партија е на власт.
Секако, и за да го укори оној што мисли дека е министер и кој нѐ уверува дека, како беше она… а да: САД се стратешки партнер, а ЕУ стратешка цел. Генијално!
Уште погенијално е да се фалите на глас дека надворешната политика ви е на иста линија и усогласена со онаа на Орбан, познатиот енфан терибл на ЕУ“, вели Жерновски.
Во напишаното тој додава дека додека еврокомесарката за проширување, Марта Кос, информира дека Црна Гора и Албанија би можеле да ги завршат преговорите за членство во ЕУ во 2026, ние упорно тонеме ли тонеме.
„Да, тоа е онаа иста Албанија за која нѐ молеа да не се издвојуваме од неа и да ја почекаме. Потоа нѐ стигна, набргу и нѐ престигна благодарение на „успешната диломатска офанзива“ на ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа, добредојдовме во новото (не)нормално, во кое, меѓу другото, сме западнобалканска копија на Орбан.
Среќа што станавме, како што ни кажа премиерот, најголема економска сила на ова подрачје, па некако се намалува горчливиот вкус од неговото владеење.
Добро е. Економијата цвета, платите растат, цените паѓаат.
Има надеж“, стои во објавата на Жерновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува засилен ветер од северен правец
Променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег. Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.

