Економија
Божиновска на економскиот комитет во Прага: Македонија ги зајакнува врските со Чешка

Во Прага се одржа Заедничкиот состанок за економска соработка помеѓу Република Македонија и Република Чешка, на која се договорени чекори за продлабочување на билатералната соработка во повеќе сектори.
Македонската делегација беше предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која активно се залага за зајакнување на економските врски со Чешка и иницира конкретни чекори за привлекување инвестиции и проширување на деловната соработка меѓу двете земји. Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николовски, како и дел од делегацијата претставници од повеќе ресорни министерства, паралелно одржаа работни средби со своите чешки колеги. Разговарано беше за соработка во енергетиката, транспортот, внатрешните и надворешните работи, културата, заштитата на животната средина, земјоделството и други сектори од заемен интерес.
Министерката Божиновска, во своето обраќање пред делегациите, ја потенцираше подготвеноста на Македонија да ги поддржи чешките инвеститори во реализацијата на нивните деловни планови и да обезбеди стабилна и предвидлива деловна средина со поволни услови за инвестирање.
„Македонија е отворена за стратешки партнерства со чешките компании, особено во енергетиката, инфраструктурата и индустриското производство.
Македонија ја гледа Чешка како стратешки партнер во енергетиката и индустријата. Нашата земја нуди стабилен инвестициски амбиент и јасни регулативи за заштита на бизнисите. Воедно, ги интензивираме реформите во енергетскиот сектор за да обезбедиме модерна, одржлива и конкурентна економија,” изјави Божиновска.
„Преку вакви директни средби со чешките институции и компании, отвораме нови можности за инвестиции и партнерства. Сигурен сум дека оваа соработка ќе резултира со конкретни проекти.Македонија и Чешка имаат долга традиција на соработка, а воспоставувањето директна авионска линија ќе ја олесни економската и туристичката размена меѓу двете земји. Очекуваме оваа иницијатива наскоро да стане реалност,” изјави вицепремиерот Николовски.
Освен официјалните средби, претставници од различни министерства и институции остварија теренски посети, секој во рамките на својот домен. Дел од македонската делегација беа и претставници од Електростопанство на Македонија, Охридско лето и Министерството за култура, кои дискутираа за можности за продлабочување на соработката во областа на енергетиката, културната размена и инфраструктурните проекти.
Во рамки на посетата Божиновска оствари и посебна средба со заменикот министер за индустрија и трговија, Јан Кавалирек, на која се разговараше за конкретни можности за размена на искуства и помош во експертиза.
Официјалната посета на Чешка се заокружи со потпишување на протокол од третата сесија на заедничкиот комитет за економска соработка меѓу Македонија и Чешка, кој има за цел да иницира конкретни проекти, продлабочување на трговската соработка и реализација на заеднички иницијативи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
НБРМ: Каматните стапки на благајничките записи и на расположливите депозити непроменети

На 11 март 2025 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата беше оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата, но и на ризиците, коишто и натаму постојат и се нагласени. Следствено, на седницата беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно. Непроменета е и понудата на благајничките записи на редовната аукција и изнесува 10 милијарди денари. Со ваквата одлука се задржува внимателниот карактер на монетарната политика. И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за ценовна стабилност на среден рок и за стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото.
Во услови на стабилен девизен пазар, главниот акцент при носењето на одлуката беше ставен на остварувањата кај инфлацијата и на ризиците поврзани со надворешното окружување и со домашните фактори што влијаат на агрегатната побарувачка. Во услови на нестабилен геополитички амбиент и воведување протекционистички мерки, забележлива е и зголемена променливост на пазарите на примарни производи.
Просечната инфлација, во периодот јануари − февруари 2025 година, изнесува 5%, при пониска споредбена основа од истиот период од претходната година, но и при натамошен умерен раст на дел од ценовните категории на месечна основа. Месечната динамика на инфлацијата од почетокот на годината главно произлегува од цените на храната и енергетската компонента, додека базичната инфлација има неутрален придонес. Воедно, и годишната динамика на базичната инфлација е релативно стабилна, при што во февруари беше забележано и одредено забавување. Во однос на инфлациските очекувања, во рамките на февруарските анкети на Европската комисија за очекувањата на потрошувачите преовладуваат очекувања за посилно намалување на цените во следниот период. Последните проекции за берзанските цени на примарните производи за следниот период се променети претежно во нагорна насока, што упатува на ризици и потреба за внимателност.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви, на крајот на февруари, изнесува 4.861,3 милиони евра, што е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Промената кај девизните резерви од почетокот на годината е близу до очекувањата за првиот квартал на 2025 година. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во јануари 2025 година засега е малку понизок во споредба со очекувањата за првиот квартал од октомврискиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со февруари 2025 година упатуваат на поумерени нето-приливи од приватните трансфери, во споредба со проекциите за првиот квартал. Остварениот дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања во четвртиот квартал од 2024 година е незначително повисок од очекувањата во согласност со октомвриската проекција, при истовремено повисоки остварени нето финансиски приливи во однос на очекувањата, особено кај директните инвестиции.
Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во март беше донесена одлука за намалување на каматните стапки за по 0,25 п.п., под влијание на согледувањата за движењето на инфлацијата и силината на преносот на монетарните сигнали во еврозоната.
Економскиот раст, во последниот квартал на 2024 година, благо забрза и достигна 3,2%, што е речиси идентично со проекциите на Народната банка. Просечниот раст остварен за целата 2024 година изнесува 2,8% и е повисок од очекувањата, при нагорни ревизии во податоците за првата половина на годината. Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал од 2025 година во моментов се ограничени за попрецизни согледувања. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со брзината и обемот на остварување на домашните инфраструктурни проекти.
Во монетарниот сектор, депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст, коишто и натаму се повисоки од очекувањата за првиот квартал од годината, укажувајќи на поголема кредитна поддршка на економијата од очекувањата.
Општо земено, последните остварувања кај клучните макроекономски показатели, како и согледувањата во однос на нивната идна патека, наметнуваат натамошно внимателно водење на монетарната политика. Ризиците поврзани со надворешното окружување и натаму постојат и добиваат на интензитет, додека внимателно се следат и домашните фактори коишто можат да влијаат врз побарувачката и ценовната динамика во наредниот период. Оттука, водењето внимателни макроекономски политики ќе биде приоритет и во иднина. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и ценовната стабилност на среден рок.
Економија
Димитриеска-Кочоска на министерскиот состанок во Подгорица посветен на мерки за елиминирање на недозволената трговија со тутунски производи во Западен Балкан

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска и утре ќе учествува на министерскиот состанок во организација на Светската здравствена организација, посветен на елиминирање на штетните влијанија од употребата на тутун.
На состанокот на високо ниво учествуваат министри и заменици министри за финансии на земјите од регионот, претставници на Свеската здравствена организација и Eвропската комисија, Обединетото Кралство, Словенија, Светската банка, Светската царинска организација, Организацијата за економска соработка и развој, како и претставници на академската заедница.
Целта е да се подигне свеста за проблемот со нелегалната трговија со тутун и за нејзиното влијание врз даночната администрација, здравјето и одржливиот развој, за потенцијалот на земјите во справувањето со нелегалната трговија со тутунски производи, а воедно и да се споделат искуства во справувањето со овој проблем.
Економија
„Сетек денови“ – со 70 отсто попусти

Наскоро започнува најголемата акција на Сетек – сè од техника, најпосетуваните Сетек Денови каде попустите стигнуваат и до 70%!
„Сетек Денови“ е акција каде љубителите на најпознатите брендови, на едно место можат да видат и да одберат се што сакаат и се што им е потребно од техника, по најниски цени.
Во сите салони на Сетек низ Македонија, следува огромен избор на производи од бела техника, фрижидери, телевизори, компјутери,лаптопи, се од ИТ, мобилни, смартфони, голема палетана додатоци, мали апарати, гејминг опрема, опрема за фитнес, мали и големи апарати и многу повеќе.
Акцијата која ќе трае до 15 март, дава можност за многу поволности како на цените, така и на изборот на производите. Салоните во овој период стануваат зборно место за техника, а веб страната www.setec.mk најпосетуваното место за online продажба.
Искористете ја можноста, дојдете во Сетек и купете најмногу техника, со најниски цени.
Компанијата Сетек, како лидер на пазарот, повеќе од 30 години, во континуитет ја развива својата мрежа и стратегија за блискост со купувачите.
Со мрежа од 32 различни локации, модерно опремени салони и премиум продавници, вклучувајќи ја и онлајн продавницата, Сетек е достапен до секој љубител на современата техника.
Покрај актуелната акција, Компанијата, во континуитет нуди и услуги за полесен пристап и поголема можност за корисност на купувачите, како лојална програма, кешбек, премиум достава, можности за кредитирање, рати без камата и многу експертски услуги за правилен избор и долготрајна употреба.
Сепак, обожавателите на техника најмногу ја чекаат акцијата СЕТЕК ДЕНОВИ, кога буквално СÈ СЕ КУПУВА!
ПР