Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и СДС манипулираат со јавноста фрлајќи вина за висината на минималната плата врз Владата, а тие ја оставија државата економски опустошена

Денес, Венко Филипче и СДС повторно се обидуваат да манипулираат со јавноста, фрлајќи вина за висината на минималната плата врз Владата на ВМРО-ДПМНЕ, иако многу добро знаат дека токму тие ја оставија државата во економска пустош, велат од владејачката партија.
„Ако толку се грижеа за работниците, како што овие денови говорат, зошто СДС како помал коалициски партнер на ДУИ не ги зголеми платите кога бевте на власт? Зошто наместо да ги подобрат условите за работа, власта на ДУИ и СДС се сведе на рекетирање фирми, крадење преку тендери и гушење на приватниот сектор? Наместо зголемување на плати, Македонија доби милионски афери, распродадени државни интереси и уништени институции.
Се прашуваат зошто денес нема пари за зголемување на платите?
Погледнете во сопствениот џеб“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, функционерите на СДС организираа луксузни забави од стотици илјади евра додека работниците едвај составуваа крај со крај.
Последен таков пример, како што потсетуваат е осмомартовскиот спектакл на Венко Филипче во Струмица, каде што и покрај милионите потрошени пари, народот не даде поддршка.
„Сега СДС се обидува да глуми заштитник на работниците, стоејќи зад синдикати кои сами ги контролира.
Истото го правите и со корумпираниот Судски Совет, со судиите и обвинителите што ја урнаа правдата. Но народот ве прочита – сè што допирате, пропаѓа!
Наместо популистички мерки и евтини трикови, ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди реален економски раст, стабилизација на државата и одржливо зголемување на платите“.
Ќе ја исправиме Македонија од калта во која ја фрливте, а вашата демагогија веќе не поминува, велат од владејачката партија.
„СДС повеќе не е партија на народот – вие сте партија на 2%! И само толку ве поддржуваат, бидејќи сите знаат дека сè што организирате, од протести до забави, завршува со 2% поддршка – но 100% криминал“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.